Што и да се случи со финалниот договор, каков исход и да има тој, едно е јасно: кај нас сите заплети се расплетени, сите процеси – завршени, сите политички теми – потрошени! Моралниот банкрот, интелектуалниот дефицит, отсуството на одговорност и феноменот на држава киднапирана од власта, се иреверзибилно завршени процеси.
Закажана за 11 часот, презакажана за 13, на крајот одложена на неодредено. Кога Македонија навистина би имала политички лидери во вистинска смисла на зборот, единствената неизвесност не би била дали воопшто ќе се одржи една лидерска средба, особено ако е најавена како финална, туку каков и колкав напредок ќе произлезе од неа.
Продолжената агонија наречена „меѓупартиски преговори“ веќе два месеца се движи меѓу две фиксни коти: Едните знаат што не сакаат, другите не знаат што сакаат. Вам ви го оставам изборот која партија на која од овие коти ќе ја сместите, заедно со олеснувачите на процесот.
За волја на вистината, граѓаните без сериозна основа проектираа многу високи очекувања од целиот процес и покрај тоа што знаеја кои се учесниците во него: егземплари на еднопартискиот плурализам, на кои со години им се придава значење дека знаат кон што целат или дека навистина имаат некаква стратегија, а тоа да не е само желба за останување на власт или договор само за следна изборна трка.
Иако ставени во тесна временска рамка до април, активностите најавени во рамката ветуваа дека фокусот ќе биде ставен повеќе на суштински системски реформи, а изборите ќе бидат само нивни логичен епилог.
Оваа илузија по секоја средба почна да се топи како сладолед на сонце, навестувајќи уште една тривијализација на очекувањата – дека изборите, сепак, стануваат главно средство и цел, а системските реформи (не)задолжителен перформанс до изборниот мегдан. Целта е обезбедување експресно помирување, перцепција дека сите се во право, преговарачка симетрија од која како победници ќе излезат сите.
Ваквата меѓународно фасилитирана (без)алтернатива, не обезбедува нова сцена, туку само нов сценски впечаток. Граѓаните сѐ уште не знаат како се поделени картите на зелената маса, но интуитивно чувствуваат дека е на повидок нова мултиплицирана верзија на „слепиот водач“ и дека повторно ќе бидат осудени на луѓе и стратегии кои не водат никаде, барем не подалеку од некој европски функционерски тефтер, во кој под досието „Македонија“ ќе биде ставен „плус“ како знак дека само административно е прокнижен успех.
Практично, се враќаме на почетокот од приказната за кризата, во сферата нa нашата државна аномија, каде е видлив процесот на незапирливо гниење.
Не верувам дека ова е резултат на некој наш деструктивен ген кој е извор на сите проблеми.
Но, гледајќи дека од другата страна нема соодветна, структурирана имунолошка реакција на дегенеративните процеси во земјата, туку некакво, повеќе еклектично и нејасно дифузно незадоволство, очекувањата дека од оваа епизода ќе излеземе системски ресетирани и зајакнати со модернизирани и демократизирани партии, ја сведувам на нула.
Епилогот е извесен – ќе бидат истрошени ресурсите и обесхрабрени потезите и на онаа мала реформаторска енергија во општеството, акумулирана во граѓанскиот сектор.
Фузијата на Македонија со Европа, во смисла на прифаќање на европските вредности и натаму ќе се операционализира исклучиво преку системски вградената противречност со нив, бидејќи тоа им одговара на сите оние кои од почеток така ја поставија „целта“.
Тоа се два неспоиви дела на една декларативна интеграција, која сите ја густираат само како фуснота во разни акциски планови. Затоа, што и да се случи со финалниот договор, каков исход и да има тој, едно е сосема јасно: кај нас сите заплети се расплетени, сите процеси – завршени, сите политички теми – потрошени.
Бруталното раслојување, моралниот банкрот, интелектуалниот дефицит, отсуството на одговорност, недостигот на општествена кохезија и феноменот на држава киднапирана од власта, ги врзува еден заеднички именител: сите тие процеси се иреверзибилно завршени. Не можат да се вратат назад. Најмалку со меѓупартиски договор, породен со помош на неколку меѓународни бабици.
Кога го велам ова, воопшто не се сомневам дека планот што би бил ставен на хартија може да изгледа надежно и пристојно. Но, не верувам дека постои минимум волја за негова имплементација, по што, сѐ ќе се сведе на сценска активност, на привид дека нешто, божем, се реформира.
Ако, пак, се точни информациите дека меѓупартискиот договор е дел од еден поголем all inclusive аранжман, во кој паралелно ќе се решава и спорот за името, тогаш сигурно е дека реформите ќе завршат како едно големо ништо. Меѓународната заедница ќе замижи пред сите демократски и реформски дефицити, доколку од власта добие гаранции дека Македонија ќе го загризе тој крупен залак.
Но, и без таа обврска, „подготвеноста“ на власта да се откаже од усвоените практики ја сметам за минимална, речиси непостојна, а најсликовито можам да ја илустрирам со една анегдота раскажана во „Бруклинската ревија на лудоста“ на Пол Остер.
Имено, гостин во еден бар, секој ден нарачувал по три чаши виски одеднаш. Кога шанкерот го прашал зошто не нарачува една по една, тој објаснил дека има уште двајца браќа кои живеат во други градови, и дека трите чаши му се некаква персонификација на привидот дека седи и пие заедно со нив во исто време.
По неколку месеци на секојдневно повторување на истиот ритуал, еден ден гостинот дошол и на големо изненадување нарачал само две чаши виски. Шанкерот загрижен, го прашал да не се се случило нешто лошо со некој од браќата. Гостинот, насмеан од уво до уво, му ги смирил стравувањата. „Сѐ е во ред. И двајцата се здрави и живи. Новоста е во тоа што во меѓувреме јас се откажав од пиење“, објаснил тој, и двете чаши експресно ги испил до дно.
На ваков начин ми изгледа дека и власта ќе се „откаже“ од старите практики, од своето владејачко месијанство, од манирот дека тој што го добил легитимитетот добива сѐ, а другите – ништо.
Во разговор за ваквите состојби, домашен политичар сакајќи да ми објасни дека гаранциите и моралот не се најважни во прагматизмот на политиката, се послужи со туѓа изјава, дека „на оние на кои им е до морализирање и морал, треба да одат в црква“. Со тоа и де факто дефинираше позиција, дека на оние на кои не им е до морал, одат во политика. До кога?