Слонот во собата

Не беше тешко да се претпостави дека шефот на дипломатија со најдолг стаж меѓу вчерашните учесници на Министерскиот совет на ОБСЕ, Сергеј Лавров, ќе се обиде да направи прес-пропаганден монолог, помалку поврзан со прашањата, а повеќе со рускиот интерес да се објасни неразбраната вистина.

Фактот што вчера никој не го поздрави од моментот кога влезе и се пробиваше низ пленарната сала до неговото столче, освен соседот од десно, (и рачно напишана порака „резервирано за НАТО“ за која реагираше Захарова), и фактот што некои претставници решија да не го слушаат неговото обраќање, очигледно го перпетуираше чувството на „слон во собата“.

Оттука, прес-конференцијата остана единствена формула за санирање на штетите и мала компензација за изгубеното внимание. Најавите за голем интерес за билатерални средби, според соопштенијата објавени на сајтот на руското МНР, се сведоа на три: со министрите за надворешни работи на Казахстан, Ерменија и на Унгарија. Дури и да биле 30 – небитно.

Едностраното тврдење, според кое Западот е виновен за сѐ, според тоа Русија за ништо, не е точка од која може да се тргне во решавање на конфликтите, и со ОБСЕ, и без ОБСЕ

Состанокот покажа дека дијалогот тешко се враќа откако нештата ќе отидат по ѓаволите. А до толку се отидени, што претставникот на Русија, која почна војна во Украина и предизвика огромен број цивилни жртви, денес му држи лекции за цивилни жртви во Газа.

Да тоа е многу релевантна тема, но од каква морална позиција Лавров говори за неа, додека ја негира руската војна во Украина и руската одговорност за страдањата на Украинците?

Нѐ недостигаа ни избрани рефрени за балканските состојби, дел за руското разбирање на македонските проблеми со името, со Бугарија и други „после битка – генерал“ приказни, кои немаат за цел да ја разбистрат, туку да ја заматат водата.

А тоа мора да биде поука за колективниот Запад – при неговата посредничка помош да не остава простор за асиметрични компромиси на штета на малите држави по што Русија бргу се самопрепорачува да ги лечи нивните рани, на еден манипулативен начин.

Едностраното тврдење, според кое Западот е виновен за сѐ, според тоа Русија за ништо, не е точка од која може да се тргне во решавање на конфликтите, и со ОБСЕ, и без ОБСЕ. Состанокот беше одлична можност да се разговара на овие теми, отворено, без суета, без калкулации „ако дојде тој, не доаѓам јас“, но епилогот покажа дека дефилирачката дипломатија сѐ уште е под нивото на нужната промислувачка дипломатија.

Што се однесува до напорите да опстои Организацијата, да се обезбеди присуство на сите и можност за дијалог, да се деблокираат клучни одлуки за нејзиното натамошно функционирање, Македонија направи сѐ. И повеќе од тоа.

Имаше и одлична организација, и врвно спроведени мерки за безбедност на делегациите, но го имаше и најважното – одговорниот однос на граѓаните, кои во изминатите три дена навистина дадоа личен придонес за севкупниот впечаток. Без нервоза и критики поради затворените улици, со висока свест за значењето на самитот, и со воздржување од употреба на возила, придонесоа во успехот Македонија да се покаже како одличен домаќин на состанокот.

Aко државата е ефикасна и брза кога во најдобро светло треба да се покаже пред светот три дена, мора да биде уште поефикасна за потребите на граѓаните дома 365 дена

Е сега, ако државата е ефикасна и брза кога во најдобро светло треба да се покаже пред светот три дена, мора да биде уште поефикасна за потребите на граѓаните дома 365 дена. Ако можеше за кратко време да се преадаптира салата „Борис Трајковски“, мора да има таква брзина и кога треба да се реагира за болници, училишта, градинки, разнишани мостови, оштетени пруги, патишта, свлечишта…

Големата „ергела“ од возила за потребите на состанокот треба да биде наше секојдневие, ама не за потребите на функционерите, туку за потребите на службите за Итна помош, противпожарните единици, ЦУК, за чистење и одржување на патиштата, за собирање смет, за спасување и други потреби.

Посветеноста кон инклузивен дијалог, во кој нема да биде исклучен никој, како што беше обидот да му се овозможи на Лавров да пристигне во Скопје, треба да е „добро утро“ во внатрешните политички односи на земјава.

Да беше така, немаше да се стигне до несогласување за уставните измени, а опозицијата да се жали дека била исклучена, неконсултирана и неинформирана за разговорите за решавање на проблемот со Бугарија. Или, опозицијата од медиумите да дознава дека в понеделник ќе има лидерска средба.

При инклузивен дијалог, во кој ќе бидат разговарани и надминати непрележаните детски болести на предизборните национализми и натпревари со етнички или верски симболи, земјата-претседавач со ОБСЕ уште посилно ќе покажеше дека дома го има моделот што носи стабилност, безбедност и мир. И дека многу земји, меѓу кои и од ЕУ, можат да учат од нас.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија