Наскоро ќе биде пропаста на светот

Се сеќавам дека кога бев дете, моите родители ме водеа во кино секогаш кога ќе се даваше некој југословенски филм. На повеќето од тие филмови не им се сеќавам ни на насловите, а камоли на содржината. Но, еден филм за мене имаше мошне впечатлив наслов, „Наскоро ќе биде пропаста на светот“ (Biće skoro propast sveta). Освен насловот, помнам уште дека во овој филм глумеше тогашната француска ѕвезда Ани Жирардо и уште помнам дека моите беа страшно разочарани дека не стануваше збор за комедија, иако во филмот една од главните машки улоги ги толкуваше познатиот белградски телевизиски комичар Мија Алексиќ.

Се разбира дека подоцна разбрав дека, не само што не станува збор за комедија, туку дека овој филм на Александар Саша Петровиќ е едно од поважните дела на југословенскиот филмски црн бран. Но, единственото нешто што го запомнив е дека филмот беше поткрепен со сонгови што ги пееја извесни Роми. Всушност, го запомнив насловниот сонг, чиј рефрен отприлика одеше: „Наскоро ќе биде пропаста на светот. Нека пропадне, не е штета“ (Biće skoro propast sveta. Nek’ propadne, nije šteta).

Од таа 1968 година, кога е емитуван филмот, до денес преживеав безброј пропасти на светот. Некои беа поспектакуларни, други попрозаични. Во мојот животен век промаршираа разни Нострадамуси, паѓаа уништувачки комети и метеори, со климатските промени се случуваа студени и топли војни, се распаѓаа системи, некои држави пропаѓаа, други се пораѓаа…

Но, ете, дури сега, со ескалацијата на судирите на Блискиот Исток, рефренот на онаа филмска песна никако не ми излегува од глава.

Влажните соништа на Нетанјаху

Како и во филмот на Саша Петровиќ, и во овој филм, главната улога ја толкува еден од најголемите шоумени во историјата на светската политика, американскиот претседател Доналд Трамп. Но, никако не станува збор за комедија, туку за еден од најцрните периоди во светската историја. Ако е врежано мислењето дека Балканот е буре барут, тогаш што е Блискиот Исток? Што е Израел? Што е Иран? Атомска бомба?

Очигледно е дека нападот на Израел врз Иран е резултат на долгорочно планирање и на некој начин тоа е остварување на „влажните сништа“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Од своите, не знам, 16 години на власт, тој барем една деценија мантра за потребата од смена на режимот во Иран, прогласувајќи го за „егзистенцијална“ закана за неговата држава.

Но, зошто токму сега? Нетанјаху е прилично осилен по масовното и масивното уништување на Палестинците во Газа. Практично гледа дека едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото, не само што не е санкционирано од тоа исто човештво, туку премолчено, а некаде и гласно доживува одобрување од поважните играчи во светот.

На агресијата врз Иран претходеа напади и бомбардирања на Сирија, Либан и Јемен, при што главните сојузници на Иран во регионот, паравојските на Хамас, Хезболах и на јеменските хутисти се, или обезглавени, или сериозно оштетени.

Тоа, едноставно, значи дека Иран, чија доктрина, за волја на вистината, навистина се состои во уништување на ционистичката држава, во моментов е можеби најслаб од неговото формирање до денес. Неговите главни сојузници во светот, Русија и Кина, изгледаат прилично незаинтересирано за она што се случува на Блискиот Исток. Русија, зафатена со својата војна во Украина, која очигледно ја исцрпува, не успеа да го заштити режимот, сирискиот претседател Башар ал Асад, така што не треба да се негуваат илузии дека ќе преземе некакви посериозни чекори за заштита на режимот на ајатолахот Али Хамнеи. На Кина, пак, доктрината никогаш не ѝ ни била директно да се вмешува во далечни меѓудржавни конфликти.

Турција, како еден од поголемите играчи во регионот, со изразита антиизраелска политика и поддржувач на Иран, останува само на остри вербални осуди на израелските агресивни дејствија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на пример, остро ја нападна израелската агресија врз Газа. Но, не отиде подалеку од тоа.

Од друга страна, без оглед на традиционалното непријателство меѓу Евреите и Арапите, арапските држави во регионот упадливо се трудат да ја задржат својата неутралност. Конечно, голем дел од нив во Иран гледаат поголема закана отколку во Израел.

Од Европската Унија, која, таква каква што е, не може да се справи ни со сопствената одбрана, не може да се очекува некаква воена интервенција, во смисла на одвраќање или спречување на некој поширок воен судир. На крајот на краиштата, Израел е европска творба и тој е европско милениче кому сешто му се прогледува низ прсти.

Хаос во најава

Што значи тоа? Значи дека шансите за некој поголем регионален судир се сведени на минимум. Освен ако Али Хамнеи не ги оствари своите закани и не ги нападне американските воени бази во регионот и на тој начин директно да ги вмеша Американците во судирот. Но, се чини, дека дури тогаш дефинитивно ќе си ја потпише сопствената смртна пресуда, а богами и на неговата земја.

Впрочем, Иран и сега нема некаков поширок избор. Слично како и Палестинците, буквално е оставен сам да се брани онака како што знае и умее.

Да се разбереме, Иран со својата контроверзна нуклеарна програма навистина може да биде закана за регионот, но и за светот. Иако Иран упорно тврди дека ја развива својата нуклеарна програма само за мирнодопски цели, потврдените информации велат дека произведува ураниум збогатен за 60 проценти, што е само чекор до создавање атомска бомба.

Колку што се знае, само Израел во регионот има атомско оружје (иако и Израел тоа не го признава), но и ако Иран се стекне со такво оружје, тогаш зад нив сигурно нема да заостанат ниту Саудиска Арабија и Турција, а можеби и некои други земји во опкружувањето. Светот, едноставно, не може и не смее да си дозволи уште еден индиски потконтинент, кога никогаш не знаеш кој, како и кога ќе го притисне црвеното копче.

Но, прашањето за милион барели нафта гласи: што ќе се случи ако исламскиот режим во Иран капитулира? Постои основан страв дека во уште една огромна држава (преку 90 милиони жители) ќе се создаде вакуум сличен на оној во Ирак, Сирија, Либија…

Да не заборавиме дека Иран е мултинационална, мултикултурна и мултиконфесионална држава. Во Иран живеат повеќе Азербејџанци отколку во Азербејџан, живеат десетина милиони Курди, како и други народи. Сѐ до исламската револуција во 1979 година, во Иран живееше најголемата еврејска заедница во светот по Израел. Со паѓањето на режимот на шахот Реза Пахлави и со доаѓањето на ајатолахот Рухолах Хомеини на власт, најголемиот дел од Евреите се иселија, но се проценува дека уште околу 20.000 сѐ уште живеат во Иран.

Каде е тогаш решението? За среќа или за жал, во рацете на Доналд Трамп. Чинам дека тоа е единствениот човек што во овој момент може да ги притисне двете страни, особено осилениот Израел и да задржи некаков статус кво во регионот. Но, рековме веќе, Трамп е шоумен и како таков е сосема непредвидлив. Плива, што би се рекло, на работ меѓу комедијата и трагедијата.

А ние? Нам не ни останува ништо друго, туку да си го потпевнуваме стариот рефрен: „Наскоро ќе биде пропаста на светот. Нека пропадне, не е штета“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија