Малиот полицаец во нас

Колумна на Ирена Цветковиќ

Полицаец, освен професија, е и состојба на духот. Во контекстот кој внимателно го гради, негува и одржува овој џандарски менталитет, сосема е очекувано да изградиме општество, во кое секој секого гледа попреку и веќе му ја крои казната.

Доволно е да погледнеме како се однесуваме, особено во случаи на колективен револт. Доколку ве фати окото на јавноста кога сте дрзок, арогантен или безобразен, линчот нема да заврши само со обвиненија и навреди, туку полицискиот мозок на Македонецот веднаш се активира во потрага по „соодветна“ казна затвор или смртна казна.

Без разлика дали некој згрешил стих од химна или дрско избркал новинарска екипа што информира за детски дијабетес од јавен простор, тој одеднаш заслужува да скапе во затвор. Така размислува малиот полицаец во вас.

Малиот полицаец е тука во вибер-групите од влезот во зграда, кога предлага грандиозни судски процеси против соседот што непристојно остава кеси со ѓубре, на семејните средби кога заговара јавно бесење поради непрописно паркирање, на социјалните мрежи кога бара списоци со имиња и презимиња на сите што некако „се огрешиле“ на колективот.

 Малиот полицаец во нас не се бунтува против големите неправди, против корупцијата, против системот што експлоатира. Џандарот го возбудува крвнички да казнува мали престапи. Останатото не е криминал, туку политика.

Една од упорните практики на негување на полицискиот дух деновиве повторно станува актуелна. Имено, повеќе од десет години, за време на летните распусти, во Македонија се спроведува акција на заедничко патролирање на полицајци и родители низ угостителски објекти. Сон на секој духовен џандар.

Малиот полицаец во нас не се бунтува против големите неправди, против корупцијата, против системот што експлоатира. Џандарот го возбудува крвнички да казнува мали престапи. Останатото не е криминал, туку политика

Таман кога младите ќе се опуштат од училиштето, ќе заборават на обврските и стравот од неисполнување на истите, ќе се растоварат од очекувањата на возрасните и ќе се предадат на леснотијата на младоста, тука сме ние со полицијата да им го скршиме раатот. Малиот полицаец не трпи кога некој е лабав. 

Па така, пред една недела, повторно осамна веста дека родители и полицајци во заедничка акција, овојпат во Битола, контролирале стотина малолетници во угостителски објекти. Во кусата вест за акцијата, секако дополнета со фотографија „од лице место“, стои дека „во акцијата се легитимираат сите малолетници и им се врши веднаш алкотест во присуство на родител. Родителите на малолетниците се присутни пред објектот, и за секој малолетник се составува записник, без разлика дали има или нема користено алкохол.“

Колку е само радосен малиот џандар во нас, се гледа од коментарите под објавата на веста. Браво, вака треба секој викенд, да се кажат тие што се фатени, да се објават родителите на младите што консумирале алкохол, да се одземат децата на овие родители, да се казнат родителите, да се испратат децата на превоспитување. Човек да помисли дека најголем проблем на нашата држава се десетици пијани малолетници.

Употреба на психоактивни супстанции не е активност што не носи ризици, но тие не се намалуваат со казна и страв. Тоа не е едукација, туку дресура, и тоа безуспешна дресура. Еве 10 години како се спроведува оваа акција, и секоја година бројот на млади што пијат се зголемува.

Секој паметен би рекол – во ред, пробавме со оваа тактика, не оди, ајде да промениме нешто. Ама малиот полицаец, не само што не е паметен, туку не е заинтересиран за решение, онолку колку за одново блеснување на својата контрола и моќ.

Не само оваа акција, туку и сите спектакли од овој тип постојат, не поради наводните престапници кои во случајов се деца, туку поради лажното чувство на исправност, моќ и контрола што го хранат полицаецот во вас. Строгост, ред и дисциплина од најлош вид се активираат за да се убие секоја спонтаност, да се линчува најмалиот престап, да се задуши и најневиниот отпор од крутата сериозност само поради тоа чувство на исправност, тој пуст копнеж да се припаѓа меѓу навидум доблесните и чесните.

Мислите дека тие родители и тие полицајци никогаш не пиеле алкохол во младоста, никогаш не изреагирале некоректно и дрско, никогаш не прекршиле некое правило? Секако дека да.

Најдоброто што можете да го направите за себеси е да го убиете малиот „џандар“ во себе. Тој тиранин вграден во нашиот дух од целиот систем треба хируршки да се отстрани како страно парче, како тумор, како израсток што нѐ троши и олошува

Сепак, сега, за момент, секогаш одново, малиот полицаец во нас бара казна, вреска за казна, моли за казна на другиот, тој што сега ја искусува таа пауза, таа грешка, тој сосема безопасен престап. Да се беси, да се убие, да се казни другиот е крик на очајници, кои несвесно бараат прошка за себе вбројувајќи се во чуварите на лажниот јавен морал и ред.

Најдоброто што можете да го направите за себеси е да го убиете малиот „џандар“ во себе. Тој тиранин вграден во нашиот дух од целиот систем треба хируршки да се отстрани како страно парче, како тумор, како израсток што нѐ троши и олошува.

Следен пат кога ќе видите млади како пијат алкохол, понудете им совет тоа да го прават внимателно, дајте им информации како да се заштитат од ризиците, споделете им ваше искуство на грешка и решение. Следен пат кога полицијата ќе ве покани на заедничка патрола – одбијте. Предложете им да се зафатат со вистинските криминалци, да се загрижат за заедничката безбедност и благосостојба и упатете ги назад на нивните вистински работни места.

Следен пат кога малиот полицаец во вас ќе се разбуди да бара казна, дајте му ја така што ќе го замолчите и ќе го испратите во неповрат и сетете се дека вистински штетните престапници се привилегирано отелотворение на овој наш мал полицаец.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија