Македонија до Индија

Кога прочитав дека Индија ќе го смени своето име во Бхарат, првата реакција ми беше – терање сеир. Веднаш си помислив дека сега околу милијарда полнолетни жители на планетата Земја, инаку државјани на досегашната Индија, ќе мора да менуваат лични карти, пасоши, возачки дозволи…

Па, си замислив како не можат да добијат термин, како им паѓа компјутерскиот систем, како им се расипуваат дигиталните фотоапарати и други појави толку вообичаени за вакви сложени процеси, како што е закажување термин за фотографирање.

Во тој наплив на сожалување за индискиот народ и маките што му следат, сепак видов зрак светлина. Колку што знам, со Индија имаме добри односи. Дури и да не се не знам колку добри, лоши сигурно не се. Ете, шанса да ги испробаме вештините на нашата дипломатија. И да ги замолиме Индијците, или како веќе сега ќе се нарекуваат, кога ќе ја изведуваат таа сложена операција на промена на личните документи, да ги фотографираат и овие кутри милион луѓе од тука. Може и во некое предградие на Доха. Та, белки Александар Македонски уште на времето не одел бадијала до Индија во слична дипломатска мисија. Плус и нашите љубители на БРИКС ќе бидат среќни и задоволни.

Но, навистина, каква мака имала или има Индија да си го менува името на стари години? Не се граничи со Грција, никој не им ги оспорува бројните јазици што ги зборуваат, никој не им го распродава идентитетот… И како отсега ќе го нарекуваме индискиот потконтинент, Индокина, Индонезија…? Дали сега ќе учиме дека Колумбо ја открил Америка, пловејќи кон Бхарат? Дали во вестерн филмовите од моето детство се тепаа каубојци и Бхаратјани? Што правиме со албумот „Каубојци и Индијанци“ на Влатко Стефановски? Ќе се прават ли ревизии на историските учебници, каде што секаде по правило се споменува Индија, а не Бхарат?

Но, за што, всушност, станува збор?

Погодувате, за идентитетот! Само што овојпат конзервативно-националистичката влада на премиерот Нарендра Моди тврди дека „Индија“ е име што асоцира на „колонијалното“ наследство, додека санскритското име „Бхарат“ е прашање на националната гордост.

Иако и претходно постоеја апели од партијата на Моди Бхаратија Јаната (БЈП), како и од некои влијателни хиндуски националистички организации, за отфрлање на името „Индија“, светската јавност обрна поголемо внимание на ова прашање дури кога индиската претседателка Дроупаду Мурму неодамна ги покани учесниците на самитот на Г-20, што годинава се одржа токму во Индија, на официјална вечера, потпишувајќи се на поканата како претседателка на Бхарат. Проценката е дека самитот на Г-20 е прекрасна можност да се промовира новото име.

За волја на вистината, Бхарат не е ниту ново име, ниту непознато за светската јавност. Во првиот член на индискиот Устав, усвоен уште при добивањето на независноста, е запишано: „Индија, односно Бхарат, е сојуз на држави…“, што значи дека Бхарат е подеднакво уставно име, како што е и Индија, и во таа смисла нема ништо необично во неговата употреба.

Од друга страна, Индија сѐ уште не го пријавила новото име во Обединетите нации, а дали тоа ќе го направи, ќе се знае уште кон крајот на овој месец за кога е закажана повеќедневна вонредна седница на нивниот Конгрес. Во Конгресот, партијата на Моди има убедливо мнозинство, па ако навистина се решат за отфрлање на името „Индија“, тогаш тоа лесно можат да го изведат.

Името „Бхарат“, како што рековме, е санскритската верзија на Индија. Санскрит е јазикот на античките Хиндуси, денес практично мртов и надвор од секојдневна употреба. Меѓутоа, тој сѐ уште се користи при венчавки и верски обреди и секако е значаен за индиското културно наследство, затоа што на него се напишани најважните индиски антички ракописи. „Ведите“, на пример, каде што името „Бхарат“ се споменува.

Бхарат доаѓа од името на митскиот индиски крал Бхарата (или ако сакате Махабхарата, како што е насловен и оној славен индиски антички еп). Поточно, античките Хиндуси се сметале себеси за потомци на Бхарата, па оттаму и името на земјата во која живееле.

Да ги замолиме Индијците, или како веќе сега ќе се нарекуваат, кога ќе ја изведуваат таа сложена операција на промена на личните документи, да ги фотографираат и овие кутри милион луѓе од тука. Може и во некое предградие на Доха

Но, и името „Индија“ има свое античко потекло и, едноставно, не е точно дека е наметнато од некогашните британски колонијални власти. Во секој случај не е Цејлон (Шри Ланка), Горна Волта (Буркина Фасо) и ред други колонизирани држави. Добиено е од името на најдолгата и најважната река во Азија, реката Инд (односно Хиндус или Индус). Санскритското име на Инд е Синду. Персиските освојувачи, оваа река ја именуваат практично според еквивалентот во персискиот јазик – хинду. Античките Грци, во согласност со својот јазик, ја именуваат во Индос, по што целиот тој регион подоцна го добива името „Индија“, а луѓето што живеат таму се нарекуваат Индијци.

Политичките аналитичари тврдат дека форсирањето на „Бхарат“ наместо „Индија“ е всушност потег првенствено наменет за внатрешна потреба, а не толку за меѓународна употреба. Имено, Моди е премиер од 2014 година. Следната година треба да се одржат парламентарни избори, на кои партијата на Моди за првпат ќе се соочи со обединета опозиција, која има јасна политичка програма.

Во последната деценија, политичката опозиција во Индија беше прилично разединета, што на Моди му овозможи практично неограничена и прилично авторитарна власт. Со будењето на „патриотската“ свест кај Индијците, Моди се надева дека повторно ќе има апсолутно мнозинство во Конгресот.

Се чини дека ние со промената на името од Република Македонија во Република Северна Македонија како да повлековме нога.

Во јануари 2020 година, владата на Холандија ќе направи цела кампања за ребрендирање, односно отфрлање токму на името Холандија (Holand) за сметка на Нидерлендс (The Netherlands). Холандската влада тврди дека ова име подобро ја претставува земјата како отворена, модерна и инклузивна. Има само еден мал проблем: тешко дека во македонскиот јазик ќе се најде соодветен еквивалент за Нидерлендс, како што е тоа случај во хрватскиот јазик (Низоземска).

Наспроти Холандија, случајот со Чешката Република за нас е многу поедноставен. Чешка, наместо официјалното име (Czhech Republic), иако официјално не е променето, ја преферира скратената верзија Чехија (Czhechia), што е еквивалент на нашето Чешка, токму онака како што и досега ја викавме. Чешкиот претседател Милош Земан, во 2019 година ќе изјави дека го употребува името Чехија „затоа што звучи поубаво и пократко од ладното Чешка Република“.

Наспроти тоа, тешко ќе се навикнеме на минатогодишното ребрендирање на Турција (Turkey) во Туркие (Türkiye). Минатата година, Турција ги извести Обединетите нации дека земјата отсега би требало да се именува како Туркие на сите светски јазици. Според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, името Туркие најдобро ги претставува и одразува културата, цивилизацијата и вредностите на турската нација, додавајќи дека е секако подобро „отколку име на некоја птица“.

Во секој случај, сеирот си останува. Или барем утехата. Не сме саде тука и не сме сами. Ете, од Македонија до Индија човештвото се соочува со „губењето“ на сопствениот идентитет. Некоја идентитетска епидемија нѐ зафатила.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија