Да се разбереме на самиот почеток, за да нема забуни на крајот: Вардар е приватен, професионален ракометен клуб, во доминантна сопственост на странец, со интернационален стручен и менаџерски тим и со врвни, професионални, исто така интернационални ракометари, и затоа секое негово поистоветување со државата Македонија, без оглед дали за некого таа е уште Република Македонија, или Република Северна Македонија, или БЈРМ, во најмала рака е неумесно.
Вардар е странска инвестиција и странски посед, како што се тоа огромен број фирми во државава – од повеќето банки, па сѐ до „Џонсон Мети“, на пример.
И тука нема и не треба да има никакви мистификации. Дури ни во сферата „не примиле девет месеци плата, а го оставија срцето на терен“. Тоа, впрочем, е нивна работа. Како што и прашањето дали се добро платени или не се воопшто платени е повторно нивна работа, како и работа на нивниот работодавач и на неговите пресметки, на државните органи задолжени за ова и, во крајна инстанца, на судскиот систем.
На крајот на краиштата, од слични причини речиси се растури женскиот ракометен клуб Вардар, како што претходно (буквално) се растури Кометал Ѓорче Петров. Или, ако треба да бидеме поприземни, колку само претпријатија пропаднаа или колку професионалци од разни области не примаа плата или не примаат плата со месеци, а „го оставаа срцето на теренот“ (да ја искористиме спортската терминологија)?
Колку од нив, на овој или на оној начин, придонесоа за развојот на државата, па и за нејзината афирмација? И? Ништо! Секој се снаоѓа онака како што најдобро умее и во рамките на своите вештини и можности. Како што тоа, секако, го прават и професионалните ракометари.
Самореализацијата преку омраза кон другиот, инаквиот, соседот…, всушност, е показ на најголемата импотенција и доказ дека не сме способни да создадеме никаква сопствена вредност. И најголем пораз во големата победа на Вардар
Тоа, се разбира, не значи дека не треба да бидеме горди на овие успеси и дека не треба да ги славиме. Напротив. На крајот на краиштата, тоа е и една од поважните улоги на спортот, културата, уметноста, науката, па дури и стопанството – спојувачка, интегративна улога, преку која сите се препознаваме и се идентификуваме како заедница што успеала да докаже нешто или да се докаже во „успешниот свет“.
Со еден збор, спортот, уметноста и културата се фактори по кои се препознаваме, па и факторизираме и по кои нѐ препознаваат по светските меридијани или, како што тоа е денес модерно да се каже, тие се нашиот идентитет. Веќе извесно време, особено последните години, еден важен дел од тој идентитет е токму – ракометот!
Или можеби не е? Оваа дилема ми се постави истата вечер кога Вардар по вторпат стана европски шампион. Имено, истата вечер македонската женска ракометна репрезентација играше важен баражен натпревар со Словенија, а во публиката имаше едвај десетина луѓе, што ќе рече дека изгледа и не сме толку ракометна, па, ако сакате, и патриотска нација, барем не онолку како што сакаме да си се претставуваме себеси. Секако, најмалку сме спортска нација.
Прославата на големиот европски триумф на Вардар или барем делови од таа прослава беше потврда токму за контраспортскиот идентитет, кој, ако не е доминантен, тогаш е прилично агресивен и видлив.
Време е и ние да се угледаме на Вардар и да го покажеме нашиот карактер – да ги елиминираме од јавната сцена оние што големите успеси ги претвораат во порази
Пеење песни за „клетите Шиптари“, кршење стакла на автомобили со косовска регистрација (најверојатно дојдени на концертот на Стинг), скандирање „Чиста Македонија“, наводен напад на министерот Тевдовски со зборовите „Никогаш Северна, секогаш Македонија“ не ги покажува само недораснатоста на европскиот успех на Вардар, примитивизмот, недостигот од домашно воспитание и култура, туку ја покажува личната и колективната нереализираност. А тоа е токму спротивно од она што спортот и успехот воопшто го претставуваат.
Самореализацијата преку омраза кон другиот, инаквиот, соседот…, всушност, е показ на најголемата импотенција и доказ дека не сме способни да создадеме никаква сопствена вредност. И најголем пораз во големата победа на Вардар. Зашто ракометниот клуб Вардар е токму доказ на дијаметрално спротивните вредности од оние што ги презентираат неговите квази-навивачи.
Вардар е резултат на повеќегодишна работа на различни врвни професионалци, составени не само од повеќе нации, туку и од повеќе континенти, кои ги знаат своето место и својата улога во тимот. Во тој механизам (како и во кој било друг) нема место за „чиста Македонија“, ниту, пак, може да се зборува за јазични, национални, верски или расни разлики, зашто во спротивно нема да има ни успех.
Нема да кажам ништо ново кога ќе констатирам дека можеби најважната работа што ја покажа Вардар на финалниот турнир на Лигата на шампионите беше она што најмногу ни недостасува – карактерот! Особено, се разбира, по елиминацијата на оние минус седум голови против моќната и фаворизирана Барселона. Време е и ние да се угледаме на Вардар и да го покажеме нашиот карактер – да ги елиминираме од јавната сцена оние што големите успеси ги претвораат во порази.
Еве, се ближи Парадата на гордоста. Ајде да бидеме навистина горди!