Ништо не функционира толку добро како парите, освен самите пари. Реално, немам поим дали кај нас се одомаќинила ваква или некаква слична поговорка, ама во речиси секое пред и постизборие не можам да се оттргнам од чувството дека ако веќе не сме ја измислиле, тогаш сигурно ќе ја измислиме во најскоро време.
Сте забележале ли дека во Македонија, речиси во ниту еден парламентарен или претседателски циклус не функционираат идеолошките пораки, туку дека сѐ се сведува на ветено количество пари и на „рачна работа“, од типот „ќе го изградиме ова“ или „ние не уриваме, ние градиме“. Небаре се избира министер за градежна оператива или во најдобар случај директор на некоја локална банка, а не пратеници или претседател на државата.
На пример, Ѓорге Иванов своевремено, во својата предизборна кампања, ветуваше копање злато во Валандово или во некој сличен град. За волја на вистината, Гордана Силјановска-Давкова не ветуваше рудници и автопатишта, туку само враќање во некое минато неодредено време („Македонија повторно горда“), што има врска со политичка или идеолошка програма токму онолку колку што Давкова има врска со хокеј на трева.
Првата е неверојатниот факт дека целата фалба со милијардата се однесува на – кредит! Мислам, колку и да се поволни условите на тој кредит, тоа е сепак само – кредит
Што се однесува до мене, можеше да каже и дека крикетот ќе го прогласи за национален спорт број еден, ќе ми беше потполно сеедно. Токму како што ми е сеедно „враќањето на гордоста“. Во ред, прифаќам дека можеби некои чувствуваат дека гордоста им е одземена, па сега очекуваат некој друг, во случајов претседателката на државата, да им ја врати, ама тоа веќе не е мој проблем.
Веројатно поучен од искуството на поранешниот премиер Зоран Заев и сломот на неговиот идеолошки проглас „Еден живот за сите“, сега идниот македонски премиер Христијан Мицкоски се враќа на старите испробани методи, ветувајќи „веќе договорени“ милијарда евра.
Јасно е дека идеолошката матрица на ВМРО-ДПМНЕ од типот: „ќе им ги скратиме ноктите на канџите на орлите“ е одамна потрошена. А тирански, па ако сакате и приштински „платформи“ никој веќе нема храброст да споменува.
На крилата на една друга милијарда, ВМРО-ДПМНЕ веќе јаваше на власта во сега далечната 1998 година. Знаеме како заврши случајот со „милијардата на Циле“, односно Васил Тупурковски, тогаш лидер на главниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Демократска алтернатива, партијата на Тупурковски.
А знаеме и како заврши таа партија.
И во таа предизборна, па и постизборна кампања, ниту Васил Тупурковски, а ниту тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ долго време не сакаа да откријат од каде ќе стаса „ветената“ милијарда и што треба Македонија да направи за да ги „заслужи“ тие пари.
И тогаш, како и сега, се зборуваше само за договор на „влада со влада“. И се појави – Тајван! Без никакви најави и објави. Ги прекинавме дипломатските односи со Кина. Кина стави вето во Обединетите нации на продолжување на мандатот на УНПРОФОР. И тука почна вооружениот конфликт во 2001 година. ВМРО-ДПМНЕ катастрофално ги изгуби изборите во 2002 година, а тоа помалку или повеќе беше крајот на Демократска алтернатива како политички фактор во земјава.
Во равенката на Мицкоски, во која резултатот треба да изнесува точно милијарда евра, има премногу непознати. Би рекол дури дека тоа е равенка со сите непознати, освен резултатот.
Kоја и да биде таа држава, односно влада, сигурен сум дека кредитот ќе подразбира и некои други услови, освен поволната отплата. Да кажеме соодветно медиумско или поинакво општествено влијание
Која е таа влада што ветува милијарда евра на непостоечка влада? На јавноста и на новинарите не им останува ништо друго, освен да си играат „весела географија“ и да лицитираат со имиња на држави за кои може да се претпостави дека имаат пари за фрлање и чии политики се склони кон корумпирање други држави.
