Регион

По мораториумот продолжува спорот меѓу Косово и Србија околу признавањето

Српската делегација во Брисел, со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак (лево), косовската делегација (десно) и шефот на дипломатијата на ЕУ, Џозеф Борел (во средина). Фото: Инстаграм/buducnostsrbijeav.

Помина една година откако американскиот претседател, Доналд Трамп, беше домаќин на потпишувањето на договорот со кој Косово се обврза да ги прекине напорите за влез во меѓународните организации на 12 месеци, а Србија, во истиот период, да ја прекине кампањата меѓу земјите кои го признаа Косово, за повлекување на нивното признавање. По договорената временска рамка, се очекува и двете страни да ги продолжат своите претходни кампањи.

Дојче веле во четвртокот објави дека официјални лица на косовското Министерство за надворешни работи, изјавиле оти се прават подготовки, штом истече мораториумот, да се поднесат барања за приклучување кон неколку меѓународни организации, но повеќе детали не откриле.

Од косовското Министерство за надворешни работи, исто така, во јули, за Радио Слободна Европа, изјавија дека „подготовките во таа насока ги вршат одговорни тимови, со цел апликациите да бидат готови, кога ќе се отворат роковите за аплицирање“.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во средата за медиумите изјави дека верува оти косовските лидери „ќе започнат кампања за приклучување кон разни меѓународни организации“.

Вучиќ додаде дека неговата Влада „ќе се подготви и ќе одговори на тоа“.

Во последните години, Србија успешно се спротиставува на напорите на Косово да се приклучи на Интерпол и на УНЕСКО.

Србија, исто така, започна кампања во насока на убедување на земјите што ја признаа независноста на Косово, да ги повлечат своите одлуки.

Во март 2020 година, српското Министерство за надворешни работи, објави дека 18 земји го повлекле признавањето или ги редефинирале своите позиции за Косово – претежно африкански и мали пацифички држави. Сепак, некои потези за повлекување на признавањето беа оспорени.

Косово тврди дека во моментов е признато од 115 земји.

Во јули годинава, новинската агенција Ројтерс, објави дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рекол дека сака да му предложи на американскиот претседател, Џо Бајден, заедно да работат за да го зголемат бројот на земји, што ќе го признаат Косово.

Како одговор, Вучиќ изјави: „Ако некој донесе одлука за признавање на независноста на Косово, веднаш ќе започнеме кампања за повлекување на признавањето“.

Душан Јањиќ, од белградскиот Форум за етнички односи, за БИРН изјави дека очекува двете земји да ги рестартираат своите кампањи за признавање и повлекување на признавањето, оваа есен.

„Како и Косово, кое ги започна подготовките за кампањата за признавање (…), така и Србија ги започна подготовките за контракампања, не само во изјавите на Дачиќ, Селаковиќ и Ѓуриќ, туку конкретно, во разговорите со некои земји, ова сега е тема и ќе се мери по прашањето за прием во УНЕСКО, кое доаѓа наесен“, потенцира Јањиќ.

Доника Емини, од косовската невладина организација Платформа ЦивиКос, е на мислење дека за време на едногодишниот мораториум, приштинските власти требале да се подготват за аплицирање за членство во меѓународните организации, поради минатите неуспеси на Косово, да стане членка на УНЕСКО и Интерпол.

„Никој не го спречи Косово да подготвува апликации, да спроведе внатрешна и меѓуинституционална координација во овој поглед, бидејќи се знаеше дека овој рок ќе заврши во септември, а во септември би можеле да бидеме целосно подготвени и само да чекаме да започне постапката“, истакна Емини, за Радио Слободна Европа.

БИРН побара реакција од Владата на Косово, но оттаму одбија да коментираат на оваа тема.

Мораториумот беше една од точките на договорот, кој, под покровителство на Трамп, беше потпишан минатата година во Белата куќа, меѓу Србија и САД и меѓу Косово и САД, но не и меѓу Косово и Србија.

Трамп го поздрави договорот, кој главно се однесуваше на економски прашања, како исчекор во надворешната политика, пред неговата кандидатура за повторен избор за претседател на САД во 2020 година. Но, една година подоцна, може да се каже дека е постигнат мал позитивен напредок, за повеќето договорени прашања.