Одлуката на Европската Унија да ја одвои Албанија од Македонија во процесот на придружување беше очекувана. Едноставно е, Албанија ги исполни условите да го отвори првиот кластер во преговорите, а ние не го ставивме бугарското малцинство во Уставот и останавме во чекалницата уште некое, богами непредвидливо, време.
На пример, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ не дочека поставување на некоја стабилна влада во Бугарија со која ќе испреговара репреговарање за преговарачката рамка со ЕУ или додека во целата ЕУ сосема не завладеат десничарските сојузници на Орбан, па Орбан да издејствува „брза пруга“ за влез на Македонија во Унијата.
Треба само да почекаме палмите на Коце да родат грозје, па со сласта на плодовите на нашата инвентивност гордо да влеземе во ЕУ
Се разбира, ако Унгарија дотогаш го смени својот став, затоа што одлуката на амбасадорите на ЕУ за исклучување на Македонија од преговарачкиот процес била донесена едногласно, што значи дека и „нашиот пријател“, кому му приредивме „кралски“ дочек, бил за изземање на државава од почеток на преговорите.
Поточно, треба само да почекаме палмите на Коце да родат грозје, па со сласта на плодовите на нашата инвентивност гордо да влеземе во ЕУ.
Но, секогаш постојат и алтернативи. Да претпоставиме, еве, само да претпоставиме, дека постојат шанси гордо да си го посвиткаме опашот, да излижеме сѐ што сме исплукале досега и по цена на „предавство на нацијата“, „бришење на идентитетот“ да ги ставиме „омразените Бугари“ во Уставот.
Но, ние сме горди и по никоја цена нема да отстапиме од нашите розови линии. Зашто, како што вели премиерот Христијан Мицкоски, „политиката е вештина на реалното“. Или што би рекле надреалистите: „Да бидеме реални, да го бараме невозможното.“
Значи, одлуката на ЕУ беше очекувана (јас лично мислев дека ваква одлука ќе биде донесена барем една година порано), но, сепак, за квалификуваната и неквалификуваната јавност беше пречекана со огромна доза разочарување. Како, божем, да не се знаеше дека по инаетење нема каење.
Разочарување
Според моите согледувања, реакциите можат да се поделат на неколку наративи.
Првиот, секако, ќе се сведе на фразата: „Што ќе ни е Европа, таа курва вавилонска“; вториот на она „А што е со Србија, Босна, Косово…“, демек уште не сме најлошите на Балканот, што би требало да претставува некаков успех; третата се движи во повеќе нијанси: од предвидувања дека огромен дел од македонските граѓани ќе земат албанско државјанство (другите веќе имаат бугарско) што целосно ќе ја разнебити земјата до оние геополитичари од општа пракса што тврдат дека одамна постои некаков „мастер план“ земјата да се подели меѓу Србија или Бугарија (во зависност од имагинацијата на аналитичарот) и Албанија што ќе го земе другиот дел (Албанија е константа во овие анализи) и Македонците ќе ги снема.
Иако имам амбиции да се придружам на клубот на овдешниот нострадамовски клуб, сепак ќе се обидам да бидам рационален и да одговорам на сите овие, според мене, длабоко погрешни тези. За првите две, онаа „Кој ја ферма Европа“ и онаа за компарирање со некои сѐ уште недефинирани држави и држави со сериозен антинато и проруски сентимент, не треба ни да се зборува. Белки се согласуваме во ставот дека евроатлантските интеграции се единствениот каков-таков кохезивен фактор што ја држи оваа земја „на купче“.
Да се прашувавме (само) ние, досега веројатно ќе се откажевме од сопствената држава, ама, за среќа, не се прашуваме (само) ние
Во таа смисла, најинтересна ми е онаа теза за распаѓањето на државата, а како последица на тоа и исчезнувањето на Македонците како народ.
