Не дека било тешко да се антиципира реакцијата на јавноста кога ќе се пушти оглас за оператор на фотокопирот во МЕПСО, без високо образование и без искуство, а со плата поголема од просечната во државава, но ситуацијата во која вработените беа оставени сами на себе во борбата со таа машина со шал табла како на најновиот боинг 747-8 стана неиздржлива. Дури и предолго се одолговлекуваше. На крај, мечка страв, МЕПСО не страв – огласот беше пуштен.
И се случи тоа што се случи. Веста се рашири повеќе од што требаше. Претпоставувам дека неделава поштарите ќе мора да работат прекувремено за да постигнат да ги достават сите апликации на заинтересираните, зашто да фрлиш ваков оглас во земја со триесет отсто невработеност е како да си фрлил свинска полутка во езеро со крокодили.
Не велам дека Мирјана Најчевска не е во право кога вели дека диоптријата до толку ни се изместила што веќе манифестираме тотална дисфункциолност на капацитетите за критичка опсервација на општеството, па никој не се буни зошто професори на факултет или лекари има само 35.000 денари плата, туку сите се кренавме на бунт зошто копирантот да зема 25.000.
Држи логиката, но Македонецот одамна веќе не е во можност својата елементарно потреба за правичност да ја задоволи со прогресивни постапки (се уверил многупати дека платите на професорите и лекарите ќе продолжат да растат со брзина значително помала од стапката на нивно иселување од државата), па мора со вакви регресивни мерки, со масовни крици и урлања, да се обиде да спроведе поправична распределбата на националниот доход. Односно прагматичноста на Македонецот вели – ако не можам да ја зголемам платата на професорите и на лекарите на државните универзитети и клиники, тогаш барем да ја намалам таа на копирантот во МЕПСО.
Прагматичноста на Македонецот вели – ако не можам да ја зголемам платата на професорите и на лекарите на државните универзитети и клиники, тогаш барем да ја намалам таа на копирантот во МЕПСО
Не знам ни дали можеше да очекуваме поинаква реакција од луѓето, кога живеат во земја во која најголемите криминалци си имаат оф-шор компании по рајските острови, а фриленсер или земјоделец што имал добра година, покрај персоналецот што не му бега, е репнат и со ДДВ.
При такви тектонски изместувања на нормалноста, мала искра од државното претпријатие за пренос на струја МЕПСО може да предизвика целосна хаварија во јавноста и курцшлуси во мрежата. Во земјава одамна владее висок социјален напон, а во такви услови, и најкраткиот оглас може да предизвика краток спој со долгорочни последици за социјалниот мир во целиот систем.
Не може ли да се набават уште копир-машини за МЕПСО? Бар уште десетина илјади? Вака сега за тоа едно место треба да се испотепаме половина нација.
Во секој случај, за поздравување е транспарентноста на МЕПСО и тоа што веднаш одговорија на сите поставени прашања од медиумите. Фино е и што членовите на Управниот одбор им земаат по седумдесет илјадарки месечно, освен претседателот кој мора да преживее со мочани 95.000, но за жал нема актуелен оглас за овие места, па мора да се фокусираме на тоа едно копирантско место.
Еве, за да си ги зголемам шансите, во духот на МЕПСО, јас мојата апликација ја објавувам јавно и транспарентно:
Интересот за копирање го носам од најрана училишна возраст, но поактивно се занимавам со копирање во средношколските и особено во факултетските денови
Уште како дете често ја посетувам најблиската фотокопирница. Интересот за копирање го носам од најрана училишна возраст, но поактивно се занимавам со копирање во средношколските и особено во факултетските денови, кога ова ми станува и своевидно хоби.
Подоцна, по завршувањето на факултетот за новинарство, љубовта кон копирањето прераснува на некој начин во моја професионална определба, при што кратко време работам и како копирајтер. Свесен сум дека тоа не е баш исто и дека вашата ценета компанија има потреба од копирант не од копирајтер, но во тоа време многу малку од работата на копирајтерите беше дигитална, така што бевме упатени на чести посети на копирниците.
