Мали дози и големи супермени

Лончињата повторно се измешаа. Парламентот е деблокиран, ама по цена уште еднаш (по којзнае кој пат досега) да се претстави како законодавно џуџе, со доделена улога да биде подизведувач на работите произлезени од параинституцијата „лидерска средба“.

Земјата досега имаше неколку кризи, чие решавање помина низ истиот коридор, и секогаш со назнака дека отсега, па натаму патот за решавање на проблемите треба да поминува исклучиво низ институциите. Тоа до денес не го дочекавме.

Не знам како пратениците се учеле на дијалог низ процесот „Жан Моне“, ама досега не видовме на дело да профункционира ниту една алатка во областа на парламентарната медијација.

Она што во моментов го очекуваат граѓаните, не е дa сведочат нa занимавање со будалштини од секаков вид, еднократни скандали и лажни вести  туку некој да воспостави приоритет во точките од јавен интерес

Па, зошто ни е парламент, ако пратениците се кријат по канцеларии и ходници за да не им обезбедат кворум на опонентите што имаат тенко мнозинство? Небаре парламентот постои за мнозинството, а не заради интересите на граѓаните што ги избрале пратениците.

Зошто ни е парламент, ако дијалогот не се одвива со разум и аргументи, туку со условувања и уцени од типот „со амандмани ќе ги  блокираме другите закони, ако не го гласате нашиот предлог-закон?“

И кога на крајот ќе заглават во ќор-сокак со комплетна блокада, знаеме што следува – на сцена истрчуваат партиските лидери, вечните супермени за решавање на сите големи и мали кризи, за да спасат што може да се спаси.

Пратениците потоа кротко преминуваат на „најдостоинствената“ улога во нивното суштествување – да го спроведат тоа што ќе им се каже од лидерите, заборавајќи дека претходно до ќор-сокакот дошле, исто така, поради инструкции од лидерите. Тогаш зошто водат јалови битки, ако на крај сите мора да се посипат со пепел?

Проектот на вечно лидерско договарање, колку и на некои да им изгледа дека има практична страна во одредени околности, на долг рок таква страна нема. Особено ако се знае дека лидерите ги поттикнуваат околностите поради кои потоа си ја земаат улогата на разрешувачи на криза.

Затоа ова е типично за систем кој со години сe исцрпува во внатрешни политички конфликти, кои главните политички актери не можат или не сакаат да ги решат. Најчесто не сакаат, бидејќи секој создаден проблем за нив има своја употребна вредност – тоа е сламката за спас, за која ќе се фатат кога ќе почне да недостига доволно демагошка инспирација.

Не знам како пратениците се учеле на дијалог низ процесот „Жан Моне“, ама досега не видовме на дело да профункционира ниту една алатка во областа на парламентарната медијација

Таквите акробации во политичката сфера имаат само една цел: зголемување на вредноста на акциите на индивидуалната политичка моќ, без грижа што во истиот миг стрмоглаво паѓаат акциите на институционалната моќ.

Но, најголем проблем е кога вакви драмолетки се случуваат, не во некои мирни и здодевни времиња, туку во време на пандемија од ковид 19, која влезе во втората година од нејзината вирусна офанзива.

Не врши работа критиката „неспособни сте“, ни оправдувањето „секаде тешко се доаѓа до вакцини“. Да, тешко се доаѓа, но најмалку што јавноста очекува е сите политички актери да промовираат разбирање за проблемите и потребите на граѓаните, одговорност кон јавниот интерес, обединување околу приоритети и потреби.

Сѐ друго е сол на отворена жива рана. Ни попис, ни државјанства, ни вербални пресметки не се теми од интерес на граѓаните во време кога се губат здравје, човечки животи, работни места, доверба и надеж.

Она што во моментов го очекуваат граѓаните, не е дa сведочат нa занимавање со будалштини од секаков вид, еднократни скандали и лажни вести и трошење на времето за „трла баба лан, да јој проѓе дан“. Очекуваат некој да воспостави приоритет во точките од јавен интерес.

Очекувањето на предвидливост најмалку се однесува на прашањето дали со локалните избори ќе има и предвремени парламентарни, туку на прашања за голо здравје: вакцини, лекови, но и деблокиран пристап до здравствените услуги што не се поврзани со ковид-19.

Сега кога вакцинирањето може помасовно да почне, потребна е кампања што ќе укаже на важноста од имунизација, веродостојни информации, спречување какви било можности за вакцинирања преку ред и обезбедување доверба во еднаквиот пристап. На тој испит не смее да се падне.

Ако брзината во изработката на вакцините сведочеше за врвен медицински успех, ако дистрибуцијата на вакцините сведочи за политички, морален и солидарен слом (чест на исклучоците), надвор од влијанието на овие екстерни фактори е нашиот интерен тест: начинот на кој ќе ја спроведеме имунизацијата.

Помалку е важно колку пунктови ќе има и колку луѓе ќе се вакцинираат дневно. Најважно е да биде според јасно утврдени критериуми за приоритетните категории и сите други по ред, без упади преку разни досетки и махинации.

Да нема дилеми, довербата на владата ќе биде ставена на тест токму низ процесот на имунизација. Ќе зависи од секоја доза. Вијалите се мали, некои содржат една доза вакцина, некои повеќе, но пораката е иста: најголемиот предизвик овојпат е спакуван во мали шишенца.