На почетокот сакам да кажам дека сум татко. Дека имам ќерка. Со овој факт не сакам да си дадам некаков ексклузивитет за подлабоко чувство или сочувство од останатите за смртта на малата Вања. Сакам само да илустрирам каков гнев и каков очај чувствувам по грозоморното убиство што го извршија монструозните сапиенси во мојот град.
Нема да се придружам на бројните „стратези“ од социјалните мрежи со сопствени видувања за случајот. Нема да го напаѓам Министерството за внатрешни работи. Нема да давам психолошки профили на родителите на убиеното дете. Ниту ќе се занимавам со политичките ставови на осомничените. Не ме интересира. Како што не ме интересираат ниту мотивите (користољубие?) за убиството.
Насилството е насилство. Убиството е убиство, а убиството на дете е незамисливо убиство. Тоа нема политичка боја. Нема ни национална. Тоа е индивидуална и општествена болест. Тешка, најтешка општествена болест. (Впрочем, инсистирањето во соопштението на МВР на националноста на осомничените за двојното убиство, прилично јасно говори во колку болно општество живееме).
Инсистирањето во соопштението на МВР на националноста на осомничените за двојното убиство, прилично јасно говори во колку болно општество живееме
Она што ме мачи е прашањето како можеше да се случи тоа? Дали можеше да се превенира ова грозоморие? Дали можевме да ги препознаеме убијците меѓу нас? И зошто не го направивме тоа?
Американскиот социолог Рендал Колинс (Randall Collins, „Violence: A Microsociological Theory“ 2008), на пример, тврди дека, за разлика од другите животни, на човекот насилството не му е иманентно, односно е ретко, а онаму каде што го има, тоа е – некомпетентно! Несмасно, грдо и глупаво.
Од друга страна, живееме во општество каде што насилството и неказнивоста се нормализирана појава. Насилството е секаде околу нас. Во сообраќајот, во училиштето, по социјалните мрежи, на телевизиските екрани, во медиумите, во семејството, во соседството, меѓу децата, пред шалтерите и касите во маркетите…
Колку пати некој џип бесно ви ја пресекол сообраќајната лента пред вашиот автомобил? Колку пати некој влегол во лекарска ординација преку ред? Колку пати некој ве опцул или ви се заканил на социјалните мрежи?
Зошто е тоа така? Наједноставниот одговор гласи: затоа што му се – може! Но, зошто му се може?
Токму на ова место во приказната влегува општеството. Општествените околности создаваат луѓе на кои им се може и луѓе врз кои се може. Една од причините за насилство е нееднаквоста и сеирџиската публика. Во врсничкото насилство, на пример, посилниот го малтретира послабиот (главно со одобрување или барем премолчување на набљудувачите). Во семејното насилство е слично.
Се разбира дека грозоморното двојно убиство не може да се споредува со „врзување“ на две-три шлаканици или со некакви клетви по социјалните мрежи. Или можеби, сепак, може? Отприлика, тоа така почнува. Со толеранција, непреземање никакви мерки, игнорирање или дури со извесна премолчена или јавна поддршка.
Ние ги однегувавме овие ѕверови. Ние им рековме дека им се може. Ние ги поддржувавме или барем се правевме слепи пред нивните постапки. Сега сме сите запрепастени.
Навидум бенигните ситуации, какви што се, да кажеме, оние телевизиски емисии со вклучување на гледачите или политичките телевизиски дебати на националните фреквенции, се јавна валоризација на вербалното насилство. Колку што си понасилен, толку си поуспешен. Или барем пославен меѓу аудиториумот. Будењето ниски страсти и примитивни вкусови преку различни ријалити и наводни телевизиски шоу-програми, исфрлањето какви било едукативни содржини создаваат плодна почва за инсталирање сосема погрешен систем на вредности. Обложувалниците и казината се наоѓаат речиси до секое училиште. Корупцијата, „застарувањето“ на судските случаи за моќните, неспособните институции, закоравеното образование, сето тоа се фактори на кои веќе се навикнавме, за да се изненадиме отпосле дека меѓу нас живеат ѕверови.
Ние ги однегувавме овие ѕверови. Ние им рековме дека им се може. Ние ги поддржувавме или барем се правевме слепи пред нивните постапки. Сега сме сите запрепастени. А уште до вчера коментиравме дека „носела скап ајфон“, „што не ја чувале додека се возикала со џипови“, „Ја фатил бес“…
Затоа, Колинс вели дека не треба да ги анализираме насилниците, туку насилните ситуации. Во некоја друга ситуација, во некој друг вредносен систем, во некој помалку корумпиран и помалку олигархиски систем, во систем каде што институциите би функционирале, а квалитетот би се препознавал и надвор од политичките определби, во таков некој систем, можеби, велам само можеби, овие ѕверови би биле некои бирократи, обични службеници, кои би се враќале дома после работа и утредента повторно би оделе на работа и би си ги живееле своите мали животи.
Во моментов кога го пишувам овој текст, не знам дали ќе се одржи лидерската средба. Но, еве им тема за размислување, за разговор, ама првенствено за дејствување – каде се причините за насилството во насилничкото општество во кое живееме.
Девојчето повеќе никој не може да го врати. Можеме ли да направиме нешто барем други деца и други луѓе да не страдаат од оние на кои „им се може“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија