Оглас за претседател

Колумна на Сашо Кокаланов

Човек не може секогаш да ја избегне модата колку и да се труди да биде свој. Не знам што е во тренд денес во облекувањето и какви фризури се носат, ама политички во мода се огласите за избор на претседател на државата.

Мислам, она, баш се во мода. Малку иронично е тоа што за сите други места во земјава се оди преку партија, а за шеф на државата се оди по пат на отворен јавен конкурс, но што да се прави, такви се трендовите.

Бев убеден дека знам отприлика кој сакам да ни биде претседател и сакав да го споделам тоа со вас, но по долго, повеќеминутно размислување, решив да дозволам да ме понесе модниот бран и да распишам оглас за „најважната“ функција во државава. Повиков е отворен за сите државјани на Македонија што ги исполнуваат следниве десет критериуми:

  1. Кандидатот да биде микс од актуелниов и претходниот претседател, односно да го има најдоброто од нив двајца: интелигенцијата на сегашниов и суетата на неговиот претходник. Со други зборови, во потрага сум по идеална комбинација на тие две особини, односно лице што ќе биде неосновано арогантно и не само што нема да се срами, ами и ќе се гордее со сета својата ограниченост.

Тоа е единствена гаранција дека ќе опстои цели пет години, со можност и за дополнителни пет, и дека во целата своја небитност, во самотијата на вилата на Водно ќе успее да ги задржи душевниот мир и личниот дигнитет.

  1. Пожелно е да поседува вегетативен нервен систем, со забелешка дека не смее да западне во целосна вегетација и да се самопретвори во добро платен државен фикус, од причини кои на јавноста ѝ се веќе добро познати и не мора нешто посебно да се елаборираат.
  2. Да умее да прави разлика меѓу државник и државен платеник. Точно е дека и едниот и другиот се на товар на државата, односно на платен список на даночните обврзници, но првиот, освен што прима плата од државата, повремено сработува нешто за возврат. Или, ако не сработува, барем не ја кочи државата во нејзиниот вртоглав напредок.
  3. Треба да не е гадлив на покровителства. Значи, Македонија е земја во која се одржуваат најразлични манифестации, едно вистинско мало богатство, ризница од најразлични настани: од берење гранчиња пред верски празници, преку пливачки маратони, осветување базени, трки на келнери, дедо мразовци, венчавања галичани, борби на петли и пеливани, па сè до помалку спортски настани, како на пример ракијади и пивтијади, и сите тие имаат свој покровител.

Од причина што другите кандидати за оваа престижна функција се зафатени со конкретни задолженија, кога ќе се најдат во небрано, организаторите се упатени за свој покровител да го побараат претседателот на државата, а тој кутриот, или таа кутрата, најчесто нема срце да ги одбие, меѓу другото, зашто тие случувања се добра прилика и за шефот на државата да се појави во јавноста.

  1. Пожелно е да нема познавања од ниту еден странски јазик. Тоа овозможува на разните приеми, коктели и меѓународни конференции да може да си стои по страна и да си јаде од ракчињата, без никој да го замара со бош-муабети. На сите им клима и им се смешка, но не влегува во непотребни дискусии и „часкања“ од нога. Велат дека ракчињата на такви настани се превкусни.
  2. Кандидатот треба да е релативно млад, односно да нема многу повеќе години од уставно пропишаниот минимум – четириесет лета возраст.  Нема горна граница, но ги обесхрабрувам сите постари да не се пријавуваат. Тоа ти е како вториот пензиски столб отприлика – над 45 години веќе не ти се исплати. Гледам луѓе кои се во шестата или во седмата декада од животот со претседателски амбиции и, како да ви кажам, ме јаде туѓ срам.

Да, претседателската функција нуди доживотна пензија, но ако одиш за некоја година секако во пензија, стварно немаш есап да се кандидираш. На крајот на краиштата, и редовната пензија е доживотна, само е малку помала.

  1. Кога сме кај финансискиот аспект, многу е важно да се има однос кон дијаспората. Нашиот народ вели: ако не ги викаш, нема да те викнат. Затоа претседателот треба да е Светски македонски конгрес во мало, односно СМК – друштво со ограничена одговорност – едно лице (ДООЕЛ) и треба да чува секогаш слободна соба во вилата за Мето Коловски од Обединетата македонска дијаспора или за другите поглавари на македонските движења и црковни општини ширум светот.

Реално земено, шансите да се посетат САД, Канада, Австралија… се многу поголеми на покана на нашите таму отколку на Белата куќа, на пример. А дневниците се многу океј.

  1. Кандидатот треба да верува во теории на заговор, но само до онаа мерка што ќе му помогне да си го исполни квалитетно времето. Секое пречекорување може да доведе до непотребно барање полјани низ државава за изградба на замоци на македонските династии од Хималаите и други далечни места. Тоа не се покажа баш најпаметно.

Во тој контекст, важно е и да има сенс и за избор на советници. Впрочем, ниедна од тие теории на заговори нема никаква смисла ако немаш со кого да ја споделиш, односно барем такви што нема да ти се смеат в лице додека им ја раскажуваш.

  1. Да има многу хобија. Големото слободно време знае да биде убиствено ако не си го пополниш со некаква занимација. Не може секој да знае да поправа транзистори, но секое хоби може да биде спас од здодевноста: плетење, везење гоблени, кладилница, љубичици, турски серии, Собраниски канал на МТВ, пасијанс, куче, маче, хрчак, рипки во аквариум, Задруга, хороскоп, романите на Мир-Јам… Што било, само да се разбие малку потпишувањето укази на закони.
  2. Лицето мора да негува особена страст кон државни признанија, особено кон ордени. Орденот е добро средство за купување пријатели и дома и надвор. Но, не треба да се расфрлаш со нив, треба да знаеш паметно и визионерски да ги менаџираш ордените.

Едно непишано правило вели дека ордените се патоказ кон иднината. Ете на пример, орденот за Виктор Орбан, во многу нешта и буквално ја трасираше иднината на претходната гарнитура политичари.