Постои таков тип несреќни луѓе кои, од раѓањето па до смртта, живеат во заблуда дека поради нешто се повикани да се занимаваат со јавни работи, да го исправаат она што е криво и да го вадат на чистина она што е замрсено, а во суштина тие се занимаваат со самите себе и со своите матни амбиции и со ништо повеќе и ништо друго. Во кругот на тие нивни работи, тие вовлекуваат сѐ: идеи, движења, установи, јавни луѓе и скромни незнајници. Боледувајќи од фиксната идеја дека тие се во врска со сѐ што постои и дека сѐ на светот се однесува на нив, нижат грешка по грешка и глупост врз глупост. Но, убедени и упорни, тие тоа не го забележуваат. Секој чекор им е погрешен, бидејќи оди во погрешна насока. И е на штета на сѐ и здодевно за сите околу нив.
Вака некако своевремено пишуваше Иво Андриќ во неговите „Знаци покрај патот“, а јас не можев да не се сетам на мудриот Нобеловец, гледајќи ги непосредно протестите против договорот за името на Македонија и во Грција и кај нас. Интересно е како и двете страни проценуваат дека се издадени националните интереси. И грчките и македонските. Белки со договорот се заштитени националните интереси на Брегот на слоновата коска!
Но, да почнеме од почеток. Дали спорот со името е ирационален? Да, е! Дали е реален? Да, е. Дали договорот е историски? Да, е затоа што решава еден речиси вековен проблем. Дали договорот е компромис? Да, е. А што е компромис? Компромис е секое решение со кое му се помага на послабиот да се извлече од ситуацијата. Во таа смисла, дали е договорот историски? Секако дека е затоа што ѝ овозможува на Македонија да се мрдне од мртвата транзициска точка. А ако е веќе историски, тогаш е неминовен, бидејќи општественото движење е детерминирано, контекстуално и – неизбежно. Зошто тогаш протестираат македонските и грчките „патриоти“? Затоа што и во општествените движења владеат физичките закони, односно затоа што секое општествено движење има своја инерција која се труди да го задржи општеството во постојната точка. Задржувањето на статус квото е комотна позиција во која знаеме да се снајдеме, додека она што е пред нас е непознато и можеби ќе донесе ризици за нашата позиција.
Зошто тогаш протестираат македонските и грчките „патриоти“? Затоа што и во општествените движења владеат физичките закони, односно затоа што секое општествено движење има своја инерција која се труди да го задржи општеството во постојната точка.
Не беа и не се пресудни насмеаните и ентузијастички лица на Ципрас, Заев и останатите политички елити, присутни на потпишувањето на договорот во Мала Преспа, за да поверува авторот на овие редови дека Македонија конечно почнува да се движи во вистинска насока. Не, тоа беа насмеаните и ентузијастички лица на жителите од селата во Мала Преспа, кои си честитаа меѓу себе, а богами си честитавме и заедно.
Едноставно, не можев да се оттргнам од впечатокот дека на луѓето таму како да им паднал огромен камен од душата. Од друга страна, беа националистите, главно припадници на Златна зора, со згрчени лица, полни гнев и омраза и со очигледна желба тој камен да го задржат таму каде што бил, во душите на нашинците што живеат таму.
Добро, еве да кажеме дека можам да ја разберам навивачката група Комити, која наводно се јавува како еден од организаторите на протестите во Скопје. Фудбалски навивачи се тоа и со оглед на фактот дека одамна нема за кого и за што да навиваат, а својата енергија мораат некаде да ја испразнат, ете им шанса да се занимаваат со јавни работи. На штета на сѐ и здодевно за сите околу нив. А оние политичари, во принцип прилично маргинални по своето влијание, што ги поддржуваат овие протести, всушност само покажуваат дека нивната политичка филозофија е на ниво на една маргинална навивачка група.
Задржувањето на статус квото е комотна позиција во која знаеме да се снајдеме, додека она што е пред нас е непознато и можеби ќе донесе ризици за нашата позиција.
Но, ете, да кажеме дека ќе се испукаат националистите, антиглобалистите и останатите ирационални типови, ако веќе не се испукале. Главното прашање на македонската раскрсница е – што понатаму?
Има една анегдота, која наводно се случила во Кавадарци во првите години по Втората светска војна. Дошол, имено, политичкиот комесар од централата во Скопје да одржи предавање пред кавадаречкиот политички актив за одумирањето на државата. По завршување на предавањето било предвидено поставување прашања, па така некој од слушателите прашал каде се училиштата, болниците, патиштата и останатото што било ветувано дека ќе се изгради. На тоа станал главниот кавадаречки партиски челник и одбрусил: „Како не ти е срам. Не гледаш, државата ни умира, а ти прашуваш за школи, улици, болници…“
Еве, веќе откога е формирана умира и нашата држава, па белки со договорот за името некако ќе заврши оваа агонија и ќе се нема повеќе оправдување за патиштата, пругите, болниците, школите… Затоа што животот не се состои од големи теми и големи идеали, а богами не е ни вечен.