Истражувањa

Финансиски резултати на државните претпријатија

Секое трето претпријатие во државна сопственост во Македонија прикажало загуба

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Клучни показатели на државните претпријатија

Истражувањето ги опфаќа сите претпријатија во државна сопственост (јавни претпријатија и акционерски друштва) основани од Владата или од Советите на општините и Град Скопје кои доставиле годишна завршна сметка до Централниот регистар на Република Македонија. Во рамките на ова истражување се направени рангирања на 101 државно претпријатие според критериумите: вкупни приходи, остварени финансиски резултати и број на вработени.

Ранг листа на претпријатијата според големината на приходите

Претпријатијата во државна сопственост во 2014 година имале вкупни приходи од 698 милиони евра. Приходите им се движеле од околу 6 илјади евра до 240 милиони евра.

На врвот на ранг листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2014 година убедливо е АД ЕЛЕМ со приходи од 240 милиони евра кои се за 5,3% намалени во однос на 2013 година.

10 државни претпријатија со најголеми приходи во 2014 година

Следува ЈП за државни патишта, каде е остварен раст на приходите и тие изнесувале околу 80 милиони евра. На трето место е АД МЕПСО со приходи од 66 милиони евра кои се поголеми од претходната година дури за 33%. На четврто место е ЈСП Скопје со приходи од 32 милиони евра, а по него Македонски шуми со приходи од 26 милиони евра. На шестото место е Македонска пошта со 22 милиони евра, а на седмо место Македонска радиотелевизија со приходи од 21 милион евра. Во првата десетка според приходите се вбројуваат и МЖ Транспорт, како и скопските јавни претпријатија Водовод и канализација и Комунална хигиена. Впрочем, десетте претпријатија со најголеми приходи учествуваат со дури 80% во вкупната вредност на приходите остварени од страна на сите државни претпријатија вклучени во оваа анализа.

Финансиски резултати на претпријатијата

Македонски железници Транспорт АД - Скопје успеало да ја намали својата загуба од 8,3 милиони на 7,4 милиони евра / Фото: БИРН

Македонски железници Транспорт АД – Скопје успеало да ја намали својата загуба од 8,3 милиони на 7,4 милиони евра / Фото: БИРН

Гледано од аспект на остварените финансиски резултати, 2014 година била понеповолна за државните претпријатија од 2013 година. Нивните вкупни загуби во 2014 година изнесуваат 48 милиони евра, наспроти 34 милиони евра во 2013 година. Во 2014 година дошло и до благо намалување на добивката на државните претпријатија од 30,6 милиони евра остварени во 2013 година на 29,3 милиони евра.

Во 2014 година, од вкупно 101 претпријатие во државна сопственост кои беа предмет на истражувањето, 36 евидентирале загуба, а 65 оствариле позитивен финансиски резултат. Но, загубите биле значително поголеми од добивките.

Ранг-листата на државни претпријатија според големината на загубите покажува дека на врвот е АД ЕЛЕМ Скопје со загуба од 14 милиони евра што е за пет и пол пати повеќе од загубата евидентирана во 2013 година. Зголемување на загубата е евидентирано и кај јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје, кое минатата година ја завршило со загуба од 7,8 милиони евра, што е за 20% повеќе од негативното салдо кое го имало во 2013 година.

На трето место е АД за аеродромски услуги Аеродроми на Македонија – Скопје со евидентирана загуба од 7,8 милиони евра, што е за 141% повеќе од загубата која ова државно претпријатие ја имало во 2013 година.

Следува Македонски железници Транспорт АД – Скопје кој успеало да ја намали својата загуба од 8,3 милиони на 7,4 милиони евра.

10 државни претпријатија со најголеми загуби во 2014 година

На петто место според големината на загубите е јавното претпријатие Стрежево-Битола со негативен финансиски резултата од 4 милиони евра што е помалку за 6,4% од загубата евидентирана во 2013 година.

Со голем раст на загубата од 45% на шестото место е Македонски шуми П.О.- Скопје со загуба од 2 милиони евра.

Јавното претпријатие за водостопанство Лисиче Велес кое, иако ја намалило загубата во однос на 2013 година, сепак на ранг-листата според големината на загубите во 2014 година се наоѓа на седмо место со загуба помала од 1 милион евра.

Осмото место му припаѓа на меѓуопштинското јавно претпријатие за снабдување со вода за пиење, одведување и пречистување на отпадни и атмосферски води на општина Охрид и Струга за заштита на Охридското Езеро – Проаква, Струга со загуба од 926 илјади евра.

Следува јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта Македонија пат – Скопје со загуба од 813 илјади евра која е дуплирана во однос на 2013 година.

Во првите 10 претпријатија според висината на загубата се наоѓа уште и Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала Борис Трајковски со загуба од 680 илјади евра.

Во рагн-листата на државните претпријатија според големината на добивката во 2014 година се наоѓаат 65 државни претпријатија. Добивките им се движат од високи 13 милиони евра до минимални 552 евра.

Најголема добивка во 2014 од 13,6 милиони евра остварило ЈП за државни патишта / Фото: ЈП за државни патишта

Најголема добивка во 2014 од 13,6 милиони евра остварило ЈП за државни патишта / Фото: ЈП за државни патишта

Во листата на 10 претпријатија со најголема добивка се наоѓаат 6 претпријатија основани на државно ниво и 4 локални претпријатија. Убедливо на врвот е ЈП за државни патишта со добивка од 13,6 милиони евра. Следува МЕПСО, кое во 2014 година остварило голем раст на добивката и годината ја завршило со позитивен финансиски резултат од 8 милиони евра. На трето место е АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката со раст на добивката во однос на 2013 година од 44%. Голем раст на добивката е евидентиран и кај ЈП Комунална хигиена-Скопје кое ја завршило годината со позитивен финансиски резултат од околу 1,4 милиони евра. Од 5 до 10 место на листата со најголеми добивки се наоѓаат државни претпријатија чии добивки се под 1 милион евра, а тоа се Македонска радиотелевизија (699.389 евра) и Македонска радиодифузија (447.129 евра), како и локалните претпријатија ЈП Комуналец Кавадарци (386.506 евра), ЈП Комуналец Гостивар (321.957 евра), ЈП Улици и патишта Скопје (278.743 евра) и ЈП Паркови и зеленило Скопје (275.172).

10 државни претпријатија со најголеми добивки во 2014 година

Вкупниот број на вработени во претпријатијата во државна сопственост во 2014 година, според податоците доставени во Централниот регистар, изнесува 26.989 и е во благ пад во однос на 2013 година кога тој број изнесувал 27.040 вработени. Како што може да се види одранг-листата на претпријатија според бројот на вработени, тие се движат во маргина од 4.566 до 1 вработен. Значајно е да се напомене дека во 10 претпријатија со најголем број вработени, работат 63% од вкупно вработените во јавните претпријатија.

10 државни претпријатија со најмногу вработени во 2014 година

Во првите 10 претпријатија во државна сопственост според бројот на вработени доминираат претпријатија во државна сопственост наспроти локалните претпријатија каде се најдоа само скопските ЈСП, Комунална хигиена и Водовод и канализација.

Ова истражување е направено со цел да се изготви база на податоци за финансиското работење на државните претпријатија што би се користела како ресурс за натамошни истражувања. Истражувањето е направено преку прибирање, обработка и анализа на податоците што државните претпријатија ги доставиле до Централниот регистар на Република Македонија.