Праќајќи писма по светот дека имаат изборен легитимитет да бидат во власта, ДУИ/Европскиот фронт e на добар пат да ја изгуби и улогата што во иднина треба да ја има – силна и легитимна опозиција.
Во демократии, партија или коалиција што нема да влезе во власта (од икс причини) не пишува декларации, не кука, не праќа писма, се сообразува со реалноста и го користи времето за раскин со грешки од минатото, за кадровско прочистување и освежување, со цел до следниот изборен циклус да стане конкурентен партнер во власта.
Суетата, себепретставувањето како безгрешни, непогрешиви, визионери, не ја водат ДУИ кон отрезнување. Сигнал за тоа е постојаното потсетување дека 22 години победувале и биле во власта.
Не е умно тоа да го истакнуваат, зашто следува прашањето – а што направиле за две децении? Сосема извесно е дека со нивната препознатлива нескромност, експресно ќе одговорат дека „нема нешто што нѐ направиле“.
Ама, ако се исклучат сите моноетнички езотерии, зад кои се маскирани лични и партиски интереси, покрај многуте промашување ќе остане запаметен и фактот – дека дури ни Зајас, родното село на Али Ахмети, сè уште не ја добило канализациската мрежа ветена уште од 2014 година. А да е само тоа.
Поглед од друг ракурс
За разлика од канализацијата, чија изградба со европски средства десет години беше во перманетен застој од домашни причини, немаше никакво застој во градењето на приватни кули вавилонски, бизниси, функции, ама и митови.
На тој план сѐ одеше како подмачкано, и никогаш не беше доста, слично како во песната за Батко Ѓоргија „све што видеја убаво, мори бабо, све сакат да је његово“. Ама Ѓоргија бил шегобиец, а од ДУИ не се шегуваат кога се интереси во прашање.
Навиката да се гледаат себе си исклучиво на отсечката од точка А до точка Б – од Мала Речица до Илинденска број 2 – придонесе никогаш да не се погледнат самите од ракурс кој дава појасна перспектива.
Ако сакаат навистина да ja видат големата слика, не мора да се качуваат на Голем Кораб, не мора ни да се качуваат врз главата на еден шеф на обвинителство. Доволно ќе биде да се качат на последниот кат на некоја од соравиите.
Оттаму подобро ќе видат зошто вистинскиот резултат од учинокот на ДУИ и нејзините различни партнери во изминатите две децении, заврши со оценка дека земјава е „цикличен хибрид“.
Така се дефинираат земји, каде ривалските партии во кои доминираат лидерите и нивните лични определби, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции, па затоа политичкиот плурализам не носи никаков напредок, туку само површни институционални промени.
И кога веќе се фалат со стажот во власта, од ДУИ ќе треба да ја си преземат и одговорноста за најдолгото учество во градењето на нашиот цикличен хибрид. Можеби тогаш ќе им стане појасно зошто нивниот изборен легитимитет не е на цена.
Се урна митот
ДУИ досега воопшто не беше загрижена за претставеноста на другите етнички заедници во власта, за разлика од последниве избори, кога реши на својата локомотива да приклучи мулитетничка композиција, божем да ја покаже својата демократска величина, а практично да си обезбеди дополнителна кошница од гласови.
Врз основа на тоа, преку грбот на Европскиот фронт, ДУИ претендира да се прикаже дека во вредносна смисла е чекор понапред и со поголем легитимитет од моноетничката композиција на Вреди.
Никој не ѝ брани да продава таква перцепција, ама прашањето е кој ја „купува“?
Да беше сето ова искрен чин, да беше тоа дведецениска пракса на ДУИ, граѓаните навистина ќе им симнеа шапка. Ама не е така. Во спротивно, ќе слушневме, на пример, дека ДУИ се залага техничката влада да ја раководи премиер Турчин, премиер Ром или премиер Бошњак.., а не исклучиво премиер Албанец.
Лесно е арбитрарно да си договориш премиер Албанец кога си во власта, а да се сетиш на другите етнички заедници само тогаш кога ти гори под нозете.
Во минатиот труд на ДУИ не е видена широкоградост, каква што партијата сака сега да претстави. Таа дури ни во албанскиот блок не ја покажа мудроста на „матицата“. Иако со години реагираше дека одат на свадба без невеста (без кандидат на претседателски избори), ДУИ реши да одговори со свој кандидат на кандидатот од Вреди.
И не гласаше Африм Гаши да биде избран за претседател на Собранието, бидејќи и се урна митот дека само со ДУИ во власта е можно една од трите највисоки функции во државата да ја добие Албанец.
Трчајќи по најкраткиот пат до власта, интегративците на крајот се изгубија и самите себе. Не е предоцна да се пронајдат, да се преиспитаат, да се помират со опозицискиот статус и да бидат силен коректив, бидејќи сега потешката улога ќе ја има Вреди. Од начинот на кој тие ќе ја практикуваат власта, ќе се види дали Вреди вреди или не вреди.
Исто важи и за новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и ДУИ имаа повеќе од доволно време да покажат што умеат, но не го положија испитот. Тоа не значи дека и во иднина ќе нема што да кажат, секако, по еден неминовен процес на идеолошка стабилизиција, морално и кадровско обновување, ослободени од досегашниот идеен банкрот, ослободени од лакејски манири, и повеќе свртени кон интересите на граѓаните и државата отколу кон сопствената партиска и финансиска оска.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија