Најдепресивниот ден во годината

Глобално, најдепресивниот ден во годината, третиот понеделник од јануари, годинава паѓа само ден по Водици, односно по скокањето по крстот и на денот кога е инаугурацијата на старо/новиот претседател на САД, Доналд Трамп. Случајност? Можеби. А можеби и не. Вам ви останува да си одговорите.

Македонскиот дел од депресијата

Најдепресивниот ден во годината е воведен пред 20 години (во 2005), а авторот на овие редови, откога знае за него, во тој понеделник се обидува да ги дофати сите, од најмалите до најголемите, депресивни вибрации што тој ден му ги носи. Како и повеќето работи што ги правам на ова поле, работата е главно залудна. Некогаш „депресивните“ понеделници се навистина сончеви и весели зимски денови, а некогаш се тмурни и не се разликуваат од другите денови во годината, освен можеби од оние навистина подепресивните од овој понеделник.

Ако веќе целиот свет прифатил дека третиот понеделник во годината е најдепресивниот ден, зошто тогаш кај нас не е така? Мојот единствен заклучок е дека Македонија ја пресметува својата депресија по некој друг календар. Не знам, можеби кај нас најдепресивниот ден е третиот понеделник од кинеската Нова година!

Ако е точно моето тврдење дека во некаква општествена смисла, јас сум еден сосема просечен граѓанин на оваа држава, тогаш излегува дека научно е докажано дека во Македонија сите денови се најдепресивни денови во годината

Најдепресивниот ден во годината е измислица на велшкиот психолог Клиф Арнал. Неговата логика е дека понеделникот, сам по себе, е најдепресивниот ден во годината, дека во третиот понеделник во јануари, зимата е во полн замав, а пролетта уште е далеку, дека декемвриските и јануарските празници се завршени, трошоците се направени, а платата не е стасана и, конечно, во третиот понеделник од јануари сфаќате дека оние цели што сте си ги задале на почетокот на годината, главно нема да ги исполните.

За да изгледа работата посериозно, Арнал воспоставил и формула според која го пресметал овој ден: [W + (Dd)] xTQ / MxNA, при што W = временските (климатските) услови, D = веќе направен долг, d = месечни примања, T = времето поминато од Божик, Q = времето откога пропаднале новогодишните одлуки, М = висината на мотивациското ниво и NA = чувството од потреба за преземање акција.

Како што читателот може да заклучи, повеќето од зададените варијабли се стриктно субјективни, односно секој мора да ги одреди самиот за себе. Ете, се обидов и јас да ја решам оваа равенка лично за себе. И ми излезе дека не овој понеделник, туку речиси секој ден од годината ми е најдепресивниот ден во таа година. Ако е точно моето тврдење дека во некаква општествена смисла, јас сум еден сосема просечен граѓанин на оваа држава, тогаш излегува дека научно е докажано дека во Македонија сите денови се најдепресивни денови во годината.

Се разбира дека „најдепресивниот ден во годината“ е само уште еден маркетиншки трик и малку забава за широките депресивни маси. Самиот Арнал, во едно интервју вели дека бил прилично изненаден како оваа негова идеја толку бргу фатила толкав глобален корен. А, работата е прилично едноставна.

Овој професор во некоја вечерна школа, во Кардиф бил ангажиран од една маркетиншка агенција да го предложи идеалното време за букирање летни аранжмани. Ако е битно, нарачател на оваа услуга е патничката агенција „Скај травелер“. Според Арнал, зимскиот период е зададен како термин, а кога најмногу ќе се израдувате на летните удопства, ако не тогаш кога сте најдепресивни? И така стасал до фамозниот трет понеделник во јануари.

Македонскиот дел од инаугурацијата

Но, годинава работите навистина можат да го потврдат „алгоритмот“ на Арнал. Што се однесува до Македонија, тоа што понеделникот паѓа точно по Водици, не е без некаква смисла. Имено, со Водици завршуваат таканаречените „некрстени“ денови (кога на „гревовите“ им се гледа низ прсти) и, што е уште поважно, декемвриско-јануарските „вински празници“ (славите, новогодишните денови, Божик, Василица, па и Водици).

