Малцинското мнозинство на Христијан Мицкоски

Создавањето ново парламентарно мнозинство нема да помогне во решавање на наталожените проблему, туку само ќе доведе до преговори и разговори и разводнување на капацитетот за управување на институциите и ќе креира погрешна слика, која нема да ја пресликува волјата на народот, изразена на изборите кои штотуку завршија.

Вака некако, само пред неколку дена, ќе рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Два дена по оваа изјава, тој објави дека новото парламентарно мнозинство е формирано и дека има поддршка од 61 пратеник. Два дена по објавата за формирањето на новото парламентарно мнозинство, во едно телевизиско интервју, тој ќе каже дека партиите од новосоздаденото мнозинство (сѐ уште) немаат план што по падот на владата на Зоран Заев.

Поточно, опциите се: (1) да се состави влада што ќе има ограничен мандат, односно ќе работи на спроведување на фер и демократски парламентарни избори (оние што требаа да бидат брзи); (2) да се состави влада со полн политички капацитет до крајот на предвидениот мандат; (3) да се оди на предвремени избори и (4) „ќе видиме, првин да го направиме првиот чекор“ (најверојатната варијанта).

Ваквата конфузија во изјавите на лидерот на новото парламентарно мнозинство, дадени во едвај неколку дена, само ја зголемува политичката неизвесност кон која оди земјата. Со други зборови, Мицкоски вели дека новото мнозинство нема никаква политичка платформа со која настапува, освен „да падне владата на Заев“, која, патем речено, практично е во оставка. Нема потреба  да се објаснува проблематичноста на едно политичко коалицирање под геслото „против“, а не под геслото „за“.

Обидот да се обединат партии, кои буквално немаат ниту најмал заеднички содржател, околу „уривањето на Заев“ многу повеќе говори за немоќта на опозицијата, отколку за нивната моќ да создадат соодветна политичка понуда

Но, ако се размисли токму низ призмата на „врвната цел“, односно уривањето наспроти креирањето, ќе се сфати дека изјавите на Мицкоски, колку и да се тие контрадикторни, сепак имаат извесна катоновска смисла. Токму како и кај неговиот славен претходник Марко Поркиј Катон Постариот, кому сите говори, без оглед што му била темата, му завршувале со славната реченица „Впрочем, сметам дака Картагина треба да биде разурната“ (Ceterum censeo Carthaginem delendam esse), така и во сите изјави на Мицкоски, без оглед дали се однесуваат на залудноста или полезноста на формирањето на новото парламентарно мнозинство, провејува она: „Впрочем, сметам дека Заев треба да падне“.

Ако сакаме да влечеме паралели, тогаш не е вишок да се спомене дека длабоко конзервативниот и скрупулозен Катон, всушност, бил импресиониран од обновеното богатство на оваа држава. И да се додаде дека самиот Катон не успеал да го доживее разурнувањето на Картагина.

Дека во идејата „да падне владата на Заев“ нема некое посериозно политичко тесто, се гледа и во неколку пати повторената покана на Мицкоски до сите пратеници во Парламентот да се придружат на новото парламентарно мнозинство. Ако Мицкоски е искрен во своите изјави, тогаш навистина вреди човек да се праша што воопшто значи оваа покана? Мицкоски замислува дека може да биде лидер на некаков нов Социјалистички Сојуз, низ кого ќе струјат популистичките идеи? Или дека е способен да направи парламент по урнекот на Северна Кореја? Се разбира дека не е тоа идејата. Идејата е да се урне веќе паднатиот Заев! И тоа да се прикаже како општонародна волја, под водството на Христијан Мицкоски. Всушност, токму обидот да се обединат партии, кои буквално немаат ниту најмал заеднички содржател, околу „уривањето на Заев“, многу повеќе говори за немоќта на опозицијата, отколку за нивната моќ да создадат соодветна политичка понуда.

На крајот на краиштата, и ова ново мнозинство дејствува, барем според написите во медиумите, како да е растурено уште пред да се состави. Левица веднаш објасни дека влегува во коалиција само за уривање на „заевизмот“, но дека и натаму останува во опозиција. Некои портали објавија дека пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи го повлекол својот потпис затоа што не сакал да биде во ист кош со анти-НАТО, анти-ЕУ и антиамериканската Левица.

Интересно е дека не прочитавме, или барем јас не прочитав, никакви деманти од Реџепи, туку оваа вест, оквалификувана како измислица, ја демантираше самиот Христијан Мицкоски, кој на прашањето дали лично зборувал со пратеникот, одговори дека не зборувале лично, ама дека зборувал со луѓе што зборувале со Реџепи! И уште дека досега многупати разговарал со пратеникот и дека му ги знае ставовите!

Што, претпоставувам, значи дека нема потреба уште еднаш да разговара со Реџепи за вакви „банални“ теми како што е формирање ново мнозинство. Само ме интересира кои биле темите на тие претходни многубројни разговори: како бил облечен Заев?, како зборува српски?, како вози мотори?…

Убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе нема особени проблеми да им објасни на своите гласачи зошто и како Беса од „фундаменталистичка исламистичка партија“, преку ноќ се претвори во пожелен коалиционен партнер. Сѐ за „повисоката цел“! Ама затоа мислам дека најголемиот политички ризик го носат токму албанските партии.

Како да им се објасни на гласачите дека се коалицира со оние што ги сатанизираа со таканаречената „Тиранска платформа“, оние што тврдеа дека Заев им се продал на Албанците со ветување за создавање Голема Албанија, оние што уште мислат дека пописот ќе го промени Охридскиот договор…

Мицкоски вели дека новото мнозинство нема никаква политичка платформа со која настапува, освен „да падне владата на Заев“, која, патем речено, практично е во оставка

Како што сега стојат работите, многу е тешко да се претпостави дека вака составената коалиција ќе може да формира каква било влада, освен можеби малцинска влада, со поддршка на „опозициската“ Левица. Ама, во тој случај, таа влада ќе нема легитимитет дури и да организира вонредни парламентарни избори.

Зошто тогаш Мицкоски поднесува интерпелација на владата? Таа постапка трае колку што трае. Потоа претседателот на државата го доделува мандатот на партијата со најмногу пратеници или на оној што може да докаже дека има поддршка од 61 пратеник, па тоа трае… итн. Ако никој не успее да формира влада, се оди на предвремени избори. Собранието се распушта, а извршната власт ја практикува таканаречената пржинска влада. И тоа сто дена пред избори.

Зошто Мицкоски не побара веднаш да се самораспушти Собранието, што секако би ги забрзало процесите? Или можеби нема поддршка од 61 пратеник за нови избори? Се разбира, тоа е небитно прашање, битно е што ќе остане од лесно ветената брзина на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ?

Ќе остане една тешка политичка криза, долга зима, прилична неизвесност и очекување на следните контрадикторни изјави на лидерот на новото парламентарно мнозинство.