А Мицкоски си игра со јавноста како орел со желка. Ја дозира најавената смрт. Кој како ќе спомене некоја држава, Мицкоски демантира, за да дознаеме на крајот дека не е азиска или арапска држава во прашање, туку извесна европска влада. При што не е Унгарија.
Отприлика, тоа е јасен знак на кој начин ќе изгледа транспарентноста на новата влада. На пример, владата ќе соопшти дека (при)добила сериозен странски инвеститор за инвестиција од, на пример, 500 милиони евра. И тогаш ние ќе нагаѓаме: „Фабрика за ауспуси?“, а премиерот само ќе каже: „Не“. Па, ќе следи: „Погон за вештачко ѓубре? Фабрика за кукли? Хала за производство на легури за авиоиндустријата? За наполитанки? ‘Сведмилк’ се вратил?“, а Мицкоски само ќе повторува: „Многу бргу ќе се знае“.
Но, мене други работи околу милијардата ми се многу поинтересни отколку играњето „жмурки“ со новиот премиер.
Првата е неверојатниот факт дека целата фалба со милијардата се однесува на – кредит! Мислам, колку и да се поволни условите на тој кредит (кои, исто така, влегуваат во жмурките на Мицкоски), тоа е сепак само – кредит. Само уште едно додатно задолжување.
Втората работа е кој е интересот на некоја влада да ѝ даде на Македонија милијарда евра кредит. Да не се лажеме, во Европа, таков тип кредити не даваат влади, па макар имале договор „влада со влада“, туку финансиски институции. А колку што знам јас, во правните држави (а европските, речиси, по правило се такви), финансиските институции имаат свои стриктни правила на работење, без оглед на актуелните влади.
Таков кредит може да вети некој хибриден, полудиктаторски режим. Турција, на пример. Или Азербејџан (за оние што не знаат Азербејџан географски ѝ припаѓа на Европа). Без оглед, која и да биде таа држава, односно влада, сигурен сум дека кредитот ќе подразбира и некои други услови, освен поволната отплата. Да кажеме соодветно медиумско или поинакво општествено влијание. А тоа баш и нема да го зголеми демократскиот капацитет на државата. Напротив.
Kаде тие пари ќе бидат потрошени? Со оглед на популизмот што го практикува сега веќе владејачката партија, можам да замислам дека не е далеку од умот парите да одат на некои непродуктивни трошоци
Третата, веројатно најважна работа е каде тие пари ќе бидат потрошени? И на ова прашање Мицкоски не е подготвен да одговори. Со оглед на популизмот што го практикува сега веќе владејачката партија, можам да замислам дека не е далеку од умот парите да одат на некои непродуктивни трошоци од типот на социјална помош, социјални станови, зголемување пензии и слични механизми што ја зголемуваат инфлацијата и генерално економската несигурност на земјата.
Да, сите овие ставки треба да се зголемуваат, ама не преку задолжувања, туку, ајде да кажеме, преку воведување прогресивен или скалест данок. И преку зголемување на бруто домашниот производ.
Но, ако е точна претпоставката дека наскоро стасуваат за наплата над 800 милиони евра од претходните долгови, тогаш е многу јасно каде ќе отиде „милијардата на Мицкоски“. Само што тоа тогаш не се вика поволен кредит, туку репрограмирање на кредитот. Која е потребата човек да се пофали дека ќе враќа една милијарда во замена за 800 милиони евра. Без оглед колку поповолни да се условите. Долгот е долг.
И на крајот, она што ми е најчудно е молчењето околу пакетот од шест милијарди евра што Европската Унија го намени за државите од Западен Балкан. При што голем дел од тие средства се неповратни, а дел се под извонредно поволни услови.
Всушност, воопшто не треба да ми биде чудно. Средствата на ЕУ се транспарентни. Мора да се знае каде се трошат и мора да се знае дали државата е на европскиот пат или не е. Не е!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија