Од тоа како ќе се изјаснат членовите на политичкиот квартет пред граѓаните, ќе зависи кои од нив ќе станат сојузници во битката за правдата и иднината, а кои ќе мора да заминат во историјата. Тој процес ќе се случи, без разлика дали посредниците е помогнат или ќе одмогнат.
Доаѓаат во Скопје, но се помалку можат да стигнат до Пржино. Вака накусо може да се опишат „ефектите“ од досегашното дипломатско посредништво во разрешување на македонската криза. Без оглед колкав број посредници доаѓаат, засега нивниот квантитет е во обратно пропорционален однос со квалитетот на планираните координати за излез од кризата. Тие координати не ќе можат да се концептуализираат, ако посредниците не се соочат со ноторниот факт дека овој преговарачки „квартет“ не може да произведе унисоно решение.
Причината е јасна. Најмалку двајца од квартетот, во повеќе наврати докажаа дека се заинтересирани единствено за реставрирање и одржување на девијантното статус-кво, кое им ја гарантира политичката власт, неказнивоста и личната слобода. Аболицијата е нивниот животен еликсир за политичка долговечност и до последен здив зад сцената грчевито ќе се борат за нејзино опстојување, додека јавно ќе тврдат дека овозможиле законски можности за нејзиното повлекување.
Какви било натамошни очекувања на конструктивни решенија за излез од кризата од такви соговорници, повеќе не ќе може да се оправдаат со неинформираност на посредниците или со нивна нецелосна упатеност во суптилитетот на сите византиски игри што власта може да ги одигра.
Рокот за ваква неинформираност истече. На 2 јуни „Пржино“ ќе прослави една година. Повеќе не е дозволено кревање раменици и отсуство на јасна оценка од „кумовите“ зошто ова дете досега не прооде, кој му ископа ендек и кој му го скрши единствениот израснат заб (СЈО).
На 2 јуни „Пржино“ ќе прослави една година. Повеќе не е дозволено кревање раменици и отсуство на јасна оценка од „кумовите“ зошто ова дете досега не прооде, кој му ископа ендек и кој му го скрши единствениот израснат заб (СЈО)
Особено, што пред посредниците власта цела година изведува еден ист перформанс, чие дејство се темели на две основни форми на одрекување на вината. Со првата, ја негира важноста од правна разрешница на индициите за криминал, спротивставувајќи и ја суперважноста од изборите на која „народот“ ќе пресуди за довербата, а со тоа и за некаква суперпрезумпција на невиност. Тоа е најбезобразен обид правниот процес да го трампаат со изборен, а одлуките на судиите да ги заменат со одлука на „народот“. Практично, нашите „демохристијани“ бараат толпата/народот да одлучи дека Варава ќе биде ослободен, а вистината/правдата да биде распната на крст.
Форсирањето на неказнивоста е форма на целосен аморален ревизионизам, кој ја институционализира единствено лагата. Оваа стратегија имплицира дека со амнестијата сите сомнежи брзо и елегантно ќе се претворат во археолошки наод закопан десет слоја под површината на земјата, и со тоа на никаков начин нема да влијаат на нивниот натамошен, но и на нашиот општествен живот.
Втората стратегија е лажно претставување на тоа што се случило, како дело на заговор, на странски служби и домашни платеници. Оваа стратегија пропагандно и масовно се инструментализира, за да може тој фалсификат да стане „црвената линија“ според која „народот“ ќе се постројува во бранител од надворешниот и внатрешниот непријател. И двете форми произведуваат разорни морални и политички последици. Со оглед на тоа, опциите за излез од кризата настаната како резултат од владеење на школски пример на злосторничко здружение, во практиката се многу стеснети и мора да се третираат без дипломатски ракавици и обланди.
На пример, не може еврокомесарот Хан да ги исцрпи своите посредничко-оперативни можности со тоа што ќе ни „открие“ дека одлуката за аболиција го довела во прашање кредибилитетот на Иванов. Или дека ако аболицијата не биде повлечена тоа ќе биде прекршување на пржинскиот договор, а тој не може да ја предвиди реакцијата на меѓународната заедница. А нашата утеха треба да биде во тоа што најверојатно Иванов нема да биде поканет на Самитот на ЕУ за Балканот во Париз или на НАТО-самитот во Варшава.
