Многу петки, малку знаење

Колумна на Ирена Цветковиќ

Минатата недела, една информација повторно ја донесе темата за квалитетот на образованието во центарот на јавното внимание. Имено, на запишувањето средношколци во гимназијата „Орце Николов“ конкурирале преголем број ученици што го завршиле основното образование со среден успех од 5.00. Поради тоа, гимназијата организирала приемен испит, кој покажа поразлична состојба.

Според резултатите од тестирањето, ниту еден ученик не освоил максимален број бодови. Од вкупно 170 бодови, над 129 бодови, што се смета за одличен успех или оценка 5, освоиле 11 ученици, односно само 3,76 отсто од тестираните, многу добар имаат 39 ученици или 13,36 отсто од тестираните. Најголем број од учениците, 45,55 отсто, на приемниот испит добиле тројка или добар успех.

Квалитетната образовна реформа ќе овозможи наставниците заедно со учениците да ги преобликуваат знаењата, а не само да ги користат

Не помалку обесхрабрувачки резултати покажуваат и ПИСА тестирањата. ПИСА претставува меѓународна студија, која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примената на она што го научиле во училиштето, во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование, на возраст од 15 години, главно во три подрачја – оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето пишани материјали, математичка писменост, писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.

 Оттука, нашиот образовен систем може да се сумира во една реченица – многу петки, малку знаења. Тоа не е проблем единствено на учениците што се запишувале во гимназијата „Орце Николов“, тоа е проблем на државата, на образовниот систем и на целокупното општество.

Образованието не е тренинг-систем што продуцира идна работна сила. Особено не основното образование. Оваа визија за образованието е кусогледа и банализирачка. Училиштето е многу повеќе од фабрика за идни работници и шефови. За Анри Жиру, еден од водечките современи теоретичари на критичката педагогија, образованието нема за единствена цел насочување на младите во пронаоѓање добро платена работна позиција, туку треба да биде водено од визија за создавање силна културна база, чии уверувања, пракса и социјални односи му овозможуваат на поединецот да стигне до позиција на моќ, да научи како да управува и да развива демократски ориентирано општество, во кое рамноправноста, правдата, колективните вредности и слободата се врвни принципи.

Педагогијата е важна и за политиката, бидејќи таа учествува во создавањето критички настроени субјекти и придонесува во создавањето силна културна база, без која опстанокот на демократските општества е невозможен.

Состојбата со образованието во Македонија не е ништо поразлична од генералната состојба. Итарпејовската култура доминира и во политиката, и во економијата, и во културата, па и во образованието.

Во нашите училишта, препишувачите се снаодливи и интелигентни, трудољубивите се бубалици и фрикови. Во нашите училишни дворови, социјалната динамика е регулирана од правилото на посилниот, подрскиот, понасилниот. Родителите што малтретираат наставници за повисоки оцени на своите деца се грижливи и посветени родители, а тие што не го прават тоа, се етикетирани како незаинтересирани. Па така, кога сè ќе превртите наопаку, не може да очекувате резултатот да биде исправен.

Јас не тврдам дека овие теми се игнорирани од страна на јавноста. Токму напротив, образованието е една од темите што ги засега сите луѓе и која често е дебатирана во јавноста. Сепак, тврдам дека овие дискусии имаат апсолутно погрешен фокус.

Очекувано, дискусиите се засилени тогаш кога ќе се случи нешто што ја испливува на површина трагичната состојба на нашиот образовен систем. Па и тогаш, дискусиите се водат со една единствена цел – да се пронајде виновникот. Е, ама за комплицирани проблеми постојат единствено комплексни причини и сеопфатни решенија. Па така, ниту се виновни единствено учениците, ниту наставниците, ниту родителите, туку сите ние заедно.

Образованието не е тренинг-систем што продуцира идна работна сила. Особено не основното образование. Оваа визија за образованието е кусогледа и банализирачка

Проблемот е системски и само така може да се реши. Па, наместо да се трага по виновникот, потребно е да се направи сериозна анализа, од која ќе произлезат стратешки решенија што ќе се вградат во една долгорочна реформа за која стручната јавност ќе има консензус. Досегашното практицирање на морализаторски преиспитувања на образовните реформи ќе треба да го заборавиме.

Сериозноста на проблемот подразбира и сериозност во негово решавање. Наместо наметнати дискусии за „родител 1“ и „родител 2“, потребно е создавање услови во кои образованието нема да се потпира единствено на застарените начела на педагогијата како суво пренесување знаења и промоција на културата на конформизмот и пасивното впивање факти.

Квалитетната образовна реформа ќе овозможи наставниците заедно со учениците да ги преобликуваат знаењата, а не само да ги користат. Ќе овозможи училиштата да бидат простори, во кои покрај стекнување знаења и вештини, учениците ќе оспособат да станат критички настроени субјекти што ги разбираат етичките и општествените проблеми на своето време.

Конечно, самиот Жиру потенцира дека најважната цел на овие реформи е токму учениците да научат да водат смислени животи, да знаат да ги повикаат на одговорност носителите на власта, да развиваат вештини, знаења и храброст и постојано да ги проблематизираат врежаните претпоставки и постојано да се спремни за борба за поправеден свет. Ако образованието успее во тоа, тогаш и тројките ќе бидат за пофалба и од корист.