Претседателот Ѓорге Иванов во Каиро имаше средба со претседателот на Египет, Абдел Фатах Ал–Сиси, на која, барем според официјалното соопштение, меѓу другото се разговарало за разузнавањето, како и за „електронското војување и сајбер одбраната“.
Ако се знае дека во исто време во Скопје почна судењето за случајот „Тврдина“, нема сомнежи дека Иванов имал што да го подучи колегата Ал-Сиси за македонските искуства во „сајбер одбраната“. Упатените велат дека Ал-Сиси останал со подзината уста и се скаменил како свинга кога Иванов му ги кажал малите тајни на врвните мајстори во разузнавањето и особено во сајбер одбраната.
За отстранување мозок во медицината постои израз – децеребелација. Различно е од десоросоизацијата, но целта се сведува на исто – да ви го извадат мозокот!
– Кога ќе се најдете под закана од откривање на сѐ што сте прислушувале за време на разузнавањето, пристапувате кон сајбер одбрана – му рекол Иванов на колегата од Египет.
– Како тоа? – прашал Ал-Сиси.
– Системите и опремата со товарни возила, сопственост на полицијата, ги носите во правно лице кое има отпад за старо железо. Откако целата опрема и системи се ставени во пресата за ништење и пресување, остатоците мора да бидат избалирани. Потоа се товарат балираните делови и се упатуваат во друго правно лице, каде што се ставаат во дробилка…
– Во дробилка?
– Да, да, звучи шашаво, но функционира. И потоа повторно се дробат.
– И тоа е сѐ?
– А не, има и други фази потоа, аболирање на сторителите, украсување со сваровски на судијките и слично, ама за тоа другпат ќе ви расправам, да не ме чека Маја во хотел.
Малку посрамен што не ги знае овие најсовремени технологии на сајбер војување, Ал-Сиси инсистирал и тој да се покаже дека и во Египет знаат по нешто, иако помлада цивилизација од македонската, па се понудил да му открие на Иванов како се прави мумификација.
– Работата за да биде завршена како што треба – рекол Ал-Сиси – потребно е да се вложат многу вештини и трпение во балсамирањето и мумификацијата. Откако телото на починатиот ќе се измие во вино, мозокот се извлекува низ нос, со помош на кука. Потребна е голема вештина ова да се изведе на правилен начин. Главата треба да остане нечепната, а мозокот да биде изваден.
– И тоа е сѐ?
– А не, има и други фази потоа: сушење, премачкување, завиткување на телото, а исто има и украсување со скапоцени камења на посмртната маска, ама за тоа другпат ќе ви расправам, да не ве чека Маја во хотел.
Извори од двата кабинета велат дека претседателите биле презадоволни од разменетите искуства. Особено Иванов, кога сфатил дека првата фаза од мумифицирањето ние ја имаме усовршено и сме подготвени за вечен живот.
А дека навистина имаме егземплари со веќе завршена прва фаза мумификација не сведочи само случајот „Тврдина“ туку и начинот на кој тоне македонскиот „Титаник“. Наместо капетанот да ги замоли патниците да го напуштат бродот што тоне, како што би било разумно, тој испраќа СОС сигнали со обратна порака – што повеќе луѓе да се качат на бродот за да потонат заедно со него.
Сите имаме семејство. Сите сме егзистенцијално загрозени. Ама, извинете, не сме дозволиле сите со кука преку носот да ни го извадат мозокот
Палубата на македонскиот „Титаник“ е полна со луѓе подготвени да потонат заедно со својот пастир. Некои за тоа зеле пари, некои му станале клиенти за поситни или покрупни бенефиции, а има и такви кои доброволно ја поминале првата фаза од мумификацијата убедени во вечниот живот на режимот. Сеедно.
Кога патувате со брод, најевтината опција ви е да земете столче на палубата. Ова седиште се нарекува полтрона. Слично се нарекуваат и луѓето што ги исполнија седиштата на македонскиот „Титаник“ – полтрони.
И сега во името на пастирот ни испраќаат некакви СОС сигнали. Иако нивната Морзеова азбука добро ја научивме изминативе десет години, полтроните од „Титаник“ повторно нѐ убедуваат дека не го спасуваат пастирот, ами ја спасувале Македонија. Од кого? Од Сорос!
Се разбира дека од јавноста се очекува да се откаже од својот мозок и да поверува оти Сорос е виновен за сѐ во Македонија. Сорос украде пет милијарди долари од граѓаните, Сорос земаше провизии од секоја зделка, Сорос отвораше оф-шор фирми во Белизе и на други рајски острови, Сорос нѐ направи рекордери по смртност на новороденчиња, Сорос отсели четвртина држава, Сорос затвораше новинари и медиуми, Сорос создаде 500.000 сиромашни, Сорос го смисли „Скопје 2014“ сосе галиите и Панорамското тркало од 20 милиони евра, Сорос криеше убиства, на Сорос му загинаа десетици граѓани од три часа пороен дожд… И конечно, Сорос ни ги нервира новинарските полтрони на режимот и не им дава спокојно да ги живеат субвенциите и да ја чекаат втората фаза од мумификацијата.
Најголем процент од луѓето СОС ги асоцира на изразите „Save Our Ship“ (Спасете ни го бродот) или Save Our Souls (Спасете ни ги душите). Во нашиов случај, искрено се надевам дека бродот нема да биде спасен и дека за некое време ќе биде „олупина“ на дното на историјата. Што се однесува до душите, тие секако не можат да ви бидат спасени.
Некои од тие полтрони во момент на искреност ќе ви признаат дека не ја спасуваат Македонија туку некој свој ситен личен бенефит. Но, тоа ќе го обвиткаат како египетска мумија со завојот на нивната егзистенцијална судбина. Па ќе го чуете и глаголот „морам“.
Имаше еден виц на времето. Отишле Обама и Путин да разговараат на Нијагарините Водопади (за да ја искористат бучавата и да не можат да ги прислушуваат странски служби со жолти комбиња). И си правеле така муабет крај водопадите, кога им паднала идеја да ги тестираат посветеноста и лојалноста на нивните телохранители.
Некои полтрони во момент на искреност ќе ви признаат дека не ја спасуваат Македонија туку некој свој ситен личен бенефит. Но, тоа ќе го обвиткаат како египетска мумија со завојот на нивната егзистенцијална судбина
Го прашува Обама својот бодигард Џон дали би скокнал за него во водопадот. Не можам, господине претседател, имам семејство, одговорил Џон. Потоа Путин го прашал својот телохранител Сергеј дали би скокнал, а овој наместо да одговори – скокнал. Го спасиле некако Сергеј да не падне во водата, а потоа го донеле кај двајцата претседатели. Обама со зачуденост го прашал зошто го направил тоа, а Сергеј ја наведнал главата и го дал истиот одговор како Џон: Имам семејство, господине претседател.
Сите имаме семејство. Сите сме егзистенцијално загрозени. Ама, извинете, не сме дозволиле сите со кука преку носот да ни го извадат мозокот.
Македонскава манџа како да не беше доволно зачинета со апсурд, па недостигаше и овој последниов сос. Тој не е ниту благ, ниту лут, ами луд и по малку киселкаст како фацата на Иванов и фараонот кога си го предаваа мандатот. Тој луд и киселкаст сос е наш мал придонес во светското политичко кулинарство, кое и без нас станува сѐ позамрсено.
Веројатно сега Иванов ќе го сподели рецептот за овој сос со некој странски државник. И треба. Нема веројатно сите само за сајбер одбрана да ги подучува.
Да, тоа што Иванов не го разбра во Египет (брзаше во хотел) е дека е многу важно со каков сос се балсамира мумијата. „Јебига, дечки“, нема добра мумија со лош сос. Ќе ви се распадне.
А не разбра и нешто уште поважно. Во втората фаза се вадат и останатите внатрешни органи. Единствениот внатрешен орган што се остава во телото при мумификација е срцето. Се сметало дека тоа ќе му треба на покојникот за во задгробниот живот да сведочи за неговата добрина.
За отстранување мозок постои израз во медицината – децеребелација. Различно е од десоросоизацијата, но целта се сведува на исто – да ви го извадат мозокот. Или барем да престанете да го употребувате. Се разбира дека ваше е да пружите отпор и да не се откажете од својот мозок. Но, за да победите во таа битка, треба да имате и срце. Не е лесно да се урне режим, ама има формула – мозок во глава и срце на терен.
За кого? За Македонија!