Кога на крајот од јуни 2017 години, СЈО поднесе 17 обвиненија за 18 предмети, многумина се прашуваа колку време ќе помине до првите пресуди, особено за оние од највисок политички профил. Луѓето беа нестрпливи – гладни и жедни да видат дека ќе им се суди и на дотогаш, недопирливите.
По првичната еуфорија, текот на судските процеси не беше ветувачки. Темпото „падни-стани“, со сите сите досетки за одложување на рочиштата, и разните обиди за одолжувања, во кои солиден придонес имаа и судии, колку и да беа иритантни, сепак, не успеаја толку да ја еродираат надежта во правдата, колку што го направи тоа бегството на Груевски од земјата. Тоа беше првиот инфаркт во кардиоваскуларниот систем што пулсираше во протестниот ритам „нема правда – нема мир“.
И како да не беше доволно бегството на Груевски, како да не беше мал сомнежот за можен договор меѓу властите и поранешниот премиер, а веќе дојде и вториот удар: овојпат директно од Катица Јанева.
Порано ни под прозорец не можевме да им плукнеме. Потоа ни дозволија да им плукаме под прозорец, додека тие си плукаа во дланките, броејќи колку пати им пораснал имотот
Граѓаните не го оправдаа, ама колку-толку можеа да ги разберат мотивите на еден осуденик да избега од правдата. Но, никако не можеа да разберат зошто спец-иконата на ветената правда, Катица Јанева, реши од редот на правораздавачите да премине во редот на тие што треба да ги гони. Од обвинителска – во криминална одора.
И како да не беше доволно разочарувачки што гонителката на криминалот заврши со затворска казна побргу од тие што ги обвини, минатиот викенд посведочивме и на третиот удар: прво бегство, па потоа и контроверзно појавување на Мијалков, со сите одлики на класично резилење на правосудството со специјален третман кон обвинетиот, кое заврши со задоволство што се појавил, но и триумф на системот, кој не му оставил друг избор.
Власта многу повеќе критики доживеа токму поради таквото „враќање“, кое во многу нешта заличи на обид за санирање на штетите од сомнежот за институционално овозможено бегство. Докази за такво нешто нема. Исто како што нема каде бил „изолиран“ Мијалков додека не бил достапен за полицијата – дали во Белград, на чиј аеродром, во некои за него подобри времиња, при контрола беше фатен со оружје во багажот (истото оружје на скопскиот аеродром не било видено), зашто на Мијалков „му се можело“, па дури и откако не беше директор на УБК.
Или, можеби престојувал во некој од многуте имоти во земјата, кои не се на негово име, а можеле безбедно да го изолираат од очите на јавноста на подолг рок, до некои, за него претпоставени подобри времиња и околности. Истрагата треба да даде одговори.
Овојпат, се чини дека граѓаните нема да покажат трпение и толеранција кон неефикасноста, како во случајот со бегството на Груевски. Впрочем, токму лавината од граѓански реакции беше таа што стави „тула“ во судската пресуда за Мијалков. Овој случај стана меѓник, не само по прашањето дали еднаш ќе ја биде правдата, со тоа и државата, иако од ребусот не беше исклучен и опстанокот на владата.
Се чини дека оваа пресуда се доживеа како нулта точка, од која довербата постепено треба да се враќа и да оди по нагорна линија, откако претходно повеќепати го допре дното, и двојното дно, и талогот што се исцеди од него.
Кратката „екскурзија“ на Мијалков до непознатата локација и гневот во јавноста поради институционалните пропусти што придонеле за тоа, резултираа со сѐ што немаше претходно: дување на матеницата и ефективен притвор.
Го чекаме времето кога и надлежните конечно ќе си плукнат во дланките и незаконски стекнатиот имот ќе го вратат таму каде што припаѓа. За да не остане казната само средство за „законско“ игнорирање на незаконски стекнатото.
Колку што пресудите се сатисфакција за бројните жртви на незаконско масовно прислушување, многу повеќе се поука. Бидејќи не е првпат да ни се случи „големото уво“. Тие што го потценија првиот случај, или се инспирираа од него, сега ја плаќаат казната за упадот во приватноста и кршењето на човековите права на илјадници граѓани. Тие што го обелоденија случајот со докази за случувањата во најчуваната тврдина, треба да имаат уште поголема поука: да не ја повторат истата грешка, бидејќи моќта создава привид за недопирливост и семоќност. Така мислеа и тие што денес беа осудени.
Имајќи го предвид скромното искуство во гонењето криминал од висок профил, како и непишаниот трансмандатен договор меѓу сите елити (не ве гоневме – нема да нѐ гоните), можеби со оваа пресуда ќе почне крајот на деценијата наречена „ништо не ми/му можете“.
Иако скромно, а, поради настаните од минатиот викенд, и неславно, сепак за првпат преовладува впечатокот дека законите, полицијата, судовите, притворите и затворите постојат за конечно да „им можеме“ нешто на тие што сметаат дека „ништо не им можеме“.
Порано ни под прозорец не можевме да им плукнеме. Потоа ни дозволија да им плукаме под прозорец, додека тие си плукаа во дланките, броејќи колку пати им пораснал имотот. Го чекаме времето кога и надлежните конечно ќе си плукнат во дланките и незаконски стекнатиот имот ќе го вратат таму каде што припаѓа. За да не остане казната само средство за „законско“ игнорирање на незаконски стекнатото.