Кога пред пет години се прославуваше 25-годишнината на македонската независност, централното градско подрачје во Скопје беше целосно затворено повеќе часови. Причината на затворањето на Центар беше појавата на масивен дефект на скопската водоводна мрежа, предизвикан од градежните работи на проектот „Скопје 2014“.
Токму на 8 септември.
Којзнае каков дефект на 8 септември очекува власта, кога мораше да го затвори Центар неколку дена претходно. И тоа како генерална проба за она што ќе се случува тој ден. Во ред, и оваа година е „тркалезна“, односно се одбележуваат три децении од независноста, па, што би се рекло, а и искуството така нѐ учи, можеме да очекуваме уште помасивни и поразновидни дефекти.
За жал или за среќа, не бев присутен на 25-годишнината од одбележувањето на македонската независност. За жал или за среќа, нема да бидам присутен ниту на 30-годишнината од одбележувањето на независноста. Всушност, најмалку две децении не сум сведок на овие настани, затоа што во ова време го користам мојот традиционален задоцнет годишен одмор, што ќе рече дека секако во овој период не сум во Скопје, а често не сум ниту во државата.
Некако морската сол ми е подрага од солта што ќе ја проголтам слушајќи ги најчесто истите говори за вековниот сон на генерации и генерации што ги давале животите за слобода, за премрежијата низ кои поминувала мојата татковина, за искушенијата што ме очекуваат
Не знам, некако морската сол ми е подрага од солта што ќе ја проголтам слушајќи ги најчесто истите говори за вековниот сон на генерации и генерации што ги давале животите за слобода, за премрежијата низ кои поминувала мојата татковина, за искушенијата што ме очекуваат, за стратешките аспирации кон Европската Унија итн.
Јас знам, се разбира, дека тие говори речиси жанровски се одредени како збир флоскули и дека во нив не може (барем не од нашите политичари) да се очекува некаква сериозна визија, некоја малку поопстојна анализа за она што го направивме (колку и да е тоа нефункционално и едвај употребливо) и за она „шчо требит да праиме за однапред“ (К.П. Мисирков).
На пример, за тоа како да не нѐ изненадуваат водоводни дефекти кога градиме згради. Да не зборувам за некои „посериозни“ прашања, апсолвирани во поголемиот дел од светот, од типот на она како се рециклира ѓубре…
Но, празникот е поводен ден. И како што самиот збор му кажува, тој е – празен. Испразнет е од секаква рационална содржина. Формиран е од празна, ама цврста форма, како испразнет оклоп на школка. Точно се знае што се прави за Нова година, што се прави за Божик, што за Први мај, а што за Денот на независноста.
И точно се знае што ќе се прави и годинава, само што таа школка, поради склопот на повеќе годишнини, овојпат ќе биде десеткратно понадуена, што само ќе ја направи повидлива празнината што ќе биде еманирана.
Во ред, билдањето на патриотизмот и повикувањето на „славното минато“ се сеопшти мотиви на (бело)светските прослави на националните празници и од нив не се имуни ни многу посериозни држави од нашата.
Она што (мене ме) збунува е зошто точно се слави 8 Септември?
Да кажеме дека станавме независни од Југославија, да кажеме дека тоа беше недемократски режим и едноумие, мојата дилема е што направивме ние по тоа прашање?
Се разбира дека знам зошто се слави 8 Септември и што се случуваше тој ден пред 30 години. Конечно, и самиот гласав на референдумот. Ама – Ден на независноста? Од кого или од што станавме независни? Како се изборивме за својата независност? Дали бевме дотогаш зависни? Дали АСНОМ беше израз на волјата на македонскиот народ или тоа беше наметната окупација? Дали погрешно го славиме АСНОМ и што добивме со антифашистичката борба? Тогаш доктрината беше дека Македонија доброволно отстапува дел од својот суверенитет на „заедницата на братски народи“ Југославија. Со други зборови, Македонија е и тогаш суверена и доброволно влегува во федерација.
Да кажеме дека станавме независни од Југославија, да кажеме дека тоа беше недемократски режим и едноумие, мојата дилема е што направивме ние по тоа прашање? Со пенкало срушивме режим (како што би се рекло во актуелниот политички новоговор)?
Јас ја имам таа несреќа, точно половина од мојот досегашен овоземски живот да го поминам во „зависност“, а втората половина во „независност“. Можам да се сетам на ексклузивно мал број инциденти направени од протест против угнетувањето на македонскиот народ. Наспроти тоа, можам да се сетам на жестоките демонстрации против бомбардирањето на НАТО на Србија. Да не заборавиме, нашите наводни аспирации за зачленување во НАТО и тогаш беа „консензуални“.
Сакам да кажам дека во глобала, југословенските народи (републики) ги доживувавме за блиски, за разлика од НАТО државите. Затоа и тогашниот политички врв го смисли она бизарно референдумско прашање: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ – токму за да ги задоволи оние што не сакаа да ги остварат „вековните соништа“ на своите предци, односно сакаа да останат во Југославија.
Јас ја имам таа несреќа, точно половина од мојот досегашен овоземски живот да го поминам во „зависност“, а втората половина во „независност“
Се разбира, останувањето во Југославија беше невозможно, затоа што Југославија повеќе де факто не постоеше. Едноставно, историските околности беа такви што Македонија, со своја или без своја желба, мораше да стане суверена. Конечно, тогашниот овдешен политички врв се трудеше до крајни граници да задржи некаква југословенска заедница, не сметајќи премногу на „вековните идеали“ на овој народ, па така се појавија идеите за асиметрична федерација и платформата Изетбеговиќ – Глигоров. Но, тоа, едноставно не беше можно.
Во таа смисла, референдумот 1991 година во суштина беше само административна форма да се заокружи неминовниот (а не изборениот) процес на државното уредување.
Затоа ми е чудно официјалното име на празникот – Ден на независноста. Побргу би го нарекол Ден на референдумот, или, еве, Ден на суверенитетот (иако, и тоа е прилично сомнителен термин).
Се разбира дека не сум југоносталгичар, првин затоа што носталгијата не е мое чувство (прерационален сум за да го романтизирам она што поминало), а потоа затоа што не можам да бидам носталгичен за нешто што не успеало да се одржи и се урнало само по себе. Што се однесува до празничните билдања патриотизам и повикувања на славното минато, ете, ги имаше и тогаш, а богами ги има и сега.