Без оглед која партија ги поддржува, минимумот што се очекува од претседателските кандидати е нивна објективност во оценките што ги презентираат во јавноста. Кога критиките не се темелат на аргументи, а се прилично контаминирани од краткото памтење на говорникот, тој не може да ја избегне опасноста да излезе смешен.
Во обид да ја искритикува власта дека за две и пол години не направила ниту една реформа од значење за граѓаните, опозициската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова си пукаше во нога: „Две и пол години се потрошени на што? Само на двата договори. Jас не гледам други промени“, изјави таа на трибина насловена „Ќе пакуваме куфери, или ќе гласаме и одлучиме за нашата иднина?“
Значи, за две и пол години, власта го решила „САМО“ она што не успеала да го реши ниту една друга влада во изминатите ТРИ ДЕЦЕНИИ. Интересна е оваа „објективна“ мерка за „малку“ и „многу“ од страна на кандидатка, која се претставува како „синоним за знаење“.
Можеби ги преспала изминатите три децении, како што ја преспала „Шарената револуција“, како што го преспала тепањето и на нејзини студентите на еден 5 мај, истиот ден кога неколку години подоцна нејзиното име удобно ќе се смести на гласачкото ливче, без никакво сеќавање и лична борба со сцилите и харибдите низ кои помина оваа земја, меѓу другото, и поради спорот за името.
Да зборувате за резултати од „само два договора“, е исто како оној што ви го зацврстил разнишаниот темел на куќата и ви отворил прозорци од сите страни, да го критикувате дека за две и пол години не стигнал да ви подигне уште десетици нови катови
Легитимно е таа да не се согласува со политиките на власта. Легитимно е да ја критикува работата на ресори во владата кои не ги дале очекуваните резултати, без оглед што станува збор за две години власт, наспроти претходната деценија на ВМРО-ДПМНЕ. Дури и да станува збор за само два месеца, јавноста има право да очекува резултати или барем видливо почнати процеси кои ќе доведат до резултати во догледен рок. Сето тоа е легитимно. Но, не е добро да се минимизираат двата најголеми успеси – решавањето на спорот со Грција и Договорот со Бугарија. Особено, што тие македонски успеси се и главните светли точки во досието на Западен Балкан, пред кои Европа и светот денес аплаудираат.
Патем, власта воопшто и не мора да објаснува колкаво е значењето на Договорот од Преспа. Сиљановска може да го оцени успехот и според зборовите на функционери од партијата што ја кандидираше. Колку за илустрација, поранешниот министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, во декември 2015 година јавно соопшти: „Позициите на двете влади во двете земји се јавно познати и мораме да констатираме дека се далеку една од друга. Имаме планини да надминеме во однос на овој спор“.
Секој го избира својот пат. Но, одговорноста за тоа каков пат им се нуди на граѓаните, е многу поголема. И таа одговорност секој ќе мора да ја понесе – и при победа, и при пораз
Ако планини стоеле меѓу двете земји во решавањето на спорот, тоа значи дека планини и биле поместени, благодарение на нечиј труд, посветеност и визија. И не за две и пол години, туку за помалку. Владата го почна мандатот на 1 јуни 2017 година, Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018, а стапи во сила на 12 февруари 2019 година. Договорот со Бугарија беше потпишан на 1 август 2017. Не беа тоа „само два договора“, небитни и несуштински, туку договори што ги отворија железните врати зад кои со години чмаеше државата.
Да зборувате за резултати од „само два договора“, е исто како оној што ви го зацврстил разнишаниот темел на куќата и ви отворил прозорци од сите страни, да го критикувате дека за две и пол години не стигнал да ви подигне уште десетици нови катови. И тоа да го зборувате поддржани од партија, која десет години не мрднала со прст на интеграциски план.
Зар е малку интеграцискиот темел? Тоа е многу повеќе од она што со години бевме тренирани да го очекуваме – секојдневни оброци од национални митови за „патриотска одбрана на државата“. Патем, колку треба да не си ја сакате земјата за да се радувате ако таа во јуни не ги стартува проговорите со ЕУ. А датумот за преговори е почеток по кој ниедна политичка елита не ќе може да глуми реформи на хартија, туку ќе мора да ги спроведува во практика. Тоа ли пречи? Па, тоа е чин на објективен поглед во огледалото, на објективно преиспитување дали и други ресори го следеле темпото на успех остварено во надворешната политика, дали каскаат домашните реформи, дали длабоко заспале дел од градоначалниците и други функционери…
Можеби некој не сака само продолжување на „преродбата“ без екстерно тестирање. Тие што не можат да ја замислат политиката без постојано производство на внатрешни и надворешни непријатели, можеби повеќе би сакале да функционираат како книшки молци, догматски правдољупци и чувари на стариот национализам, кој ги храни безидејните и авторитарни режими, отколку да се потрудат од дрвото да ја видат шумата.
Секој го избира својот пат. Но, одговорноста за тоа каков пат им се нуди на граѓаните, е многу поголема. И таа одговорност секој ќе мора да ја понесе – и при победа, и при пораз.