Интелектуалната (новинарска) мрза не е ендемска појава и некаков исклучок туку пандемична болест на македонското новинарство. Мрзата, па и онаа интелектуалната, ја има таа особина да нараснува со нејзиното практицирање: колку повеќе се излежувате, толку повеќе ви се излежува; колку повеќе ви се излежува, толку повеќе и подолго сте превртени на грб.
„Заменик претседателот на владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими денеска со претставници на секретаријатот за европски прашања ќе има средба со министерот за правда Аднан Јашари. Посетата на министерството за правда се реализира за натамошно следење на имплементацијата на итните реформски приоритети кои се во надлежност на министерството за правда во делот на правосудството, борбата против корупцијата и слободата на изразување и медиуми. “ – вака буквално гласи една од вестите што пред некој ден беше лиферувана преку повеќе македонски медиуми.
Првин, веста е во целосен јазично-правописен хаос, а потоа и во целосен општ хаос. Но, што говори оваа вест, која ѝ е функцијата и со што, господи, заслужила да се најде во македонскиот информативен простор, па и во овој текст?
Тоа е протоколарна вест? Не е, се разбира, затоа што под протокол не се подразбира ако некој, па макар тој бил министер или вице-премиер, си ја врши работата за која е платен. Особено ако е платен од државни, буџетски, односно наши пари. Бидејќи претпоставка е дека координацијата (комуникацијата) меѓу членовите на владиниот кабинет е активност што се врши на дневна основа, а не медиумски настан.
Во случајов не само што станува збор за членови на истата Влада туку и за сопартијци кои во името (програмата, политиката) на својата партија партиципираат во таа Влада, па на некој начин се претпоставува дека имаат заедничка (иста) платформа за дејствување, вкучувајќи ги и „реформските приоритети … во делот на правосудството, борбата против корупцијата и слободата на изразување и медиуми“.
Тоа е важна вест? Не е, се разбира, затоа што не само што не кажува ништо битно или ништо што може на кој било начин да влијае врз нашите животи (што е една од базичните дефиниции за вест) туку воопшто не кажува ништо.
На крајот од краиштата, „имплементацијата на реформите“ е веројатно најчесто употребуваната синтагма во политичкиот говор од времето на Александар Велики па до денес, а Владата на која ѝ припаѓаат гореспоменатите ликови милува да се претставува како најреформската од сите реформски влади.
Ова е пропаганда? Не е, се разбира, затоа што не ги задоволува основните постулати на пропагандата: нема за цел никого да убеди во ништо, не претерува во пофалбите на успесите, нема кампањски карактер и не служи за величање на ликовите и делото на спомнатите министри.
Информација од јавен интерес? Не е, се разбира, затоа што јавниот интерес не го опфаќа делот на рутинско обавување на работните задачи на јавните службеници. Имено, целосно исто би било кога медиумите секој ден би објавувале дека вице-премиерот Бесими дошол на своето работно место, на пример.
Па, што е ова, по ѓаволите? Ова е резултат на очигледната некомпетентност и интелектуалната мрза на некоја од владините служби за информирање (владина или министерска), односно на загрижувачкото непознавање на информативниот сообраќај во јавниот простор. Но, јасно, тоа е помалиот проблем во целата приказна. Поголемиот е што истата таа некомпетентност и интелектуална мрза ја покажуваат медиумите, кои сосема некритички и без вклучување каква било мозочна активност ја транспортираат оваа информација во видокругот на јавноста.
Загрижувачкиот дел од приказната за веста која не е вест е дека веста што овде ни служи како пример, не е преседан, не е единствена и не е невообичаена. Тоа значи дека спомнатата интелектуална (новинарска) мрза не е ендемска појава и некаков исклучок туку пандемична болест на македонското новинарство. Мрзата, па и онаа интелектуалната, ја има таа особина да нараснува со нејзиното практицирање: колку повеќе се излежувате, толку повеќе ви се излежува; колку повеќе ви се излежува, толку повеќе и подолго сте превртени на грб
Значи, ова е убав пример преку кој може да се илустрира состојбата во македонскиот медиумски простор: копи-пејст новинарство, објавување на сѐ и сешто, без никакви филтри и скрупули, некритичко преземање на секоја информација што ќе стаса од некаков авторитарен центар, односно следење на авторитарноста, а не на авторитетноста итн.
Со други зборови, традиционалните вредности на новинарството, првенствено веродостојноста, објективноста и битноста се заменети со квантитативни вредности: број на објавени наслови и нивна читаност, односно отворање на веб страниците.
И ова, велиме, не би било толку лошо ако овој тип новинарство не создаваше целосно некомпетентна и интелектуално мрзлива публика. Или, најблаго речено, неинформирана јавност. Публиката, едноставно, е ставена во менгеме: или и таа некритички ќе ги прифаќа (за)дадените вести или нема воопшто да ги чита, што на крајот од денот се сведува на исто.
Целиот овој пејзаж, надополнет со „гранд паради“, „биг брадери“ и турски мастодонтски серии доведува до состојбата до која што доведува, односно до дереџето во кое се наоѓаме ние. А оваа состојба, што е најстрашно во целава приказна, го предизвикува вице-премиерот да го посети својот сопартиец, министерот за правда за „натамошно следење на имплементацијата на реформските зафати во … слободата на изразување и медиумите“. А потоа некоја мрзлива служба да состави соопштение кое ќе им го проследи на мрзливите медиуми, кои тоа некритички, по принципот копи-пејст, ќе го објават, со што ќе додадат уште едно камче во монументалната општествена структура на мрзата… И така натаму.