(Не)научена лекција

Пржинската влада е одличен пример за тоа како суштинскиот квалитет на институционалната архитектура може да потоне во формализам. Политичките актери веруваат дека постојаните пржински конфронтации со политичкиот опонент нив ќе ги претстават како „јаки“, не сфаќајќи дека со секоја таква авантура ги презентираат како најслаби токму институциите што ги (ко)раководат. Зашто пресметката се одвива токму преку грбот на институциите. 

Секојдневните епизоди на „Жолтко и Лутко“ од одаите на МВР, веќе се на пат да загазат на опасен терен, од каде што ќе биде тешко враќањето назад без последици. За споредба, многу помали се општествените последици кога Цветан Трипуновски, на пример, ќе изведе видеоперформанси за состојбите во земјоделието, бидејќи со тоа ризикува да влезе во вербален конфликт со некого поради неовластено снимање, и како што беше во еден случај – во конфликт со регулативата за заштита на лични податоци. 

Не велам дека во овој, и во други ресори треба да се толерираат таков тип активности, само потсетувам дека нивните последици се многу помали во однос на тие што би настанале во еден безбедносен ресор. Играњето со МВР, и во МВР не смее да биде толерирано ни во политичка, ни во техничка влада, бидејќи тоа е институција од чија внатрешна стабилност зависи и јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. 

Секојдневните епизоди на „Жолтко и Лутко“ од одаите на МВР, веќе се на пат да загазат на опасен терен, од каде што ќе биде тешко враќањето назад без последици

Какво било ставање на раководните капацитети во МВР – не во служба на институцијата, туку во служба на партиски интереси, не е одраз на професионалност, туку нејзин лажен интерпретативен концепт. Таков камен околу ногата, свесно или несвесно, си врза и Чулев.

На денот кога две лица беа убиени во напад на казино, тој најде време да напише порака на Фејсбук до разрешената техничка  министерка – „ти си мојот херој“. Каква порака испрати? Дека пет пари не дава за причините поради кои министерката е разрешена: постапување спротивно на Уставот и законите, а за чие почитување и лично се обврзал. 

Не го спомнувам ова случајно, бидејќи сакам да предупредам кон што може да одведат вакви почетни чекори и грешки, кои со невидена леснотија сега се премолчуваат. Но, ако таа мала топка подоцна се претвори во лавина, никој нема да сака да се сеќава како почнало толерирањето на неодговорноста. Затоа ќе потсетам на една епизода, по која следеа и други, за на крајот враќањето назад да стане невозможно. 

Деновиве од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека кога тие биле на власт, пржинската влада функционирала без проблеми. Дали? На 15 април 2016 година, владата предводена од техничкиот премиер Емил Димитриев на итна седница ги укина сите претходни одлуки на министерот Спасовски, вклучително и кадровските решенија. На 19 април, дополнителниот заменик-министер Чавков испрати телеграма до раководителите на сите организациски единци на МВР, со која им нареди веднаш да ја спроведат владината одлука. 

А политиката е, пред сѐ, способност за предвидување на настаните. Секој што повлекол некаков потег, мора да знае што ќе предизвика со него и да ја преземе одговорноста за последиците

На 20 април, техничкиот министер Спасовски на истите единици со телеграма им нареди да не преземаат никакви дејствија наложени од Чавков, бидејќи согласно Законот со работата на Министерството раководи министерот. Размената на телеграми заврши во корист на Чавков, а кулминираше кога на 21 април четворица раководители (директорот на УБК, началникот на секторот за организиран криминал во Скопје и началниците на СВР во Штип и во Струмица) се одметнаа и почнаа да работат спротивно од наредбите на министерот Спасовски. 

Лицата што Спасовски претходно ги именуваше на одредени функции, тој ден се соочија со сменети брави на вратите, откако во нивните канцеларии насилно влегле новоименуваните од страна на Чавков. На дел од вработените, исто така по наредба на Чавков, им беа блокирани и картичките за влез во кругот на МВР.

Ова не беше прв инцидент. Му претходеа и други опструкции, но токму по оваа априлска епизода во тогашното МВРО-ВМРО, за првпат во некои важни политички центри започнаа дискусии за санкции против одредени македонски функционери, нивно ставање на црни листи итн. 

Чекор по чекор, компромис по компромис со законот, форсирањето на политиката „ми се може“, целосно кулминираше една година подоцна, на 27 април 2017 година, и видовме каде заврши кариерата на Чавков. 

Не знам дали Чулев ги исполнил сите квоти за кадровски именувања што ги предвидува законот по вертикална и хоризонтална хиерархија, но ако не ги исполнил – тоа според законот треба да му биде овозможено, и со истата аргументација за која Спасовски се залагал пред четири години. Ако Чулев ги исполнил квотите, не треба да бара дополнителни кадровски промени. 

Но, многу битно е затворањето на тоа прашање од законски и кадровски аспект, бидејќи и  одговорноста и неодговорноста околу прашањата поврзани со изборниот процес кои се во надлежност на МВР, мора да бидат конкретно адресирани. Чулев има законска можност за кадровски промени, има законска обврска да го обезбеди процесот во делот што е под негова надлежност, но и законска одговорност ако не го обезбеди тоа.    

Второ, ако има актуелен проблем со недостиг од пасоши, владата мора да заседава за ова прашање. Надлежноста во најголема мера е во МВР, но има и интерресорски аспекти што не зависат само од МВР и од министерот. Овој проблем не треба да се третира како испит за она што може или не може да го реши Чулев, туку како решавање на проблемите на граѓаните, за кои постојат и МВР, и Владата. 

Сите тие се обврзани да осмислуваат решенија, а не да ги обесмислуваат причините за постоењето на демократските институции, и да не дозволат овој пржински интеррегнум да се претвори во полигон во кој ќе завладее тројство од партиски интереси, популизам и социјална демагогија. На крајот, изборите не се ценат само според кредибилноста на тој процес само на денот на гласањето, туку во нивната комплексност – со сите потези и политики што претходат.

А политиката е, пред сѐ, способност за предвидување на настаните. Секој што повлекол некаков потег, мора да знае што ќе предизвика со него и да ја преземе одговорноста за последиците. Тој што влече потези, а мисли дека со тоа ништо нема да предизвика, е во заблуда. Во таква заблуда беше и Чавков. Зар не е доволно за поука?