Од милион до само неколку години за нас

Неодамна, сер Боб Гелдоф сними кратка видеопорака (на македонски би се рекло: рилс) за да го најави концертот на неговиот бенд „Бумтаун ретс“, на 10 јули, на годинашниот фестивал „Егзит“ во Нови Сад. Во таа пригода, Гелдоф ја искажа својата поддршка на српските студенти во „нивната борба за правда“, како што рече.

Легендарниот иницијатор и организатор на најголемиот хуманитарен рок-концерт во историјата, „Live Aid“, рече дека токму тоа била и интенцијата на фестивалот и воопшто на неговата досегашна работа. Годинава „Live Aid“ ја прославува својата 40-годишнина (се одржа на 13 јули 1985 во Лондон и Филаделфија), а Гелдоф ќе ја одбележи токму во Србија, односно на „Егзит“, кој, пак, годинава ја прославува својата 25-годишнина.

Новите сништа

Но, освен борбата за правда, српските студенти и Боб Гелдоф ги поврзува уште една работа. Тоа е песната „За милион година“, која настана токму во ова време пред 40 години во тогашна Југославија. И токму на крилата на иницијативата на Боб Гелдоф за помош на гладните во Африка.

Српските студенти ја препознаа оваа песна како една од нивните химни што хорски ја изведуваат на нивните протести. Ова воскреснување на веќе остарената песна се должи на нејзината мелодичност, но и на симболичниот текст (автор на текстот е сега веќе починатиот новинар Младен Поповиќ, во тоа време уредник на легендарната телевизиска емисија „Хит на месецот“).

Ќе цитирам тука само дел од рефренот што би требало да ја илустрира поврзаноста на песната со целите за кои се борат српските студенти:

„Никогаш не плаши се, љубовта е посилна/ децата во нас знаат сѐ/ вистинскиот пат до новите сништа.“

Една од главните придобивки што им се припишува на сега веќе речиси полугодишните студентски протести е токму ослободување на српското општество од стравот од актуелниот режим, а студентите во јавноста уживаат речиси неподелена доверба дека токму тие го знаат вистинскиот пат по кој Србија треба да се движи.

Од друга страна, факт е дека овие протести поминуваат во навистина толерантна атмосфера, без потпаѓања на бројните провокации и во еден, би рекол, цивилизиран и цивилизациски дух што предизвикува восхит. Но, ако оваа песна им е важна на денешните студенти, таа за мојата генерација имаше уште поголема важност. Се разбира, нејзиното разбирање тогаш беше сосема поразлично од денешното. Таа беше конечен доказ дека Југославија е дел од светот. И тоа важен дел.

Набргу откога при крајот на 1984 година, Боб Гелдоф и Миџ Ур ја направија песната „Do They Know It’s Christmas“ и убедија куп британски ѕвезди заедно да снимат сингл-плоча, чиј приход ќе оди за помош на гладните во Африка и откога Лајонел Ричи и Мајкл Џексон го направија истото тоа во САД со песната „We Are The World“, слична иницијатива се прави и во тогашна Југославија.

Расположливите податоци велат дека иницијативата потекнала на музичкиот фестивал „Опатија“ во 1984 година, но дека главната улога, сепак, ја има музичкиот новинар Петар Пеца Поповиќ, во тоа време главен уредник на тиражниот музички магазин „Рок“. Редакцијата на влијателната и важна музичка емисија „Хит месеца“ е оската на целиот проект. Честа да ја компонира музиката му припаѓа на клавијатуристот Драгољуб (Драган) Илиќ, лидер на тогаш веќе три години распаднатата група „Генерација 5“. Музиката ја свират членовите на неговиот некогашен бенд.

За снимање на песната се собира речиси целата елита на тогашната југословенска рок-музика. Солото на гитара го свири нашиот Влатко Стефановски. Од важните имиња недостасуваат Горан Бреговиќ од „Бијело дугме“ и Бора Ѓорѓевиќ од „Рибља чорба“, со официјално образложение дека имаат обврски околу турнеите на нивните бендови.

Подоцна Ѓорѓевиќ ќе каже дека одбил од протест поради нерешавање на статусот на рок-музичарите, сметајќи (погрешно) дека станува збор за државен проект. Но, и двајцата се појавуваат во спотот за песната. Го нема ни Џони Штулиќ од „Азра“, кој веќе е преселен во Холандија и одбива да се појавува во јавност.

А го нема и Неле Карајлиќ од „Забрањено пушење“ (не е најјасно дали е воопшто поканет), кој целата акција ја дефинира како лицемерие. Според неговиот суд, белиот човек што сега се појавува како спасител е главната причина за проблемите во Африка. И уште се повикува на кинеската поговорка дека не треба на човека да му дадеш риба, туку треба да му дадеш мрежа самиот да лови риби. Го нема ниту Ѓорѓе Балашевиќ, кој подоцна ќе изјави дека бил страшно разочаран што не го поканиле да учествува во проектот и дека таа лузна ќе ја носи до крајот на животот.

Мисијата на „Ју рок мисија“

Како и да е, екипата под името „Ју рок мисија“ ја снима песната во април 1985 година. Продуцент е Саша Хабиќ, режисер на спотот e Михајло Миша Вукобратовиќ, додека обвивката за плочата ја прави Југослав Влаховиќ. Спотот премиерно се емитува на 29 април во емисијата „Хит месеца“.

Сингл-плочата се дистрибуира како подарок за тие што ќе го купат списанието „Рок“. Тој број на „Рок“ оди во преку сто илјади тираж, а приходот, се разбира, оди за хуманитарната цел. Песната се пушта во многу земји низ светот, а и плочата е дистрибуирана по повеќето поголеми музички пазари.

Кулминацијата требаше да се случи на 15 јуни истата година, кога на стадионот на „Црвена звезда“ во Белград се одржа голем осумчасовен добротворен концерт. Сепак, на концертот беа продадени 20.000 билети (а се очекуваше да се продадат 70.000). Причината за ваквиот резултат се бара во лошото време (целиот тој ден истураше силен дожд), во управата на „Црвена звезда“, која не дозволи публиката да биде на теренот, така што музичарите практично немаа контакт со неа, како и во фактот дека Југословенската радио-телевизија директно го пренесуваше концертот.

Факт е, меѓутоа, дека ова беше првиот од серијата концерти за помош на Африка што се одржуваа ширум светот и дека се одржа еден месец пред фамозниот „Live Aid“.

Затоа, пак, вистинската кулминација се случи токму на „Live Aid“, кога на голем видеобим на стадионот „Вембли“ во Лондон беше прикажан спотот од песната и бурно поздравен од преполниот стадион. Според некои податоци, преносот од овој концерт го гледале околу три милијарди луѓе ширум светот. Авторот на овие редови уште живо се сеќава на гордоста што ја чувствуваше додека се изведуваше песната на преполнетиот „Вембли“. Да, тогаш бев граѓанин на светот.

Се проценува дека приходот од песната и од концертот изнесува нешто повеќе од половина милион тогашни долари, кои се уплатени на сметката на југословенскиот огранок на УНИЦЕФ.

Но, мисијата на „Јук рок мисија“ беше многу поголема. Имено, статистиката вели дека таа година, околу шест милиони Југословени, односно секој четврти жител на државата уплатил свој добротворен придонес во УНИЦЕФ. Грегор Зупанц, српскиот режисер со словенечко потекло, кој живее на релација Лос Анџелес – Белград, работи на документарен филм за „Ју рок мисија“. Според ретките интервјуа, тој вели дека е на трагата да ја расветли целата големина на овој грандиозен проект.

Крај на соништата

„За милион година“ е последниот југословенски артефакт. Тоа е последниот проект во кој учествуваат претставници на сите југословенски републики. Тоа е последниот излив на моќта на југословенската рок-сцена. Никогаш повеќе рок-музиката нема да го има тој општествен статус на важен дел од севкупната култура.

Дури и појавата на таканаречениот „нов бран“ нема да го има она влијание што тогашната рок-музика го имаше. Напротив. „Ју рок мисија“ е меѓникот, границата што прецизно го одредува датумот кога урбаното поминува на маргините, а во музиката нивното место го зазема турбофолкот. Солидарноста и заедништвото се заменуваат со „патриотскиот“ набој што произведува енормни количества национализам.

Конечно, по „Ју рок мисија“, ниту Југославија повеќе не беше иста. Пет години по снимањето на плочата и концертот, значи во 1989 година, сега веќе култната група „Екатерина Велика“ (ЕКВ) го издава својот петти албум насловен како „Само пар година за нас“.

И дефинитивно ја разбија илузијата дека пред нас се уште милион години. Дека љубовта е посилна. Напротив. Веќе во 1991 година, во Југославија почнаа крвавите војни и ги разбија сите соништа за поубаво утре. Кој е резултатот? Веќе еднаш некаде напишав дека бевме земја со една од најјаките рок-сцени во Европа, а потоа се ослободивме од оковите и добивме државички со најсилна турбофолк музика.

Еве, токму деновиве се прошири веста дека хрватскиот пејач Марко Перковиќ Томпсон, отворен поддржувач на фашистичката идеологија и идеологизатор на усташкото движење, за помалку од еден ден продал повеќе од 280.000 влезници за својот јунски концерт на загрепскиот хиподром и така и официјално влегол во Гинисовата книга на рекорди како човек со најмногу продадени влезници за еден концерт.

И тој рекорд ќе биде уште поголем, затоа што уште има влезници во продажба, па се очекува дека ќе бидат продадени неверојатни половина милион билети, рекорд што тешко ќе може да биде урнат, освен ако не го урне самиот Томпсон. Овој текст го пишувам во ситните ноќни часови, а низ слушалките ми оди екс-ју музика од тоа време. И, ете, баш кога треба, на ред е песната „Заједно“ токму на „ЕКВ“.

Па, еве, наместо заклучок, два стиха од оваа песна: „Во минатите денови ја освоивме гордоста, во минатите денови изгубивме сѐ“ и особено овој „Ние дозволивме работите да отидат предалеку, оваа борба беше под честа, против разумот“. И, да, изгубивме сѐ.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија