Утро е, ѕвони алармот на телефонот, го земаме телефонот в рака и веднаш се вклучуваме на некоја социјална мрежа. „Иди убиј се!“, „Марш бре говеда“, „така ви треба, требало и повеќе“, „само Хитлер за таквите ко вас“, „оваа крава ли најде да збори?“… се првите пораки што секој ден ги читаме наутро по социјалните мрежи во вид на коментари под постови или медиумски објави.
Веројатно затоа во последно време сите ние декларираме лоши чувства и нерасположение штом влеземе во тој дигитален свет на заедништво. Само за политика се зборува, постојано се караат, сѐ некој некого навредува или исмева – се најчестите причини зошто многумина од нас се обидуваат да најдат нова рутина за почнување на денот.
Интернетот е свет во кој, покрај слики од наместени трпези, симпатични миленици и смешни мемиња, постои и загрижувачко количество на омраза, навреди и вербално злоставување, кое полека ја поставува основата на колективната/јавната комуникација.
Неодамнешниот случај со интервју на една трансродова девојка од Македонија, која зборуваше за насилството и дискриминацијата со кои се соочувала, е типичен пример за овој феномен. Коментарите под објавата на интервјуто немаат за цел да дискутираат за овој општествен проблем и потенцијалните решенија (без разлика дали се согласуваме или не со нив), туку имаат за цел да навредат, омаловажат и да скршат некого.
Погрдни имиња, клетви и повици за насилство и силување кон оваа девојка и ден денес стојат јавно достапни на Фејсбук. Социјалните мрежи одамна не се повеќе места за дискусија и дебата, но тие продолжуваат да бидат простори на размена. Размената е вербална, визуелна, но и длабоко емотивна и конститутивна. Низ релацијата со другите, ние ја градиме сликата за себеси и светот.
Преку колективната размена на ставови и идеи ние го градиме општеството и културата. Чудно како токму самопрогласените патриоти и чувари на колективниот морал учествуваат во ова градење единствено преку истурање отров, кој го нагризува „коренот на дрвото“, сушејќи ја секоја потенцијална гранка, лист и цвет.
Вербалното малтретирање во дигиталниот свет, наспроти она во една врска, ги остава насилниците без можност да ги видат манифестациите и да се соочат со ефектите од своите постапки
Во нејзината книга „Преживеаните од вербална злоупотреба зборуваат отворено: за врската и закрепнувањето“, Патриша Еванс ја истражува менталната болка предизвикана од интензивната вербална агресија. Разговарајќи со над 30.000 жртви на вербално насилни врски, Еванс открива дека изложеноста на вербално злоставување предизвикува промени во морфологијата на мозокот и нарушувања на менталното здравје.
Постои релативен општествен консензус на неодобрување на физичкото малтретирање, но за неговиот говорен пандан, чии стратегии се суптилни, но ефектите релативно слични, луѓето често имаат алиби. Обидите да објасните дека вербалните напади повредуваат или да се спротивставите на нив честопати се пресретнати од оние одрекувања, кои секој добар вербален манипулатор ги има веќе подготвени во главата: „Претерувате со реакција“, „Ти си премногу чувствителен/на, „Не можете ли да прифатите шега?“
И покрај ова негирање на последиците од вербалното злоставување, психолозите постојано докажуваат дека депресијата, анксиозноста и неиздржливото количество стрес се резултати на изложеност на овој тип агресија. Вербалното малтретирање во дигиталниот свет, наспроти она во една врска, ги остава насилниците без можност да ги видат манифестациите и да се соочат со ефектите од своите постапки. Насилството е јавно, но страдањето е приватно, прикриено и тивко.
Истражувањата покажуваат дека најчеста мета на вербални напади онлајн се токму „послабите“ во едно општество. Разгледувајќи ги коментарите под објавите на вестите на фејсбук-страниците на нашите медиуми, се изненадив од опсегот и од токсичноста на овие наративи.
Постои релативен општествен консензус на неодобрување на физичкото малтретирање, но за неговиот говорен пандан чии стратегии се суптилни, но ефектите релативно слични, луѓето често имаат алиби
Па така, под веста за притвор на лица што 8 часа силувале 15-годишно девојче, стојат коментари од типот „малку ѝ направил, требало повеќе крв“. Овој тип коментари најчесто се насочени кон жени жртви на сексуално насилство, ЛГБТИ луѓе и Роми. Вакви коментари има најмалку кон луѓе што имаат моќ во дадено општество, како олигарси, криминалци и успешни политичари. Со други зборови, колку сме послаби, толку сме поранливи на вербална агресија на социјалните мрежи.
Иако овој факт зборува многу за менталната состојба во која се наоѓаат мразачите, сепак овој проблем е повеќе социјален, општествен отколку индивидуално психолошки. Јавната комуникација за која денес пишувам не е оштетена од поединци што немаат попаметна работа освен да блујат отров во јавна арена, туку претставува производ на доминантна култура, која ја негуваме и ја одржуваме системски.
Навредите, омразата и вербалната агресија, иако се насочени кон конкретни личности, кои најчесто се непознати за тие што ги напаѓаат, сепак имаат колективно дејство. Кога се напаѓа една жена жртва, тогаш тоа е порака за сите жени жртви што се сведоци на оваа комуникација. Кога се напаѓа едно геј момче, тогаш тоа е порака за сите геј момчиња. Напаѓајќи еден човек, насилниците, всушност, напаѓаат групи.
Виртуелниот простор што го делат луѓето од една мала земја како Македонија станува типичен пример за паланка. Радомир Констатиновиќ ја дефинира паланката како поим, кој не е географски, туку повеќе духовен. Паланката за Констатиновиќ не го сака непознатото и тоа одбивање на непознатото станува нејзина историја, култура и ментален свет. Светот е валкан, паланката е чиста и тој став мобилизира иницијативи за чистење и бришење на сите оние чии тела, идентитети и светови не се поклопуваат со нашиот. Во овие процеси страдаат (со различен интензитет) и мразачите, и жртвите.
Јавната вербална агресија го афектира колективното ментално здравје. Насилните однесувања, агресијата и омразата се ментални нарушувања. Брановите на омраза и навреди секој ден стануваат сѐ поголеми, па постои ризик тие да се претворат во општествено цунами. Духот на паланката полека станува државотворен.
Понекогаш имам чувство дека она што е најсвето во срцата на мразачите – нацијата – претставува колектив, чие ментално здравје е сериозно нарушено. Без намера индивидуално да патологизирам, ќе завршам со констатацијата дека на нашето општество му е потребно итно дијагностицирање и лекување.
Оваа дијагностика и лекување не се медицински, затоа што и самиот проблем не е медицински. Интервенцијата е, пред сѐ, идеолошка и демократска, и бара сеопфатен и стратегиски влог. Не закони и казни, туку едукација, поддршка и засилување на тонот на сите поддржувачки гласови на емпатија, солидарност, љубов и грижа.
Конечно, за да стигнеме до таму, потребно е итно да научиме да слушаме. Тие што ги нарекувате „ѓубре, говедо, стока“, навистина имаат нешто вредно да ви кажат. Не само за себе, туку и за сите нас. Оттука почнува процесот на реконвалесценција. Нека е со помин.