На Северна Македонија ѝ треба претседател што ќе се бори против ветерниците

Колумна на Харалд Шенкер

Поминаа речиси две години откако националистичка толпа упадна во парламентот во Скопје, најподлиот и најдеструктивен чин на политички кукавичлак што земјава го видела во речиси две децении откако за малку избегна граѓанска војна во 2001.

Тој чин од април 2017 година ја промени земјата и стави неповратен крај на ерата на Никола Груевски и на неговите ортаци. Но, дали е така? Многумина од нив се амнестирани и уживаат во сопствеништвото на голем број разновидни компании и недвижности.

Од моментот кога граѓанските протести беа преземени од сега владејачките социјалдемократи во март 2015, се чинеше дека историја секојдневно се создава. Со голема поддршка и поттик од ЕУ и од некои нејзини членки, но и од САД, земјата закрепна од состојбата на целосно заробена држава и продолжи да се тетерави на патот на реформите кон крајната цел – членство во ЕУ и во НАТО.

Во меѓувреме, главниот проблем што го блокираше напредокот беше решен, Северна Македонија е веќе реалност. Но, дали е така?

Заробена држава

В недела ќе се одржи првиот круг од претседателските избори.

Со нив ќе се стави крај на мандатот на еден претседател, кој никогаш, во ниту еден момент од неговите десет години престој во вилата над градот, не даде причина да се посомневаме во тоа дека тој не беше претседател на својот народ, туку на својот наредбодавец Никола Груевски.

Ќе се стави крај на мандатот на еден претседател со штетни политички маневри, со опскурни уверувања, со тврдоглави отфрлања и одбивања. Згора на сѐ, тој одби да ја признае промената на името и новата реалност што се создаде со тоа – де факто членството во НАТО, отворениот пат кон ЕУ и сериозниот удар врз проруските сили во градот.

Но, целосно заробување на државата е нешто од што едно општество може да заздрави преку ноќ.

Наследството на заробувачите е здраво и живо, а колективниот стокхолмски синдром и натаму е присутен.

Деновиве отидов на отворање филмски фестивал. На церемонијата на отворањето, нормално, се користеше официјалното име на државата – Северна Македонија. Не можеше да не се забележи колективното муртење и превртување со очи на секое изговарање на името. Тоа не беше мнозинството во салата, но, сепак, беше значително.

Во меѓувреме, се ближи крајот на кампањата, која веројатно ќе остане запишана во историјата како најнеинспиративна изборна кампања во подолг период. Освен грст нереални ветувања, со кои главно се игнорира фактот дека претседателот нема извршна власт, една работа е загрижувачка – ветувањето на опозицијата дека ќе ја поништи промената на името.

Тоа не е загрижувачко како политичко ветување, бидејќи никој со здрав разум не би тргнал по тој пат, знаат многу добро какви би биле последиците. Изолацијата никогаш не е добра идеја. Начинот на кој се распаѓа партијата на британските конзервативци е доволно силно предупредување.

Но, сепак, тоа е загрижувачко бидејќи е обид да се држат луѓето во заложништво на едно минато што веќе е надминато, на некоја идеологија на ексклузивизам, која е назадна во најдобар случај, и на политики кои ја донесоа државата на работ на диктатура.

Претседател за помирување

Северна Македонија допрва треба да влезе во срцето и во душата на луѓето. Заедно со сознанието дека идентитетот е нешто многу лично и флуидно и дека се создава со многубројни фактори, од кои главен не смее да биде политичката манипулација. Но, ова е друга тема, за која може долго да се дискутира.

Следниот претседател ќе треба да биде личност што обединува, што ќе треба да се обиде да ги залечи разните лузни и загноени колективни рани.

Ќе мора да биде некој што ќе ја врати довербата во оваа функција, што ќе ја исполни со нов живот и со ново значење. Ќе треба да биде претседател на сите граѓани, некој што јасно ќе го покажува тоа, без разлика на етничката припадност, социјалниот статус, родот или кој било друг личен идентитетски маркер, како религијата, сексуалната ориентација, наклонетоста кон спортски тимови, знаењето и употребата на јазиците, омилената литература или телевизиска програма итн.

Треба да биде претседател што ќе им прати порака на етничките Албанци за заедништво и да побара од нив да се однесуваат на тој начин. Треба да биде претседател што заедно со премиерот ќе води еден долг и темелен процес на помирување.

Тоа е тоа, нема многу што друго да прави еден претседател на Северна Македонија. И треба да му е јасно дека народот му е првиот приоритет. Поставувањето нов скриен жител во вилата над градот би било трошење време и ресурси. Има ветерници со кои треба да се бори.

Снемува време

Но, секако, политичките партии, исто така, се жртви на хаосот што самите го создадоа.

Прагот од 40 проценти излезност во вториот круг е потенцијална стапица.

Неможноста да се обезбеди попис, неуспехот да се обезбедат вистински информации за да се наполнат базите на податоци од кои се креира избирачкиот список нудат големи можности и за фалсификување и за оспорување на резултатите.

Оваа неодговорност ја делат сите политички партии, бидејќи се заканува дополнително да ја делегитимира институцијата претседател на републиката.

Ако изборите не успеат, многу веројатно ќе следува нова политичка криза, а предвремени парламентарни избори би биле еден од излезите. Ако се има предвид дека Советот на ЕУ треба да донесе одлука за отворање на пристапните преговори во јуни, повеќе од очигледна е потребата да се избегне нова криза.

Почнав со упадот во парламентот. Денес, две години подоцна, тие настани се чинат далечни и речиси нереални и едно генерално чувство на апатија го освои јавниот простор. Кампањата за претседателските избори не успеа да го смени тоа. Некои дури велат дека го засили.

Се прашувам дали претседателот што ќе произлезе од овие избори ќе биде тој што ќе ги инспирира луѓето, што ќе им кажува дека демократијата е битка што се води секој ден, дека лоши момци ќе победат ако граѓаните не ја водат таа битка.

Доволен е краток поглед на градовите и на нивната јавна инфраструктура, на катастрофалната состојба во која се многу локалитети од културното наследство, на градежната мафија што работи речиси без пречки, за да се добие чувство дека веќе сме блиску до пет до дванаесет.