Регион

БиХ: Потврдена ослободителна пресуда за злосторства во Кладањ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Харис Ровчанин, Сараево

Судот во БиХ | Фото: БИРН

Судот на Босна и Херцеговина, ја потврди првостепената пресуда, со која седум лица беа ослободени од обвинението за воени злосторства, извршени врз српското население во регионот на Кладањ, во 1992 и 1993 година.

Апелацискиот совет на Судот на БиХ, ја потврди првостепената пресуда, со која седум обвинети лица, беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства, извршени во Кладањ, од мај 1992 до јули 1993 година.

Ослободени се Сафет Мујчиновиќ, Селман Буснов, Нусрет Мухиќ, Зијад Хамзиќ, Рамиз Халиловиќ, Неџад Хоџиќ и Осман Гогиќ.

Апелацискиот совет ја одби жалбата на обвинителството како неоснована и ја потврди ослободителната пресуда од 8 септември 2017 година.

На Мујчиновиќ и на останатите им се судеше за нелегално затворање на српски цивили во Ступари, кај Кладањ, како и за нивно тепање и нехуман третман.

Во образложението на првостепената пресуда се вели дека вината на обвинетите не била докажана, со оглед дека по некои точки од обвинението бил сослушан само еден сведок, а во однос на другите точки на обвинението, исказите на сослушаните сведоци биле контрадикторни и нејасни.

Во обвинението беше наведено дека Мујчиновиќ бил командир на полициската станица во Ступари, Буснов началник на станицата за јавна безбедност во Кладањ, Хамзиќ командир на чета, а подоцна и командант на баталјон на територијалната одбрана на Ступари, додека Халиловиќ бил активен полицаец и командир на одделението на воената полиција во Ступари.

Хоџиќ, според обвинението, бил резервен полицаец, Гогиќ воен полицаец, а Мухиќ шеф на групата за спречување на криминал во станицата за јавна безбедност.

Јавното обвинителство, според проценката на Судскиот совет, не докажало оти Мујчиновиќ давал наредби за статусот на цивилите, ниту пак дало докази дека Мујчиновиќ знаел или можел да знае за незаконските испрашувања на неговите подредени.

Со првостепената пресуда, меѓу другото, беше утврдено дека Буснов двапати доброволно им се обраќал на одредени органи за решавање на статусот на цивилите, дека Халиловиќ не бил задолжен за нив, како и дека изјавите на сведоците не соодвествуваат за битни факти во поглед на идентификувањето на Гогиќ и Хоџиќ.