Сармата е изедена, руската салата се скиселува, елката е раскитена, честитките завршени… Останува само мамурлакот, пресметките како да се издржи до следната плата, тегобното сознание дека работната година почна и магливата идеја дека следниот празник е длабоко напролет, еднодневниот 1 Мај.

Интересен е списокот на поканетите гости. Трамп, имено, покани докажани популисти, чие владеење се граничи или се граничело со диктатура

Другите теми, оние за здравствениот систем, потрошувачката кошничка, осомничените бегалци, загадениот воздух, сообраќајот во Скопје…, овојпат ќе ги избегнам. Мислам дека и она погоре кажаното има доволен депресивен капацитет да ве фрли во очајување. Нехумано е и во мамурното време да се потсетуваме на тмурното секојдневие.

Во тој контекст, не е случајно спомната и инаугурацијата на Трамп. Небитен е, ама е илустративен фактот дека за првпат по 40 години, поради временските услови, инаугурацијата на еден американски претседател ќе се одржи во затворен простор (во ротондата на Капитол во Вашингтон).

Небитно е, ама вреди да се спомене дека главни ѕвезди на инаугурацијата ќе бидат за нас малку познатата 41-годишна кантри-пејачка Кери Андервуд и којзнае која постава на ветераните „Вилиџ пипл“. И покрај огромните донации за инаугурацијата од „Мета“, „Амазон“, „Тесла“ и другите гиганти, „културната“ опозиција стапи на сцена. Ѕвездите од типот на Тејлор Свифт или ветераните како Нил Јанг или Брус Спрингстин, со индигнација одбија да свират на официјалното поставување на Трамп за претседател.

Иако полагањето заклетва на американскиот претседател традиционално се смета за „внатрешна“ работа, Трамп не би бил Трамп, ако и во овој случај, како и при претходната инаугурација не ги прекрши правилата. Затоа, пак, интересен е списокот на поканетите гости. Трамп, имено, покани докажани популисти, чие владеење се граничи или се граничело со диктатура.

Поканет е, на пример, бившиот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој, ете, не е во можност да присуствува затоа што му е одземен пасошот, а пасошот му е одземен поради обвинение за државен удар и планирано убиство на сегашниот претседател Луис Игнасио Лула да Силва, кој, пак, не е повикан на прославата.

Натаму, поканет е кинескиот претседател Си Ѓинпинг, кој реши да не оди, туку да пушти висока делегација од кинеското раководство. Поканет е крајно десниот либертијански претседател на Аргентина, Хавиер Милеи, човекот што најавуваше дека Аргентина ќе го прифати доларот како платежно средство, а Конгресот го нарекуваше „гнездо на стаорци“.

Поканет е и неговиот колега Наиб Букеле од Ел Салвадор, човекот што го смени уставниот поредок само за да остане на власт и кој е обвинет за сериозно кршење човекови права и произволно апсење илјадници негови политички противници.

Од Европа е поканета италијанската премиерка Џорџа Мелони, но многу е поинтересен списокот на оние што не се поканети, а не се поканети францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот лидер Володимир Зеленски и британскиот премиер Кир Стармер. Сепак, британскиот десничар Најџел Фараж најави дека ќе присуствува на инаугурацијата. Не е повикан ниту Владимир Путин, но ни Унгарецот Виктор Орбан, како ни севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Она што се знае е дека на инаугурацијата ќе присуствува висока македонска владина делегација, на чело со премиерот Христијан Мицковски, иако не е најјасно дали поканата стасала директно од штабот на Трамп или од некоја од лоби-организациите што учествуваат во организацијата на настанот. Во секој случај, друштвото е како што прилега.

Но, да се вратиме ние на нашиот понеделник. Мислам дека оној велшки психолог е прилично во право. Случајно или не, токму деновиве, што би се рекло, во кругот на семејството, разговаравме за тоа дали, како и кога би можеле семејно да одиме на годишен одмор. Депресија, нема што.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија