Вести

„Курир“ стана 100% унгарски

Со зголемување на основачки влогови, продолжува да се влева унгарски капитал во медиумите блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а се случуваат и промени во однос на сопственичката структура.

Последните податоци од Централниот регистар говорат дека сопственик на Ем медиа, фирмата издавач на порталите Курир, Лидер, Економски и Вистина, станува единствено фирмата со унгарски капитал Адинамик Медиа на унгарската државјанка Агнеш Адамик.

Претходно, сопствеништвото на фирмата го делеа извесен Саше Стојановски и унгарската фирма. Со најновите промени, Стојановски излегува од сопствеништвото, унгарската фирма станува стопроцентен сопственик, а основачкиот влог се зголемува на над 51 илјади евра.

Веб-порталот Курир и фирмата Адинамик Медиа делат и иста адреса, на улицата Мирче Оровчанец зад Универзалната сала во Скопје. Оваа фирма во април годинава го купи и порталот Република.

БИРН се обиде да исконтактира со унгарската државјанка Агнеш Адамик преку нејзиниот Фејсбук профил. Ја прашавме кој е нејзиниот мотив да вложува во македонски медиуми, за колку пари ги купила порталите и кои се нејзините планови во иднина, но таа, кога ја виде нашата порака, не блокираше на социјалната мрежа.

Освен Агнеш Адамик, во сопственоста на македонски медиуми влезе уште еден Унгарец – Петар Шац кој минатата година влезе во сопствеништвото на телевизија „Алфа“ преку фирмата „Таргет Медиа“.

Истражувањето на БИРН објавено минатиот месец покажа дека адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“ се јавува како полномошник на двете унгарски фирми кои влегоа на македонската медиумска сцена.  Освен тоа, заедничко за Шац и за Адамик е тоа што и двајцата работеле за унгарската државна агенција МТВА, а во јавниот сервис тие биле инволвирани и пред доаѓањето на Виктор Орбан на власт, но и по неговото доаѓање во 2010 година, кога добиваат повисоки функции.

Петар Шац е основач на четири фирми во Унгарија – Рипост Медиа, Нувел Медиа, Мозго Мози и Целје Бт, сите поврзани со медиумскиот бизнис. Но, една од овие компании посебно се издвојува – Рипост Медиа е издавач на еден најтаблоидните и најпрофитабилните медиуми што се појавува на унгарскиот медиумски пазар, Рипост, кој е веб-портал и политички таблоид, близок до политиките на Виктор Орбан. Во 2017 година Рипост заработува дури 2,1 милиони евра од државни реклами.

Овој медиум на голема врата се појавува и во Македонија – веќе е отворен порталот Ripostmk.com, на веб-страницата на телевизија Алфа наголемо се рекламира овој медиум кој нема импресум, а сопствеништвото му е скриено.

Освен во Унгарија и Македонија, патот на Петар Шац, актуелен газда на телевизија Алфа, води и кон Словенија, каде што Рипост има свое претставништво, па преку него влегува во „Нова 24 ТВ“. Оваа телевизија, како што пишуваат унгарските медиуми повикувајќи се на извештаи од  „Репортери без граници“ е пропагандна машинерија на поранешниот премиер Јанез Јанша чија Словенечка демократска партија (СДС) победи на изборите што се одржаа пред пет дена.

Унгарските и словенечките новинари со кои контактираше БИРН се едногласни во мислењата дека влезот на луѓе блиски до политиките на Орбан и на Јанша во медиумите е сериозен сигнал за моќта на пропагандната машинерија која почнува да се шири во балканските држави.