Моралот на гнојот (За кучето Феликс)

Колумна на Ивана Јордановска

Кутре старо околу една година беше крвнички претепано во Момин Поток, Скопје, на 19.11.2024. Силниот тепач, со метална шипка го удирал кутрето по глава додека можел и додека се движело. Покрај него, група негови пријатели го гледале и го бодреле ѕверското однесување на извесниот Љубе Крстевски. Причината? Кучето се измочало на имотот на „господинот“ Љубе.

Среќа во несреќа, па целиот инцидент е снимен од камера во близина и снимката набргу почнува да циркулира во македонската јавност. Ова е приказната за Феликс, но и кристален приказ на гнилоста во нашето општество.

Феликс е пренесен во ЈП „Лајка“, каде што се прават натчовечки напори да се спаси неговиот живот. Целата македонска јавност го следи случајот, испраќа помош и желби за брзо оздравување и се радува на секое ново видео од „Лајка“ за состојбата на Феликс. По 50-тина дена борба, ситуацијата на Феликс нагло се влошува и кучето починува.

Еднаш кога ќе почнете да ставате на вага дали еден живот е поважен од нешто неживо, моралот стрмоглаво заминува по ѓаволите

Ништо не може да го врати Феликс, но реакцијата на јавноста ни покажува дека ова е проблем што не можеме да го игнорираме повеќе. За доброто на кучињата низ целата држава, но и за доброто на нашата колективна свест и општествена благосостојба.

Феликс не е првото куче што е трауматично убиено пред очите на целата јавност, но ниту еден од поранешните случаи не е казнет со ништо повеќе од неколку десетици евра парична казна, ако и толку. Ниту „пожарникарот“ што фрли куче од седми кат во Тетово, ниту „градскиот човек“ што закла куче сред Дебар Маало во Скопје, ниту „сопственикот“ што си го исфрли болното куче покрај контејнер на минусни температури.

И не е дека немаме закон за тоа: според Кривичниот законик на оваа држава, измачувањето и убивањето животно може да се казни со парична казна ИЛИ казна затвор. Зошто никогаш никој не одговарал и служел казна затвор за своето ѕверско однесување кон животните?

Тука доаѓаме до затруеното ткиво на ова општество. Прво, постои група луѓе во оваа држава што сметаат дека животот на едно куче вреди помалку од едно уринирање на приватен имот. Има такви што веднаш прашаа дали кучето се измочало на приватниот имот на „господинот“ Љубе, небаре тапија и нешто пари за парче земја е поважно од еден живот.

Има и такви што поддржуваат и самите ѕверски убиваат бидејќи тоа е единствениот начин да ги задушат демоните во своите души: белези од трауми што привремено престануваат да болат кога ќе направат нови ѕверства и нови трауми некому друг.

Но, главната идеја останува иста: за овие луѓе животот не е апсолутно најважен во нашиот свет. И еден ден, тоа е животот на безимено, бездомно куче, но утре можеби и на куче што има сопственици, или на дете што питачи по улиците, или на жена што не се однесува како што се очекува од неа, или на човек од „погрешната“ навивачка или етничка група. Еднаш кога ќе почнете да ставате на вага дали еден живот е поважен од нешто неживо, моралот стрмоглаво заминува по ѓаволите.

Решението не е во уште повеќе насилство, ниту во клетвите. Неопходно е да се направи јавен притисок на судските органи да си го сработат она што законски мора да го сработат

Има и такви што својот (не)морал го кријат зад лингвистички конзервативизам: на социјалните мрежи се разви дискусија дали е во ред да се користи зборот „пцовиса“ за кучето чие оздравување го следевме. И навистина, тоа е еден од зборовите што обично се користел за угинувањето животни.

Но, како што беше достојно укажано, нашите општествени очекувања и однесувања кон кучињата се менуваат. И тоа е добро и сосема е нормално јазикот да ги следи овие промени: на крајот на денот, јазикот ни вреди многу малку ако не може да ги отслика нашите сегашни потреби за изразување. Ако моралот се менува, јазикот се менува исто така.

И баш поради овие групи луѓе, нашето судство никогаш не почувствувало потреба да ги искористи овие законски уредени казни за ѕверствата над животните. Според синџирот на професионална одговорност, во вакви случаи, Министерство за внатрешни работи (МВР) поднесува кривична пријава до Јавното обвинителство. Не во сите, но во голем број случаи, овој дел од процедурата е исполнет и завршен. Но, честопати, обвинителството не отвора предмет или, пак, судот не пресудува ништо повеќе од парична казна. Зошто?

Не верувам и не велам дека сите вработени во обвинителството или во судот поддржуваат ѕверства над животните. Но, обвинителството и судот се свесни дека дел од нашето општество никогаш нема да се побуни за многу работи, а со помалку предмети имаат и помалку работа. Платата си стигнува, а ако ептен мора да се сработи нешто, дај му парична казна за да има за платата за следниот месец. И така никој нема да се побуни за едно безимено, бездомно куче.

Феликс не можеме да го вратиме. Но, можеме да се избориме за трошка правда и надеж дека ќе најдеме прошка за сите бесмислено изгубени животи

Но, не и овојпат. Реакциите во јавноста се бурни и гневни, со право. Не само за Феликс, туку и за сите нас. Видете, проблемот со гнојот во еден организам е што ако врз него не се интервенира со време, ќе го затруе целиот организам и еден ден ќе го убие. Така е и со луѓето како Љубе: ако не им ја искорениме желбата за ѕверства, ќе продолжат сè додека не нè убијат сите нас, буквално или не.

Единствениот „морал“ на гнојот е да убие, да уништи, да сотре. Борбата против гнојот е борба за правда, но и борба за нашите животи, нашиот морал, нашата свест.

Решението не е во уште повеќе насилство, ниту во клетвите. Неопходно е да се направи јавен притисок на судските органи да си го сработат она што законски МОРА да го сработат. Не им бараме ништо нелегално: напротив, ги поттикнуваме да го направат она за што имаат законска и морална обврска да го направат.

Еден од начините да се придонесе во оваа борба е преку оваа петиција. Во моментот на пишување на овие зборови, повеќе од 8.000 граѓани ја имаат потпишано и многумина имаат донирано за таа да биде испромовирана и проширена уште повеќе. Феликс не можеме да го вратиме. Но, можеме да се избориме за трошка правда и надеж дека ќе најдеме прошка за сите бесмислено изгубени животи.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија