Вести

Потпишан договорот за името Република Северна Македонија

Двете страни порачаа дека ова е договор со кој сите можат да бидат задоволни | Фото: ФБ страница на З. Заев

Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Преспа го потпишаа договорот за ставање крај на спорот за името, односно за надминување на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Според договорот, македонската страна го прифаќа името Република Северна Македонија за севкупна употреба, и внатрешна и надворешна, националноста е македонска – граѓанин на Република Северна Македонија, а јазикот е македонски, од словенската група на јазици.

Во шаторот во селото Псарадес на грчката страна од Преспанско Езеро, церемонијата почна со честитка за 79-от роденден на медијаторот Метју Нимиц од претставниците на грчката влада. Македонската владина делегација со брод пристигна на местото на потпишувањето. Заедно со премиерот Заев и со министерот Димитров беа и министрите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, како и вицепремиерот Бујар Османи.

За двајцата премиери ова е историски ден со кој се става крај на еден спор, се зацврстува пријателството меѓу двете земји и се трасира патот кон подобра иднина.

„Ставаме крај на еден спор. Прашањето беше отворено три децении. Затоа јас и Ципрас и министрите за надворешни работи, заедно со нашите претставници, тргнавме во потрага по решение и стигнавме до решение“, порача Заев, додавајќи дека договорот ни донесе пријател за кој ни велеле дека е непомирлив непријател.

Премиерот Ципрас порача дека Грција со овој договор се соочува со тежината на сопствената историја.

„Тука сме да допреме до народите од Балканот, да го отвориме патот кон мирот, братството и развојот. Оптимист сум дека ќе успееме и дека нашиот пример ќе послужи како пример за сите“, рече Ципрас.

Говорите на двајцата премиери беа поздравени со силни аплаузи. Министрите Димитров и Коѕијас само ставија потпис на двата примероци на договорот, а на крајот како сведок се потпиша и Метју Нимиц.

„Треба да бидеме благодарни што има вакви лидери во овие две земји. Годинава на семејството му реков дека за роденден не сакам подароци зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, порача Нимиц.

На свеченоста во Преспа присуствуваа и високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан, специјалната пратеничка на Генералниот секретар на ОН Розмари Ди Карло и други високи гости. По потпишувањето на договорот на грчката страна, со повеќе пловила, бидејќи се уште не постои копнен пат што ги поврзува двете земји во преспанскиот регион, се упатија кон Отешево на македонска страна, на свечен ручек.

Владата пред три дена го објави текстот на договорот на својата интернет-страница.