Вести

Нема веќе ФИРОМ, постигнат договор за Република Северна Македонија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Jазикот останува македонски, без фуснота, а националноста е македонска – граѓани на Република Северна Македонија | Фото: БИРН

Република Северна Македонија е име за севкупна употреба за кое премиерот Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас постигнале договор. До понеделник ќе се потпише договорот со Грција, но сè уште нема информации каде ќе се сретнат двајцата премиери.

„Решаваме две и пол децениски спор кој земјата ја влечеше надолу. Со ова решение, го јакнеме македонскиот идентитет. Нема веќе ФИРОМ, туку име кое е достоинствено и географски прецизно, а ќе се прецизира со амандман во Уставот“, рече Заев.

Според Заев, јазикот останува македонски, без фуснота, а националноста е македонска – граѓани на Република Северна Македонија.

Договорот ќе биде презентиран пред сите политички субјекти, ќе биде потпишан од претставниците на двете влади, а потоа ќе следи ратификација во Собранието.

Според Заев, веднаш по ратификацијата, Грција ќе испрати писмо до Генералниот секретар на НАТО со кое ќе го извести дека меѓу двете земји веќе нема спор и дека не постојат пречки Македонија да добие покана за членство во НАТО. Грција ќе испрати и писмо до претседателот на Европскиот Совет со кое ќе препорача датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Мицкоски: Заев потпиша капитулација

Зоран Заев се обидува шверцерски да ја протне кај јавноста капитулацијата на Република Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој побара да го види договорот меѓу Заев и Ципрас, рече дека е потребен задолжителен а не консултативен референдум и дека на тој референдум тој ќе се изјасни „против“ промената на името.  

„Силно веруваме дека Европскиот совет на 28 јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија и дека на Самитот на НАТО на 12 јули во Брисел, Македонија ќе добие покана за полноправно членство како 30-тата членка на Алијансата“.

„Гласот на граѓаните ќе биде конечен“, рече Заев додавајќи дека на есен ќе се одржи референдум на кој граѓаните ќе одлучат за својата иднина.

Тој информираше дека ќе дојде до промена на ознаката на регистарските таблички на возилата, наместо МК – НМК, а остануваат да важат кодовите МК и МКД.

„Членството во НАТО ќе значи гаранција за стабилност и безбедност на земјата. Тоа е гаранција за нови инвестиции и економски развој. Членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции, правна држава, зголемена мобилност и еднакви шанси за младите. Нема да има потреба да се вадат пасоши од други држави“, рече Заев пред големиот број македонски и грчки новинари кои ја следеа прес-конференцијата.

По завршувањето на прес-конференцијата, Заев си честиташе со останатите министри од Владата кои стоеја зад него.