Одмазда на бившите повторувачи

Неодамна некаде ја цитирав славната реченица на Херберт Џорџ Велс дека учителите и лекарите се најважните професии на светот. Авторот на „Војната на световите“ го образложува ова тврдење со фактот дека првите ве учат на животот, а вторите ви го чуваат животот.

Се разбира дека оваа позната констатација ја цитирав во контекст на актуелниот предупредувачки штрајк на просветарите во основните и во средните училишта, организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Но, исто толку разбирливо, можев да цитирам и некои реченици на други умни авторитети што се поблиску до нашето поднебје и до нашиот менталитет. На пример, Душко Радовиќ, кој отприлика вели дека нашето образование е одмазда на бившите повторувачи.

Како и да е, СОНК со овој штрајк реши да ја предупреди Владата (државата) дека сегашниве покачувања на платите не се доволни (нешто под 11 проценти за изминатата година – според зборовите на министерот за образование и наука Арбер Адеми), туку дека платите треба да бидат повисоки за една четвртина.

Но, ајде уште на почетокот да се обидеме да разјасниме нешто. Штрајкот, според енциклопедиските дефиниции е „видлив израз на индустрискиот судир меѓу вработените и работодавачот, во кој вработените со смислен, организиран и колективен прекин на работата настојуваат да издејствуваат отстапки од работодавачот, односно да го присилат да ги прифати нивните барања (…)“.

Идејата на штрајкот е да му се наштети на работодавачот (а посредно и на корисниците на услугите и производите на одредената гранка), и тој се применува откога сите други можности за договор со работодавачот се искористени, а до договор, сепак, не дошло. Штрајкот речиси секогаш го „удира“ работодавачот по џебот, а во случајот на Владата (државата) како работодавач, тој се одразува и на нејзиниот имиџ (неуспех во држење контрола на виталните општествени функции, во кои белки спаѓа и образованието).

Не мора да е човек Лех Валенса за да заклучи дека, всушност, идејата на штрајкот на просветарите не е зголемување на егзистенцијалниот стандард на просветните работници, туку само и единствено онаа последична идеја на секој штрајк – да му се наштети на работодавачот. Во случајот на Владата (државата) и секако на корисниците на услугите

Во таа смисла нема никаков спор зошто СОНК решил да прави штрајк токму на првиот училиштен ден. Едноставно, тогаш е највидлив и тогаш нанесува најмногу штета на работодавачот. На крајот на краиштата, целата историја на штрајкови на просветните работници се сведува на истите термини: почеток на учебна година, почеток на полугодие, крај на учебна година. Па, нема белки да штрајкуваат преку летниот или зимскиот распуст, кога би можеле со денови да седат во просториите на наставничките совети, и тоа буквално никој да не ги забележи.

Исто така, прилично тешко ми е да поверувам дека сегашните првачиња ќе немаат спомени од првиот училиштен ден, затоа што нивните учители штрајкувале, а нивните родители за таа пригода зеле слободен ден од работа. Прво, јас немам никакви спомени од мојот прв училиштен ден, а прилично сум сигурен дека тогаш не штрајкуваа просветните синдикати. И една мала анкета меѓу моите пријатели, направена за оваа пригода, покажува дека и нивните сеќавања за нивното „зачекорување во животот“ се прилично скудни. Натаму, не мора токму 2 септември (ако веќе не е 1 септември) да биде првиот школски ден. Може, ете, да биде и 3 септември и пак да биде прв школски ден.

Но, сите овие приказни околу „безобразлукот“ на штрајкувачите се токму тоа што се – само приказни. И, се разбира, не служат за ништо друго, освен за сентиментално дефокусирање од главните теми. Да, се прави штета на работодавачот, односно Владата (државата) и на корисниците на образовните услуги, но, сепак, некои прашања, за кои сметаме дека се и тоа како битни, остануваат неодговорени.

Прво, кои тоа механизми за преговори меѓу Владата и СОНК се исцрпени, па се оди на предупредувачки штрајк? Второ, врз база на кои финансиски анализи СОНК заклучил дека од буџетот може да се повлече за четвртина повеќе средства за плати на вработените во основното и во средното образование? Трето, има ли СОНК анализи каде во образовниот систем можат да се направат заштеди без да се наштети на квалитетот на образованието за да се добие посакуваната висина на платите? И, четврто, но не најмалку битно, зошто еден куп училишта одбиваат да се придружат на штрајкот?

Она што погоре (со намера) е испуштено од дефиницијата за штрајк е дека преговорите меѓу претставниците и работодавачите се водат „во добра верба“. Тоа, со други зборови, би требало да значи дека никој од двете страни нема да држи прекрстени прсти по џебовите, односно да се договара за нешто за кое мисли дека нема или не треба да го исполни.

Мислам дека токму во таа „добра верба“ се крие и фалшливоста на овој штрајк. Едноставно, не мора да е човек Лех Валенса, па дури не мора да го има ниту мојот синдикален стаж за да заклучи дека, всушност, идејата на штрајкот не е зголемување на егзистенцијалниот стандард на просветните работници, туку само и единствено онаа последична идеја на секој штрајк – да му се наштети на работодавачот. Во случајот на Владата (државата) и секако на корисниците на услугите.

Да, во право е Х.Џ. Велс, учителите и лекарите се најважните професии на светот. Првите ве учат на животот, другите ви го чуваат. Јасно, тоа важи само во случај, ако и првите и другите навистина го прават тоа. А не ако произведуваат една од најнеписмените држави во Европа (за здравството друг пат и во друга тема). Во спротивно, сето ова е одмазда на бившите повторувачи.