Европските комесари треба да знаат што порачуваат де факто кога велат дека дијалогот треба да се врати во Парламентот. А го велат следново: Вратете се таму каде што владее децизионизмот на власта. Каде што на нормалноста на животот му се спротивставува произведувањето постојана вонредна состојба или криза. Каде што законодавната власт е само потстанар на извршната. Каде што донесувањето на одлуките не е поврзано со владеењето на правото.
Јоханес Хан дојде и замина. Што се вели, „од нога“ го посети Скопје, нешто слично како кога возачи на шлепери попатно „од нога“ ќе седнат на порција ќебапи во некој ан, да речеме, во Владичин Хан. Потоа замина, оставајќи нѐ да го дешифрираме значењето на „интерните разговори“ што ги водел со премиерот Груевски, кој пак, ги нарече „размена на мислења“.
Токму вторава оценка отвора најмногу прашања. Се сеќава ли некој дали, кога и за кои прашања во изминативе девет години, премиерот воопшто разменувал искуства. Прашувам, бидејќи знам дека до врвот на оваа политичка криза не стигнавме со експресен воз. Стигнавме качувајќи се тегобно по стотици скалила и серпентини, во надеж дека на следното ниво ќе успееме да ги оствариме стандардите вообичаени за една демократија – размена на мислење, дебата, дискусија со аргументи…
Не успеавме. Не заради недостиг на желба, волја и напори туку заради фактот што таа активност во континуитет беше потисната и гушена од децизионистичките политики на власта. Затоа и не можам да замислам како би можел да изгледа разговор помеѓу Груевски и Хан, кој макар и приближно би личел на „размена на мислења“. Вокабуларот на Груевски не познава таква практика. Неговите ставови се еднонасочни: соопштува, рефлектира, но не прима, не апсорбира.
На неговиот „тефлон“ не се лепи ништо што доаѓа надвор од корпусот на востановените десничарски догми. Тоа ми е јасно и одамна не ме изненадува. Она што ме изненади е повторувањето на повикот од Хан (па макар и да е искажан про форма), дека дијалогот треба да се врати во Парламентот.
По 24 декември 2012, таквиот повик ни најмалку не може да се подведе под дипломатски туку единствено под вулгарен речник. Европските комесари треба да знаат што порачуваат де факто кога го велат тоа. А го велат следново: Вратете се таму каде што владее децизионизмот на владејачкото мнозинство. Таму каде што на нормалноста на животот му се спротивставува произведувањето постојана вонредна состојба или криза. Таму каде што законодавната власт е само потстанар на извршната. Вратете се таму каде што донесувањето на одлуките не е поврзано со владеењето на правото.
Можно ли е комесарот Хан да не ги гледа или свесно да ги игнорира, не симптомите,туку метастазите кои сведочат за крајниот стадиум на тој разорен децизионизам? А нив ги има многу. Зарем не го препознава тоа кога соговорникот му вели дека во Македонија „е спречен обид за пуч“, сакајќи со тоа само да избрише секаков можен сомнеж за разликата помеѓу посакуваната демократија и востоличениот хибриден режим? Не детектира ли колку е избришана инклузивноста, партиципативноста на граѓаните во одлуките и зачетокот на каква било можна дискусија?
Хан многу добро знае оти децизионистите се познати по тоа што сакаат арбитрарно и дискрециски да си одлучуваат, но не и да дискутираат. Единствено тие „знаат“ што е најдобро за образованието, за студентите, за професорите, за хонорарците, за пазарот на трудот… Само тие знаат како треба да се уредат сите сфери во општеството. Таа сувереност во одлучувањето ја проектираат на сѐ: од изгледот на градот, преку секоја фасада и фонтана, па сѐ до дизајнот на корпите за отпадоци. Тие одлучуваат за сечиј живот. Смртта на Тамара најсликовито ги опишува погубните ефекти од децизијата на здравствените власти.
За да создадат алиби за нивните „суверени одлуки“, македонските децизионисти секогаш се подготвени и специјално да искреираат „момент“ кој ќе ги оправда. Истовремено, со мешањето во атарот на другите власти – законодавната, а особено во судската, ги претвораат судиите во диригирани суп-сумпциски роботи кои или механички го применуваат правото или добиваат налози за исходот на судските одлуки.
Зарем Хан не го знае ефектот од практикувањето на тој македонски „номос“ од извештаите на Европската комисија? Никогаш ли не се запрашал колку пари на европските даночни обврзници беа потрошени за зајакнување на капацитетите на македонското судство, за обука на академии и судии или за преводи на пресуди од Судот во Стразбур? И што добија македонските граѓани како резултат од тоа? Да слушаат како шефот на тајната полиција ги крои кадровските решенија во судството, како министерката за внатрешни работи констатира дека обвинителот ѝ ја завршил „задачата што му ја дала“ и како проверува кој судија е 100 насто од ВМРОвски „происход“. Граѓаните не се важни. Тие се само сценографија.
Ако во родната Австрија на Хан, е назамисливо одлуките да се носат без знаење и партиципација на граѓаните, треба ли тоа право да го имаат и граѓаните на Македонија? Или Брисел ни потврдува дека има двојни стандарди. Додека македонските власти градат „демократија“ преку целосно исклучување на јавноста, деценискиот молк на Брисел кон ваквите постапки тие само си го толкуваат како „молк на администрацијата“, односно дека премолчено им е одобрена „градежна дозвола“ за изградба на едно такво општество.
И, ако европските емисари и натаму продолжат со таков молк, кој ќе се сведе на некакви „интерни разговори“, тие ќе бидат главните соучесници во финализирањето на еден монструозен систем, кој не ќе може да се објасни со ниту една од дефинициите на современата политичка наука.
Во ЕУ, главен столб на демократијата е информираниот граѓанин. Во македонскиот модел е обратно: граѓанинот е предмет на следење заради собирање информации, и тоа во димензии кои не ги помни современата историја. Брисел не смее да остане без одговор на таквите опасни тенденции.
Од Јоханес Хан, кој важи за искусен политичар, од функционер кој во Австриската влада водел два ресора – за наука и за правда, а во ЕУ веќе го има искуството од раководењето на ресорот регионална политика, се очекува многу повеќе од она што кој било член на австриската Народна партија може да го испорача како солидарен политички сентимент за десничарските браќа во Македонија.
Во овој век дополнет и пополнет со стотици европски бенчмаркови за демократски квалитет, не прифаќаме ништо помалку од она што го гарантира европската правда и демократија. Одбиваме интерни разговори.