Не! И покрај сите искушенија, дури и покрај целата неспособност на овдешните политички елити, големите иселувања, депопулацијата, па дури и со волјата на македонските граѓани, македонската држава нема да се растури, а уште помалку македонскиот народ ќе исчезне.
Интересен е податокот дека од осамостојувањето до денес, лицитирањето за тоа која територија кому ќе му припадне, доаѓа само однатре, од кај нас, а не од соседните држави што би требало да бидат наводни тутори на македонската земја.
Уште во 2001 година, нашите највисоки раководители (тогашниот премиер Љубчо Георгиевски) ѝ нудеа на Албанија „размена на територии“, па од тоа, се разбира, немаше ништо. Албанија елегантно го одби овој предлог. Сега ваква или слична операција е сосема невозможна.
Не знам како денес се замислува поделба на држава, членка на НАТО? Не знам кој може да помисли дека на таканаречениот меѓународен фактор му одговара проширена Албанија или голема Србија? Да беше тоа толку лесно, Албанија досега ќе го присвоеше Косово, а Србија Република Српска. Дали некој мисли дека Грција и Србија ќе останат рамнодушни ако Бугарија присвои дел од оваа држава? Дали некој навистина мисли дека ваквиот развој на настаните, односно создавање на уште еден нестабилен регион во Европа, ќе им одговара на САД и на ЕУ? Не оди тоа баш така едноставно.
Да се прашувавме (само) ние, досега веројатно ќе се откажевме од сопствената држава, ама, за среќа, не се прашуваме (само) ние.
Најдобри времиња
Што се однесува до македонскиот народ, приказната е уште поедноставна. Без оглед дали на овие простори сме се доселиле во седмиот век или сме балкански староседелци, уште од тие времиња луѓето на овие простори живееле под сериозни искушенија: чума, глад, војни, прогонувања, поплави, суши, земјотреси, потурчувања, зулуми, политички прогони…
Македонците, низ историјата главно без своја држава и под туѓа власт, единствени единствено во својата разединетост, обединети само кога треба да се елиминира некој нивни, и немаа некои големи шанси за биолошко преживување. А, сепак, преживеаја.
Останува сами да се избориме за својата иднина. Овојпат без кубурот што ни е под перница, туку само со малку чувство за реалноста, што би рекол премиерот Мицкоски
Да постоеја обложувалници во тие некои времиња, односот за опстанок на македонскиот народ сигурно ќе беше еден спрема сто милиони. А односот дека некогаш воопшто ќе бидеме во состојба да формираме сопствена држава на овие простори ќе беше уште поголем.
Да, живееме во историски времиња, но тука секогаш времињата биле историски. Ако сега размислуваме за физичко исчезнување, тогаш можеме само да замислиме што мислеле нашите предци при оние средновековни епидемии што го сардисаа поголемиот дел од Европа и од светот, што мислеа за својот опстанок при бројните војни, вклучувајќи ги тука балканските и двете светски.
Како ја гледаа својата иднина кога цели села се опожаруваа, кога се испраќаа блиските на печалба во држави чии имиња не можеа ни да се изговорат…
Еден животен век е премал да се согледа комплексноста на нашите постапки и нивните последици во историски контекст. Но, затоа релативно лесно може да се констатира дека, всушност, денес сме, историски гледано, во најдобрата позиција. Имаме сопствена држава, немаме надворешни закани, имаме демократски избори…
Останува сами да се избориме за својата иднина. Овојпат без кубурот што ни е под перница, туку само со малку чувство за реалноста, што би рекол премиерот Мицкоски. За почеток да ги ставиме Бугарите во Уставот. Од низата придобивки од овој чекор, кои на сите ни се познати, ќе издвојам само една. Тогаш нашите деца што се сега во странство во потрага по подобар живот, тогаш ќе бидат во истата политичка заедница во која ќе бидеме и ние, нивните родители. Во нашата европска татковина.
Во спротивно, нема да пропаднеме, но не знам дали ќе се спасиме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија