Можеме и повеќе од 40 кубици

Како што официјално соопшти Град Скопје, по завршувањето на новогодишната прослава, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ собрале и транспортирале речиси 40 кубни метри најразличен отпад од градскиот плоштад, улицата Македонија и од Старата скопска чаршија.

A, кој оставил толку отпад во централниот излог на градот? Кој, ако не ние, неговите „загрижени“ граѓани, кои постојано држиме лекции колку е загадено Скопје, колку отпадоци се расфрлани насекаде, колку е ниско нивото на свест за јавната чистота. Ние сме истите тие граѓани, кои до вчера со право ламентираа за загадениот воздух, но веќе утре, со висока доза на амнезија, ќе распалат кубици и кубици дрва за пагански обичаи, за да го „облагородиме“ воздухот со нашата нова, ПМ 10 – неодговорност, и уште еднаш да си го потврдиме сопственото лицемерие.

Неколку гости од странство деновиве ми дадоа забелешка, дека „се чини како скопјани да немаат изграден однос кон јавниот простор“. Додавката „се чини“ беше само гест на ублажување на нивната констатација, демек ним така им изгледа, но не мора да се во право.   

А што да се каже во наша одбрана? Дека не сме тоа ние, дека за празникот дошле некултурни туристи и ни го „украсиле“ градот со сите отпадоци што ги собрале од почетната дестинација до овде? Можеби и ќе ми поверуваа на одрекувањето, кое е главен образец за наша одбрана на секоја тема, ако не се разминавме со повеќе групи деца, кои без трошка срам на улица ги фрлаа празните кеси од разни грицки, со мајка која на тревникот ја „заборави“ употребената пелена од детето и со повеќе возрасни, кои се „потпишаа“ на градскиот плочник со марамчињата во кои го издуваа носот.

Ние сме истите тие граѓани кои до вчера со право ламентираа за загадениот воздух, но веќе утре со висока доза на амнезија ќе распалат кубици и кубици дрва за пагански обичаи, за да го „облагородиме“ воздухот со нашата нова, ПМ 10 – неодговорност, и уште еднаш да си го потврдиме сопственото лицемерие

За пластичните шишиња во Вардар не отворивме муабет. Само немо ги проследивме како пловат по водниот „автопат“ кон соседна Грција. Небаре, уставните измени тргнале спакувани како пораки во шише, во пловечки слалом меѓу постаментите на трите најскапо платени (250.000 евра) и исушени врби, и новите бесплатни уметнички инсталации – од автомобилски гуми до градежен шут.

Некако бргу се сменија времињата, за кои до неодамна беседеше Горан Стефановски. Велеше дека во секоја традиционална македонска куќа секогаш имало соба за гости во која никој од домашните не влегува. Растел во таква куќа,  каде што животот се живее во кујна, каде што се готви, се јаде, се пишуваат домашни задачи и каде е секогаш топло, за разлика од гостинската соба, која е темна, празна и студена.

„Овој концепт на куќа ја има за урнек приказната и културата на граѓански салон, во кој гостинот го држиме на дистанца, му го прикажуваме нашиот живот како излог, како репрезентација, како параван зад кој го криеме срамот од нашите секојдневни животи. Зар не е време да ја споиме гостинската соба со кујната? Да ги примаме гостите на свој терен, да им понудиме да јадат тоа што и ние дента јадеме, а не да им простираме нешто за кое претпоставуваме дека е нивен терен, а по кој самите се тетеравиме како на стаклени нозе. Зар не е време и ним и себеси да си кажеме: еве нѐ, ова сме ние“, пишуваше Горан.

Еве, им кажуваме. Ги споивме кујните со нашата и со гостинската соба на градот. Ги истовараме таму сите наши лоши навики, го вадиме на виделина скриеното од нас, ја покажуваме во вистинската светлина и домашната и урбаната култура. Имајќи ги предвид нашите капацитети, сигурно ќе им покажеме дека не е само Нова година повод да произведеме и расееме толку отпад. Дека го можеме тоа секој ден, на секое место и многу повеќе од вчера.

Ќе ги уверуваме дека не една, туку уште многу групи амбасадори ќе ја имаат честа и годинава да ни го чистат отпадот во центарот на градот и да ни ја јакнат свеста, додека ние административно, на хартија ги убедуваме дека по сите урнеци, особено по културниот, сме вистински Европејци. И дека никој не може да ни го загрози тој и таквиот идентитет. А каков е тој? Во расчекор меѓу реалноста и нарацијата.

Ги споивме кујните со нашата и со гостинската соба на градот. Ги истовараме таму сите наши лоши навики, го вадиме на виделина скриеното од нас, ја покажуваме во вистинската светлина и домашната и урбаната култура

Но, тоа не нѐ спречува да си седнеме пред тастатурите, да ги загреваме социјалните мрежи со критики за непроработени рудници што потенцијално можат да ни ја загрозат животната средина, да го наведеме последното фрапантно ниво на ПМ 10 – честички, да додадеме фотографии од оџаците што испуштаат најмногу чад, и на крајот, задлабочени во тој салонски екоактивизам, да не видиме кој сосед од терасата фрлил кеса со отпад во тревникот. Нема врска, можеби ќе видиме утре. И онака се фрла секој ден.

Сега е најбитно да донираме некоја дупната велосипедска гума во бадниковиот оган, но и други дребулии што треба да се исчистат од подрумите. Мора да му покажеме на светот дека домашната и комуналната хигиена отсекогаш ни биле посилната страна. За перцепцијата на другите кон нас и онака не се секираме. Патем, што знае бриселски бирократ што се 40 кубици смет?