Европската унија би требала да има храброст да ѝ каже на Македонија да ги одложи изборите, кои и онака не е подготвена да ги спроведе.
Ставот на Европскиот совет за кризата во Македонија, изнесен минатата недела, не може да биде појасен. Со него се искажа „длабока загриженост за ситуацијата во земјата, особено за сериозната политичка криза чии обележја се политиката на поделби, недостигот на култура за наоѓање компромис, назадување на слободата на изразување и независноста на судството, како и понатамошна ерозија на довербата во јавните институции“.
Оттаму, не зачудува што многумина се сомневаат во подготвеноста на Македонија за четири месеци да одржи предвремени парламентарни избори.
Но, колкумина ја имаат слушнато оваа порака и сфаќаат зошто државата има добиено ваква осудувачка оценка?
Како и во минатото, така и овој пат, Владата ќе ја искористи контролата врз медиумите за да ја толкува и прикаже оценката на меѓународната заедница во друго светло и целата вина да ја пренесе на останатите, особено на опозициските партии.
Владата исто така ќе покаже со прст и кон ЕУ, што се гледа и од неколкуте навреди на владејачката ВМРО-ДПМНЕ упатени кон посредникот на ЕУ. Тактиката на Владата е јасна: да ѝ покаже на домашната јавност дека не треба да се сомнева во неа.
Изборите не би требало да се одржат во април, па дури и по цена одложувањето да значи пролонгирање на мандатот на сегашната Влада по 15 јануари како краен рок
Неопходен дел од оваа стратегија е да се исцрпат сите можни обиди за да се заташкаат доказите од снимените разговори кои покажуваат наводна корупција и злоупотреба на моќта помеѓу највисоките нивоа на Владата.
Тоа што владејачката партија ја присили Анкетната комисија, формирана да го истражи случајот со прислушкуваните разговори, да ги држи своите состаноци зад затворени врати, кажува многу за тоа како таа ја сфаќа транспарентноста и владината отчетност. Ова е еднакво со признавање на вината.
Како дел од договорот посредуван од ЕУ, потпишан во периодот јуни-јули, изборите планирани за 24 април требаше да означат пресврт во политичката судбина на Македонија и да стават крај на корупцијата и авторитарното владеење од изминатите години.
Договорот наложува дека премиерот, Никола Груевски, треба да се повлече и да остави простор за формирање нова Влада до 15 јануари, чијашто единствена задача би била „организирање предвремени парламентарни избори”.
За жал, нема никави индикации дека политичкото раководство е подготвено за промена. Токму спротивното, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Груевски, имаат направено многукратни обиди за да го поткопаат политичкиот договор преку блокирање на решенијата понудени како компромис.
Покрај враќањето на опозицијата во парламентот, со што таа го прекина четиринаесетмесечниот бојкот, и назначувањето на специјалниот обвинител да ги истражи тврдењата за прислушкувањето, ниту еден од роковите договорени за имплементацијата на договорот од Пржино не е испочитуван.
Во Извештајот од Мисијата за проценка на потребите на ОБСЕ/ОДИХР, објавен на 27 ноември, се изразува многу загриженост за нивото на подготвеност за изборите и опасноста да се повторат нерегуларностите од минатите години.
Дури и ако се постигне договор за критични аспекти кои се потребни за сите да имаат еднакви шанси на изборите, како, на пример, слобода на медиуми, контрола врз злоупотребата на државни средства и поставување безбедносни механизми за да се спречат притисоци врз гласачи и заканување врз државни службеници, дали имаме некаква гаранција дека правилата ќе се почитуваат?
Минатите искуства, како и доказите од прислушкуваните разговори, покажаа дека без разлика колку закони да се донесат, ова не прави разлика, бидејќи однесувањето на политичкото раководство останува исто.
Минатите избори исто така покажаа дека заканувачките тактики не се користат само врз државни службеници; тие исто така ја засегаат и бизнис заедницата. Имено, во минатото, Владата воопшто не се мислела дали да пушти армија од даночни инспектори во фирмите пред изборите за да се рашири страв и да се заплашат фирмите кои не ја заслужиле наклонетоста на Владата или не ја ветиле својата поддршка кон владејачката партија.
Најскорашната контроверзна ситуација што се јави околу уништувањето на паркот во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за да се направи место за две нови факултетски згради, е карактеристична тактика на Владата да се лансираат градежни проекти во периодот до изборите и да се користат државни средства исклучиво за изборни цели.
Минатите искуства, како и доказите од прислушкуваните разговори, покажаа дека без разлика колку закони да се донесат, тоа не прави разлика, бидејќи однесувањето на политичкото раководство останува исто
Фактот што оваа последна ситуација се случи преку ноќ, во темница, и без никаква претходна консултација со засегнатите, покажува како оваа Влада продолжува да работи. Наместо промовирање консензус меѓу политичките сили во земјата и негување инклузивен дијалог, Владата го избира и прифаќа јазикот на конфронтација и измама.
Единствената надеж за Македонија да излезе од оваа криза е ако предвремените избори се одложат за барем 3 до 6 месеци.
ЕУ треба да му појасни на политичкото раководство дека, врз база на случувањата од последните недели, доколку се одржат изборите во април – тоа би било контрапродуктивно и не би одело во прилог на разрешување на длабоката криза. Изборите не би требало да се одржат тогаш, па дури и по цена одложувањето да значи пролонгирање на мандатот на сегашната Влада по 15 јануари како краен рок.
Одложување за 3 до 6 месеци би дало повеќе време за препораките на ОБСЕ/ОДИХР, особено оние за ажурирање на гласачкиот список, како и реформите кои ЕУ ги бара веќе во неколку наврати, да се усвојат и вметнат во избирачкиот процес. Ова исто би дало и повеќе доверба во капацитетот и правилното функционирање на новопоставената Државна изборна комисија.
Обезбедувањето непристрасност и баланс во известувањето на медиумите ќе бара постојан надзор на ЕУ заедно со ОБСЕ. Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми во неколку наврати ja предупреди Владата околу нејзиниот недостиг на почит за медиумската слобода и бара да се почитува критичкото известување без страв од закани на коишто некои новинари веќе беа подложени. Ставот на Владата за слободата на медиумите нема да се смени преку ноќ, без разлика на бројот на донесените закони.
Одложување на изборите ќе ѝ даде и повеќе време на специјалната обвинителка да ги покрене првите обвинувања во скандалот за прислушкувањето. Навистина е незамисливо дека помина речиси една година од првите откритија за наводната корупција на највисоко ниво во Владата и никој сè уште не е повикан на одговорност.
Дали ќе се смета дека едни избори целосно ги испочитувале меѓународно договорените стандарди, не зависи само од тоа што се случува на денот на гласањето туку од целиот изборен процес кој му претходи на гласањето.
Ако овие избори треба да бидат значајни за Македонија, тогаш тие треба да бидат почеток на долгиот процес на враќање на демократијата, довербата на јавноста во демократското функционирање на институциите и избор на политичко раководство кое дава отчет на својот народ и одговара пред законите на државата, наместо пред партијата.
Најважно од сè, изборите треба да ја отстранат атмосферата на страв која ги обележа изминативе години и ги уништи надежите на многу млади луѓе кои одлучија дека нивната единствена опција е да си заминат.