А зошто да не го поканат? Зарем светот не сака да го види последниот приврзаник на средновековната правда во модерна Европа? Или се плашат што во тоа двоножно огледало на македонската реалност ќе го видат и поразот на сопствените евроатлански вредности и стандарди?
Ни посредниците, ни лидерскиот квартет не смеат да го игнорираат фактот дека „петтиот елемент“ е на улиците и дека ќе инсистира на правна разрешница
Ваквиот манир навестува дека и аболицијата на Иванов може да остане посредно „аболирана“ од Брисел, поради отсуство на јасни идеи по прашањето кој инструментариум ќе даде повеќе резултати – острите санкции или натамошните толеранции? Ваквите дилеми и тактизирања на ЕУ, само ги охрабруваат реакционерните сили, го хранат нивното чувството дека никој ништо не им може и го ажурираат списокот на предавници со кои во добро избран тајминг ќе се справуваат „патриоти“ или извршни партиски „тројки“. А тогаш ќе биде многу доцна за констатирање дека кризата добила нови димензии.
Ако тактизирањето и неконсеквентното дејствување на Брисел и Вашингтон посредно доведе до „резултат“, според кој, криминалот од сегашноста полека ќе се сели во минатото наместо во рацете на правдата (демек, што било – било, да гледаме кон иднината) или да биде тематизиран преку помирувачки стратегии на премолчување, одрекување и негова релативизација, со тоа практично ќе ги легализираат сите искривени обрасци на поимањето на правдата и неправдата, формирани под овој режим. Затоа мора јасно да се каже: се залажуваат сите кои мислат дека на таков начин може да биде замолчен тој општествен разговор. Ни посредниците, ни лидерскиот квартет не смеат да го игнорираат фактот дека „петтиот елемент“ е на улиците и дека ќе инсистира на правна разрешница, бидејќи тоа е единствениот начин за реституција на нарушениот државен и социјален поредок. Исто така, не смее наивно да се верува дека некоја техничка влада само 100 дена пред изборите ќе го расчисти сиот смет со кој бил контаминиран системот во изминатите десет години.
Притоа, претенциозните множини сервирани од власта, од типот „ние и народот“, не смеат да бидат доживеани како некаква непопустлива брана против функционирањето на правдата. Ако некој верува дека тоа е налик на онаа холандска брана, во која нечиј патриотски „палец“ ќе биде доволен да ја запре надојдената вода, се лаже. Познатиот српски интелектуалец, адвокат и осведочен борец за правна држава, Срѓа Поповиќ, своевремено многу прецизно ги опиша симптомите на аномијата што ја креираат недемократските режими.
„Оној момент кога општеството е претворено во народ, и кога сите ќе станат компири во вреќата што се нарекува народ, тогаш веќе нема ни општествени улоги, ни општествени групи, ни свест за тоа кој на која група и припаѓа, ни чии интереси се заеднички, а кои спротставени. Се движат хаотично како атоми, сите некаде одат, менуваат правци, се судруваат, ама тоа нема никаква смисла. Тоа се нарекува хаос. Во хаос луѓето не можат да бидат среќни, бидејќи се исплашени“.
Токму таков „народ“ им треба на оние кои амнезијата за своите активности ја користат како заштита од реалноста и од казнивноста за нивните дела. Бирајќи го таквиот пат, автоматски се самоизложуваат на етичкиот суд на оние кои одбиваат да бидат „компири во вреќа“ и ја потенцираат потребата од враќање на заборавените или отфрлени морални принципи, што е основен механизам за трансформација од состојба на општествена аномија во пристојно и правно општество. Притоа, мора да биде јасно дека менувањето на моралната и правната слика за општеството е остварливо само ако е исполнет главниот услов: општеството да сака да се менува.
„Петтиот елемент“ или „шарената револуција“ инсистира на тоа. Од тоа како ќе се изјаснат членовите на политичкиот квартет пред граѓаните, ќе зависи кои од нив ќе станат сојузници во битката за правдата и иднината, а кои ќе мора да заминат во историјата. Тој процес ќе се случи, без разлика дали посредниците е помогнат или ќе одмогнат.