Вести

Иванов: Договорот за името е политичка дивоградба

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, рече Иванов

Недостоинствен и неприфатлив. Вака претседателот Ѓорге Иванов го карактеризираше договорот меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, со кој се предвидува севкупна употреба на името Република Северна Македонија. 

Иванов во денешното обраќање беше дециден дека нема да го потпише договорот. 

„Нема да легализирам политички дивоградби“. 

„На средбата што утринава ја имав со премиерот Заев и министерот Димитров им кажав дека ова е нивни личен договор, нивна лична одлука и нивна одговорност. Им укажав дека овој штетен договор претставува напуштање на досега изградените суштински државни позиции, а кои беа потврдени и на последните две лидерски средби. Тоа се неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба или ерга омнес“, рече тој.

Претседателот Иванов го карактеризираше договорот како „единствен во историјата на човештвото“, а процесот на преговарање како „несериозен, неодговорен и нетранспарентен“. 

„Владата не смогна сила и храброст да изградиме заеднички став и да се постигне национален консензус. Текстот на договорот е поразителен за Република Македонија. Со него не се предвидува само промена на уставното име, туку и промена на преамбулата како и на сите членови од Уставот каде се спомнува името и термините произлезени од името Македонија“, рече Иванов додавајќи дека ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој не го обединува, туку го поларизира општеството. 

„Нема да ме поколебаат со никакви уцени и закани. Нема да поддржам ваков штетен договор“, рече тој. 

Утринава, Заев и Димитров имаа кратка средба кај Иванов, кој го напуштил состанокот. 

„Премиерот и министерот за надворешни работи имаа конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина. Владата ги повикува сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ“, се вели во соопштението од Владата. 

Заев денеска имаше и куса средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која му беше доставен договорот меѓу Скопје и Атина.

Мицкоски уште еднаш го повтори ставот дека станува збор за договор за капитулација на Република Македонија. 

„Откако ќе го анализираме внатре во партијата, ќе повикаме и консултации со МПЦ, ИВЗ, МАНУ… Сакаме поширок дијaпазон на мислења“, рече тој. 

Утре договорот ќе се разгледа на владина седница, по што ќе биде декласифициран и ќе биде достапен за јавноста.