Впрочем, и самата сличност на двата збора доволно зборува на тоа дека искуството како копирајтер може само да му користи во практиката како копирант, никако да му штети. Додуша, вие не ни барате никакво искуство, така што ова ми е чист бонус.
Во врска со потребните квалификации, сакам да ви предочам дека пред да завршам факултет, јас завршив и средна стручна спрема, односно природноматематичка гимназија. Добро се снаоѓам со сите бројки, што значи можам да копирам и до илјада страни без нумерација.
За да не ме прогласите за преквалификувам, најљубезно ве молам да го прескокнете делот со постдипломските. При копирањето на материјалите за апликацијата, не знаев како тој дел воопшто да не се ископира. Сепак, јас сум како што реков копирант-почетник.
Навистина го сакам копирањето. Барем еднаш месечно сум во копирницата во сутеренот на ТЦ Бисер и копирам, најчесто книги, скрипти, сметки, а понекогаш и документи. Еднаш кога им доцнеа учебниците во училиштето на ќерка ми, ѝ го ископирав цело шесто одделение. Газдата на фотокопирницата е фин човек. Нему рацете плускавици му фаќаат за да ги заработи тие ваши 25.000 денари. Затоа морав да копирам сам, зашто ако му кажев за оваа работа, верувам дека веднаш би го затворил дуќанот и би го дал по кирија, и би се пријавил на вашиот оглас.
Навистина сум почетник во копирањето. И ден денес кога печатам двострано со пенкалце ставам крстче во едниот агол на хартијата и обично и покрај ваквиот религиозно копирантски обред, при вртењето на листот она од другата страна е испечатено наопаку. За оваа апликација потрошив еден и пол топ хартија. Сакам да научам да копирам без крстчиња. Сфатете го овој пасус како еден вид мотивациско писмо.
Копирам бавно, но затоа со многу грешки. А човек најмногу учи од своите грешки.
Комуникативна личност сум. Никогаш не би одбил да копирам со зборовите: „Мрш бе у п…у м…….ну, гледаш ли колкав куп имам за копирање пред тебе“, туку едноставно би ставил ливче „Пауза“ на вратата за културно да ги одјебам сите што сакаат да ја оптоварат копир-машината со премногу работа и да ја ставаат на непотребен трошок државата, и тоа на толку приватни фотокопирници околу МЕПСО.
Кога би ме одбрале за оваа работа, никогаш не би одел на пауза подолго од два часа, како што прават некои други колеги копиранти во државниот сектор. Освен ако не сум отиден на ѓеврек со сланина, но ве уверувам дека тоа не е повеќе од два до три пати во неделата.
Ако позитивно одговорите на оваа моја апликација, тоа нема да е добро само за мене, што несомнено е, добро е и за Македонија во целост. Јас од сегашната плата од двесте евра ќе скокнам на четиристотини евра, што ќе е мој мал, скромен, но во вкупната статистика значаен придонес кон порастот на просечната плата во земјава до посакуваните 500 евра. Штета што не сте во можност да ги приберете и останатите од приватниот сектор во МЕПСО и да го забрзаме подобрувањето на стандардот во целата земја.
Ветувам дека барем една десетина од платата ќе ја вратам во изворната дејност, односно ќе ја потрошам на сметките за струја (за жал не користам висок напон, па ова ќе отиде кај братската компанија ЕВН), но ќе продолжам да трошам пари и за копирање и на тој начин дополнително ќе придонесам за развојот на овој занает во Македонија, како би могло на идните вакви огласи да не се јавуваат шалабајзери како мене, туку копиранти со повеќедецинско работно искуство и со тренинзи дома и во странство.
Искрено Ваш, Кокаланов, помлад копирант прва класа.