Македонија нема разбирање за „свиркачите“

Колумна на Раду Котики

Регионалниот совет за соработка неодамна објави студија во која се проценети ставовите на граѓаните за укажувањето, бидејќи се покажа дека тоа е еден од најефикасните начини за разоткривање и борба против криминалот и корупцијата. Така се конципирани новите закони за заштита на укажувачите во целиот регион на Југоисточна Европа.

Анкетата опфати 7.000 лица на Западен Балкан, а нивните ставови за укажувачите се мерени врз основа на збир од клучни прашања, меѓу другото и за прифатливоста на укажувањето, како најдобар начин да се стори нешто против незаконитостите, како и за ставовите за користење на медиумите и интернетот за разоткривање на прекршувањата на законите.

Jавноста не ѝ придава важност на улогата на укажувачите

Анкетата покажува многу мала поддршка кон „свиркачите“ и кон самата практика на укажување во Република Македонија. Овие резултати покажуваат дека јавноста не смета на улогата на граѓаните во пријавувањето на криминалот и корупцијата од големи размери.

Меѓу сите земји на Западен Балкан најмалку симпатија и поддршка за укажувачите на корупцијата и криминалот има во Македонија. Една третина од испитаниците дури и би ги казниле популарно наречените „свиркачи“ – покажа голема анкета на Регионалниот совет за соработка. Тоа е најдобар доказ дека јавната свест за ова прашање сѐ уште е мала

Во однос на регионалниот просек во Македонија многу помалку луѓе – само 41% – изјавија дека треба да се поддржат оние кои пријавуваат потешки прекршувања на законот преку откривање интерни информации од своите организации. Триесет проценти пак, навеле дека дури треба да се казнат оние кои тоа ќе го сторат. Тоа е речиси дупло повеќе од регионалниот просек и значително повеќе од која било држава на Западен Балкан. Освен тоа, само 36% од анкетираните изјавиле дека би чувствувале лична обврска да пријават незаконитости во својата организација, што е многу под регионалниот просек.

Овие резултати укажуваат на голема потреба за спроведување дополнителни и значителни едукации на јавноста, со цел граѓаните да се информираат за својата улога во борбата против корупцијата и од страна на власта, но и во претпријатијата, а особено за улогата на укажувачите во целиот процес.

Што се однесува до сомневањата околу значењето на укажувањето, речиси половина од испитаниците – значително над регионалниот процес – не знаеле да кажат дали раководството сериозно го сфаќа прашањето на заштита на укажувачите, дали се сигурни дека пријавата би имала ефект и дали чувствуваат лична обврска интерно да ги пријават незаконитостите.

Други анкети овозможуваат дополнителен увид за овие прашања. Анкетата што ја спроведе Траспаренси Интернешнел во 2013 г. покажа дека 61% од граѓаните на Македонија веруваат дека обичните луѓе можат да имаат влијание во борбата против корупцијата. Општо гледано, граѓаните се подготвени да се вклучат во борбата против корупцијата, но многу се плашат од одмазди и негативни реакции.

Според анкета што ја спроведе Транспаренси Интернешнел – Македонија во 2015 г., 72% од вработените во приватниот сектор и 69% од вработените во јавниот сектор навеле дека веруваат оти ќе имаат последици доколку би пријавиле незаконитости на своето работно место. Овие бројки се совпаѓаат со последната анкета според која само 35% од лицата изјавиле дека раководителите сериозно го сфаќаат прашањето на заштита на свиркачите.

Со овие околности јасно е дека треба да се поддржат организациите во изработка и унапредување на политиката за заштита на укажувачите и борбата против одмазда.

Митото и корупцијата не се гледаат како значителни проблеми

Истовремено, други наоди покажуваат дека испитаниците имаат многу позитивен став кон напорите на своите влади  во правец на борба против корупцијата и кон нивните граѓански права. Кога овие резултати ќе се земат предвид, еден од можните заклучоци би можел да биде дека луѓето во Република Македонија генерално се задоволни од јавните институции и дека затоа не чувствуваат потреба или желба да пријават незаконитост. Истовремено, многумина сметаат дека митото е всушност подарок и дека затоа не чувствуваат потреба да пријават поткуп.

Дури една третина од испитаниците сметаат дека укажувачите на корупција треба да бидат казнети, што е највисок просек меѓу земјите од Западен Балкан

Според резултатите од анкетата што е спроведена во седум балкански земји во 2013г., преку 20% од лицата што давале мито во Република Македонија, навеле дека најважна причина за непријавување на нивното искуство е тоа што таквата постапка ја сметале како знак на благодарност. Овој процент е еден од највисоките во регионот.

Овие наоди покажуваат дека граѓаните не сметаат оти митото и корупцијата претставуваат значајни проблеми, што воедно би можело да биде објаснување за очигледниот недостаток на поддршка кон „свиркачите“. Културниот контекст е важен во оваа проценка.

Еден од најсилните закони за заштита во ЈИЕ

Во ноември 2015 г., Македонија усвои еден од најсилните закони за заштита на укажувачите во регионот на Југоисточна Европа (ЈИЕ). Овој закон ги опфаќа сите вработени во јавниот и приватниот сектор и во него се содржани многу меѓународни стандарди и принципи.

Сѐ уште не се знае како функционира новиот закон во практика, но се надеваме дека надлежните преку споредување на ставовите на граѓаните околу укажувањето, за предностите и недостатоците на политиката околу заштита на укажувањето во оваа земја, ќе успеат да ги идентификуваат клучните области што треба да бидат унапредени.

Целосната анализа на податоците од анкетата на јавното мислење околу „свиркањето“ и заштитата на „свиркачите“ можете да ја преземете од интернет страницата на Регионалниот совет за соработка.

Авторот е член на Регионалниот совет за соработка со седиште во Сараево.Редакцијата на „Призма“ го поседува оригиналниот текст од експертот на РЦЦ, д-р Котики кој е напишан на англиски јазик