Густа магла се надви над Македонија. A основната карактеристика на маглата е намалената видливост. Намалената видливост, пак, предизвикува погрешно или отежнато расудување, тешко пронаоѓање на вистинскиот пат, склоност кон заскитување… Со еден збор, маглата ја има таа особина да ги замаглува работите, да го отстрани секое чувство за визија.
Еве, на пример, маглата со мигрантите и „војната“ со собраниските резолуции ја доживеа својата кулминација, да не кажам катарза, така што највисокиот законодавен дом донесе Резолуција за „осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, во која, меѓу другото, се утврдува дека „со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови“ (!).
Вистини и лаги
Само не е јасно зошто Собранието застана на дезинформациите врзани за мигрантите? Зошто не ја прошири резолуцијата и за дезинформациите во другите области? На пример, да ги осуди сите оние што се сомневаат во тоа дека сме трета држава во Европа според економскиот раст? И во таа смисла шират најразлични шпекулации, чија цел е да се вознемири јавноста, која, ете, не може да ужива во „златната доба“ на македонската благосостојба.
Или зошто не ги осуди сите оние што се осмелуваат да го стават под сомневање фактот дека Скопје дише почист воздух од Виена? Или зошто не ги осуди оние што тврдат дека граѓаните се иселуваат од Македонија, наместо да зборуваат дека нашите емигранти масовно и доброволно се враќаат во земјата. Опиени, веројатно, од грандиозните успеси во запирањето на илегалната миграција.
А тука е и фактот (ако ѝ се верува на владата, а гледаме дека нема никакви причини за неверување) дека имаме околу 18.000 испразнети работни места. Па, како ќе ги пополниме, ако сме ја спречиле илегалната миграција да влезе во земјата? Секако, така што ќе се вратат нашите некогашни сограѓани. Кои едвај чекаат да дишат почист воздух од оној во Виена.
Лично мислам дека по оваа резолуција, Европската Унија под итно ќе нѐ прими во своите редови. Па, со години, цела Европа, да не кажам целиот свет, се бори против дезинформациите и политичките манипулации преку лажните вести. Борбата против дезинформациите влегува во образовните програми. Се прават широки акции за функционално описменување на населението. И пак без успех.
Очекувам, значи, Македонија под итно да добие покана за ЕУ, токму за да го пренесе своето „ноу хау“ во борбата против лажните вести. Конечно, ние сме, колку што знам, земјата која вака елегантно го решила овој навидум нерешлив проблем, речиси како Александар Македонски што го разреши јазолот во Гордион – со едно ливче хартија, наречено „Резолуција“, и, оп, престанаа шпекулациите, манипулациите, дезинформациите и лажните сценарија. Веќе ни британските медиуми не пишуваат за можното префрлање на британските мигранти во Македонија.
Ете, тоа се вика резолуција со која се става крај!
Се разбира дека Собранието многу добро знае кој ја шири маглата со дезинформациите. Јасно, тоа е опозицијата. Следствено, сите оние што се идентификуваат со власта, се разумни и се функционално писмени, потврдувајќи го тоа со исправната верба во нејзините ставови.
Не е јасно зошто е таргетирана само опозицијата? Зошто не се прошири списокот, на пример, на некои интелектуалци, можеби на некои уметници или новинари. На некои што, ете, можеби се толку неумерени во сопственото его, што дури и ќе помислат дека имаат некаква моќ за сопствено расудување.
Значи, мигрантите не се и не биле проблем ниту за позицијата, ниту за опозицијата. Тие се само магла што, како и секоја магла, ја намалува видливоста на светот околу нас. Тие се магла што овозможува наметнување на еден општествен модус на владеење, нешто што носи карактеристики на тоталитаризам.
Баналноста на злото
А, сега нешто сосема поинаку. Нешто што нема врска со мигрантите, ама има врска со густата магла што се шири околу нас. Деновиве, поточно на 4 декември, светот, или барем еден дел од светот ја одбележа 50-годишнината од ненадејната смрт на Хана Арент, меѓу другото, една од најважните теоретичарки на тоталитаризмот. Ден по смртта на нејзината машина за пишување беше пронајден лист хартија со испишан само еден збор „Судење.“
Да, Арент стана глобално позната токму како известувач на „Њујоркер“ од судењето на нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман во Ерусалим, а потоа и по нејзината фамозна книга „Ајхман во Ерусалим – извештај за баналноста на злото.“
Арент не го опишува Ајхман како некаков монструм или демон. Напротив, таа го гледа како еден обичен бирократски апаратчик, човек што не покажува ниту садизам, ниту омраза.
„Само ги следев наредбите“ е фразата што најчесто ја повторува на судењето. Арент го опишува Ајхман како „очигледно непромислен човек“, кој не е во состојба да влезе во туѓа кожа или да ги сфати страдањата што ги предизвикува неговата германска ефикасност.
Арент не вели дека холокаустот е баналност. Напротив, холокаустот е длабоко вознемирувачка појава, која може да произлезе, не од свесната злоба или од намерната перверзија, туку, едноставно, од отсуството на промислувањето. Ајхман е опасен токму затоа што престанал да размислува, што го замолчил оној внатрешен дијалог што нѐ тера да се прашаме: Што правам јас? Можам ли да живеам со себеси по ова?
Ајхман, вели Арент, ја заменил човечката способност самиот да расудува, без да се фати за некоја рака што ќе го води, со послушност и механичко следење на правилата. Кај него нема одлуки, совест, промислување… само повторување и подложност на државниот авторитет. А тоа, открива Арент, е поопасно од кое било намерно зло. Таа баналност на злото може да се шири како епидемија. Само треба да прекинеме да промислуваме, да го согледуваме светот од повеќе перспективи, а притоа да не ја изгубиме моќта на сопственото расудување.
Без тоа расудување, лесно ќе прифатиме кога извесен оџа ќе прогласи крај на корона-епидемијата. Или кога извесно собрание ќе прогласи крај на дезинформациите, шпекулациите и лажните сценарија. Или дека мигрантите се најголемото зло што може да ја снајде Македонија. Или дека целта на опозицијата е да го подрие системот. Од тука до општественото зло е еден чекор. Чекор што лесно се поминува.
Затоа верувам дека тестаменталниот збор на Хана Арент, тоа „судење“, всушност, се однесува на сите нас, да не заборавиме да просудуваме.
„Магла секаде, магла околу нас, предоцна е, залудно е, сѐ е подлабок јазот“, пееше своевремено Јосипа Лисац. Нејзината песна е љубовна, ама стиховите се универзални.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












