Знамето е парче ткаенина што од некои причини предизвикува ирационални емоции кај човекот. Вака некако почнуваше еден мој текст пред, би рекол, повеќе децении. Фактот дека и пред толку време сум се занимавал со знамињата, само говори дека немаме баш некоја среќа со овој државен симбол.
Сѐ некој не го признава. Ту некој го плука, другиот го гази, третиот не сака да го истакне, четвртиот се колне во сонцето од Кутлеш, а на петтиот му е сеедно.
Јас сум оној петтиот, кој нема некаков особен однос кон формите, па макар станувало збор и за највисоките државни симболи, ако во нив не се крие некоја конкретна и битна содржина или барем некаква порака.
Во таа смисла не се возбудив нешто премногу и од фактот дека во кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев не беше истакнато македонското знаме при посетата на неговата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова.
Конечно, овој гест повеќе говори за домаќините, отколку за гостите. Иако, богами, доволно говори и за нив. Можам само да замислам каква реакција ќе имаше истиот тој Радев ако по некој случај во Македонија не би било истакнато бугарското знаме при некоја негова посета.
Една фотографија – илјада зборови
Ги следев колку што можев немуштите објаснувања и бурните реакции по овој повод. Демек, посетата била неофицијална, па затоа бугарската страна не била должна да го истакне македонското знаме. Дека македонската претседателка, всушност, била да ја гледа операта „Набуко“ во изведба на МОБ, па онака попатно се сретнала со нејзиниот колега.
Уште малку ќе излезе дека заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како и со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, Сиљановска отишла да си купи две пити кашкавал и мастика „с’с кристалчета“.
Па, попатно се виделе со пријателчето Радев, кој случајно е претседател на Бугарија.
Уште малку ќе излезе дека со министерот за надворешни работи, Муцунски, како и со министерот за култура, Љутков, Сиљановска отишла да си купи две пити кашкавал и мастика „с’с кристалчета“
Реков веќе дека не се потресов премногу поради бугарскиот гест, иако пораката што ја упати „бугарската страна“ беше чиста и јасна. Знамето не е ништо друго, туку симбол на идентификација, на препознавање… Зад знамето застануваат припадници на одредена воена единица, на некоја друга организација, навивачи на спортски клуб, вработени во некоја фирма… и, секако, државјани на одредена држава.
Знамето е врвниот симбол на суверенитетот на една држава. Бугарската политичка елита јасно кажа што мисли за суверенитетот и интегритетот на Македонија. Но, проблемот не е во мислењето на бугарските функционери, проблемот е во тоа што мислиме ние за нашиот суверенитет и интегритет.
Велам, не би го пишувал ниту овој текст да не беше соопштението од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија. Таму буквално се вели дека „средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор.
Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“.
Веројатно и министерот Зоран Љутков бил на ваков начин затекнат, па и тој, и неговиот бугарски колега Најдан Тодоров се сликани само пред бугарското знаме.
Нема знаме – нема протокол
Но, нејсе. Според кабинетот на претседателката, не е проблем што не е истакнато македонското знаме, туку проблем е зошто се сликале надвор од „договорениот протокол“. Значи, проблемот е во службениот фотограф, кому, ете, така му се ќефнало, па ги „штракнал“ луѓево. Веројатно не можел да одолее на фотогеничноста на нашата претседателка.
И тој другиот негов колега, на фотогеничноста на министерот Љутков. Што знам, претпоставувам дека од професионален аспект, вакви шанси не се испуштаат. Тоа е материјал за сериозни изложби и добивање светска слава.
Навистина, се извинувам, ама не можам да му се спротивставам на цинизмот што во мене го предизвикува вака сроченото соопштение. Значи: има фотографија – има проблем! Нема фотографија – нема проблем! Нема знаме – нема проблем! Додека нема фотографија!
Значи: има фотографија – има проблем! Нема фотографија – нема проблем! Нема знаме – нема проблем! Додека нема фотографија!
Што не ги ставија фотографиите под тепих, ќе немаше никакви проблеми и средбата ќе поминеше во „извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот“. Само без една дребулија, без знаме.
Но, ајде да покажам добра волја и да го прифатам соопштението за „непредвидениот протокол“ онака, здраво за готово. Кој е виновен за пропустите во протоколот? Да се разбереме, убеден сум дека за „бугарската страна“ не станува збор за никакви пропусти и „сенки на настанот“, туку за испланиран чин.
Пред многу години сведочев на посетата на еден турски претседател, мислам дека беше Сулејман Демирел, на Македонија. Во суштина, не известував од посетата, па затоа се оградувам од моето кршливо сеќавање, туку бев сведок на подготовките за неа.
Неколку дена претходно се појави една екипа од тројца-четворица луѓе од турскиот протокол. Сите детали беа разгледани: каде ќе стои обезбедувањето, каде ќе бидат војниците од Гардата, каде ќе стојат знамињата, а каде икебаната.
Се сеќавам дека дури и ја мереа влезната врата на Собранието, каде што тогаш се наоѓаше кабинетот на претседателот на Републиката. Ништо не смееше да се препушти на случајот и сѐ беше неколку пати проверувано, неколку часа пред да стаса високиот гостин.
Не очекувам дека македонскиот протокол е толку посветен на својата работа. Дури и не очекувам дека воопшто опстанале вистински професионалци во оваа област, ама, сепак, се надевам дека имаат некое основно ниво на познавање на работите. На пример, дека е во ред да постои државното знаме онаму каде што одат нашите државници. Или дека не е во ред да се фотографираат онаму каде што не треба да се фотографираат.
Кој пее, зло не мисли
Приказната дека сето ова е направено под превезот на таканаречената „културна дипломатија“, речиси и не е достојна за коментирање. Убеден сум дека професорката Сиљановска, која сега е и претседателка на државата, со сигурност знае дека тоа што на Мајските оперски вечери ги гледала „Валкири“ од Вагнер, во изведба на Бугарската опера, и дека сега ја гледала „Набуко“ од Верди, во изведба на Македонската опера и балет, нема никаква врска со културна дипломатија.
Кое е тоа приближување на државите преку докажувањето на фактот дека и едните, и другите го имаме усвоено пеењето на класичниот оперски репертоар. И тоа во оригинал, а не на јазиците на кои говориме. Додуша, што се однесува до класичните опери, сосема е небитно на кој јазик ги пеете. И онака нема ништо да разберете од приложениот текст.
Целата посета на претседателката на Бугарија повеќе се квалификуваше во „оперетска“, отколку во „оперска дипломатија“
Културната дипломатија, или таканаречената „мека моќ“ е многу посериозно системско прашање. И тоа претседателката сигурно го знае. Ако ништо друго, годините се такви што сигурно се сеќава на времето кога постоеше Комисијата за културни врски со странство и кога постоеше сериозна поткрепа на презентирањето на овдешната оригинална, а не само репродуктивна, уметност.
Но, тоа е некоја друга тема, која заслужува многу посериозен третман од нафрлање некои флоскули. Во секој случај, целата посета на претседателката на Бугарија повеќе се квалификуваше во „оперетска“, отколку во „оперска дипломатија“. И што е најапсурдно, под слоганот „Гордо, Македонијо“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија