Регион

Ова е мизогинија: Се зголемува злоставувањето на политичарките во Црна Гора

Состојбата се влошува, велат експертите

Весна Братиќ и Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ се на спротивни страни на длабоко идеолошки поделената Црна Гора. Братиќ е министерка во кабинетот на несигурниот владин сојуз што дојде на власт кон крајот на 2020 година и стави крај на тридецениското непречено владеење на Демократската партија на социјалистите, ДПС, за самиот да се урне под тежината на внатрешните борби на 4 февруари.

Вуксановиќ-Станковиќ е пратеничка на опозициската Социјалдемократската партија, СДП, и критичар на таа влада.

Едната од нив се перцепира како дел од  политички табор што се спротивставува на одвојувањето на Црна Гора од Србија; другата е жесток бранител на независноста на Црна Гора на независност.

Иако политички сосема се разидуваат, како жени во политиката, тие имаат едно нешто заедничко: и двете се жртви на онлајн и офлајн злоупотреба и дискриминација на дневна основа поради нивниот пол, феномен за кој експертите во Црна Гора велат дека само се влошува.

Седум од 10 политичарки во Црна Гора доживеале насилство за време на нивната политичка работа, според студијата поддржана од УНДП, објавена минатата година од Женската политичка мрежа. Девет од 10 доживеале родова дискриминација.

А ефектите одат многу подалеку од поединецот.

„Ова има повеќекратни негативни ефекти, вклучително и демотивирање на многу паметни, вредни жени да се вклучат во јавниот и политичкиот живот, воопшто“, вели Далиборка Уљаревиќ, директорка на Центарот за граѓанско образование, ЦЦЕ од Подгорица, водечка црногорска невладина организација.

Во продолжение, таа за БИРН рече дека ова ја ограничува способноста на жените „да учествуваат на суштински начин во процесите на одлучување и креирање политики, вклучително и тие што се одразуваат на квалитетот на животот на жените“.

Братиќ одби да даде интервју, но Вуксановиќ-Станковиќ за БИРН изјави: „Мислам дека никогаш немало толку насилство врз жените во политиката како што има денес“.

Злоупотреба на интернет, сексизам во парламентот

Далиборка Уљаревиќ ФОТО:ЦГО

До крајот на 2020 година, Црна Гора, поранешна југословенска република со околу 620.000 жители, беше предводена од ДПС, која ја водеше земјата до независност, за што граѓаните гласаа на референдумот во 2006 година.

Партијата ја загуби власта од диспаритетен сојуз од три политички блока, во кој доминираа политичари што се спротивставија на распадот на речиси вековната државна заедница на Црна Гора со Србија. Промената на власта повторно ги разбуди тензиите во земјата каде што ниту една етничка група не формира мнозинство.

 

Владејачкото мнозинство во парламентот изгласа влада главно составена од технократи, меѓу кои и Братиќ.

Но, 44-годишната министерка за образование, наука, култура и спорт – етничка Србинка од Босна и професорка по англиски јазик – веќе беше поврзана со масовните протести предводени од Српската православна црква во Црна Гора, во 2019 година поради контроверзниот закон за слобода на вероисповед, протести за кои се смета дека влијаеле врз загубата на  ДПС на изборите следната година.

По преземањето на функцијата, Братиќ беше изложена на кампања на злоупотреба на интернет со вулгарни карикатури и фотомонтажи. Нејзиниот случај го истражуваат обвинители. Во февруари минатата година, на Братиќ ѝ беше доделена 24-часовна полициска заштита, откако еден маж ѝ се заканувал и подоцна бил уапсен.

Вуксановиќ-Станковиќ, во меѓувреме, беше тема на таканаречените „патриотски собири“ организирани од тие што велат дека новата влада и нејзината наводна просрпска политика претставуваат закана за црногорската државност.

Таа доживеа сексизам, дискриминација и злоставување во парламентот и надвор од него, на интернет. Четириесет и тригодишната министерка беше цел на фотомонтажи, како што таа ги опиша како „многу грди, многу вулгарни“.

„Кога давам изјава, која е мој политички став и со која не навредувам никого, во коментарите на социјалните мрежи сум подложена на закани, најчесто сексуални навреди, коментари за мојот брачен статус, мојот сопруг, кој е значително постар од мене, и така натаму“, вели таа за БИРН.

Во парламентот, од машките пратеници, Вуксановиќ-Станковиќ беше критикувана дека е „нервозна“ и фрустрирана“, термини  што мажите често ги користат за жените. Кога ја прими третата доза вакцина против корона вирусот, политичките непријатели твитнаа коментари преполни со сексуални инсинуации.

Во декември, пишувајќи на Фејсбук, вршителот на должноста управител на Општина Херцег Нови, Душан Вукиќ, рече дека Вуксановиќ-Станковиќ е „доказ дека разликата меѓу сопружниците не треба да биде поголема од 10 години. Зголемувањето на таа разлика ја зголемува и фрустрацијата на помладиот сопружник. Најлошата опција е кога граѓаните на една земја страдаат од таа фрустрација“, напиша тој.

Вукиќ подоцна се извини за, како што рече, „несмасниот обид“ за хумор.

Повик за построги казни

Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ ФОТО: БИРН/Жељка Вучиниќ

Во февруари, полицијата почна да го обезбедува нејзиниот дом. Таа, тогаш за медиумите, изјави дека била информирана од началникот на полицијата Зоран Брѓанин оти полицијата има индиции за можен напад врз неа.

 

Коментирајќи ја злоупотребата што ја претрпе Братиќ, Вуксановиќ-Станковиќ рече дека ниту една жена не треба да трпи политичко насилство.

„Значи, можеме да не се согласуваме и треба да го искажам својот политички  став: ‘Госпоѓо Братиќ, не се согласувам со ова, ова и она, поради ова, ова и она’. Но, тоа не значи дека некој од оваа страна треба да ја навредува како жена“.

„Верувам дека сите форми на политичко насилство врз жените треба да бидат забранети и санкционирани.

Во случајот со Црна Гора, казната треба да биде построга, посочува таа, наведувајќи дека клеветата е декриминализирана.

„Иако тоа се европски стандарди, мислам дека не сме доволно зрели како општество и дека клеветата требаше да се остави во Кривичниот законик на Црна Гора, па ако некој утре плати голема казна или оди в затвор затоа што клевети, омаловажува и психички малтретира некого, да, треба да седи во Спуж (затворот Спуж), каде што му е местото, па добро ќе размисли пред да испрати некаква сексистичка порака“.

Основното обвинителство не одговори на прашањата на БИРН за статусот на случајот Братиќ, ниту дали е покренат случај во врска со злоупотреба или закани кон Вуксановиќ-Станковиќ.

Таквата злоупотреба „сè поприсутна“

Весна Братиќ Фото:gov.me

Експертите велат дека корените на таквата злоупотреба може да се најдат, делумно, во главно конзервативната, патријархална природа на црногорското општество и недостигот од родова еднаквост.

Уљаревиќ, кој се соочи со слична злоупотреба, ја наведе и истакнатата улога што ја игра Црквата и она што таа го нарече „естрадна религиозност“ во Црна Гора, која се обидува да ги ограничи жените на одредени родови улоги.

„Имавме валкани кампањи против граѓанското општество за време на претходните влади, а радикализацијата и екстремизмот на општеството создава клима во која е ‘нормално’ да се навредува жена кога не ви се допаѓа она за што таа се залага во јавноста“, рече Уљаревиќ за БИРН.

Потоа, тука се појавуваат социјалните мрежи, главното политичко бојно поле во Црна Гора.

„Социјалните мрежи особено придонесоа за ниското ниво на говорна јавна култура, во која жените се изложени на брутални навреди и обиди за понижување“, рече Уљаревиќ.

„Ваквите примери создаваат клима на заплашување, страв и несигурност и имаат тенденција да го легитимизираат насилството врз жените, што е неприфатливо во едно демократско општество“.

Според нејзините зборови „Ова се, исто така, форми на насилство врз жените, кои се случуваат пред нашите очи и со цел колективно да ги обесхрабрат да се вклучат во сферата на политичкото одлучување“.

Последицата е дека мора да се бориме повторно и повторно за одредени основни човекови права, особено за правата на жените.

Социологот Андрија Ѓукановиќ рече дека на ангажманот на жените во политиката секогаш се гледало негативно во Црна Гора, каде што, како што рече, многумина веруваат дека „политиката е за „луѓето“, а не за жените“. Но, вели тој, ситуацијата станува сѐ полоша.

„Погледнете само на што сѐ се изложени Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ или Далиборка Уљаревиќ поради нивните политички ставови“, рече Ѓукановиќ.

„Веднаш како аргумент се користи проверениот арсенал на сексистички изјави, кој е во согласност со јавното мислење и веќе воспоставените ставови на мнозинството.

„Ова е мизогинија“, тврди. „Мора да кажеме дека ваквото однесување денес е позастапено, барем во јавниот говор, отколку пред десет години, што не значи дека порано немало мизогински ставови. Меѓутоа, денес овој говор е сè поприсутен“.

На 11 јануари, Јован Маркус, 73-годишен историчар, политичар и член на Националната комисија на Црна Гора за УНЕСКО, се огласи на Твитер со вулгарна забелешка во врска со сликата на Вуксановиќ-Станковиќ.

Одговарајќи на критиките, Маркус за медиумите изјави дека, како пратеник, а не како заштитена „поларна мечка“, правилно е Вуксановиќ-Станковиќ да биде предмет на „јавна критика, како и јавна пофалба“. Неговиот твит не го содржеше, ниту едното, ниту другото, туку беше вулгарна забелешка од сексуална природа.

Вуксановиќ-Станковиќ, правник и професорка по право, изјави дека ги сожалува тие што стојат зад ваквата злоупотреба, за кои, како што рече, страдале од „комплекси“ вкоренети во нивното воспитување.

 „Според сите пресуди на Европскиот суд, јавните личности треба повеќе да страдаат. Не сум должна, но треба да издржам повеќе од другите граѓани и подготвена сум на тоа“, нагласи таа за БИРН.

На прашањето зошто не покрена тужба за ваквата злоупотреба, Вуксановиќ-Станковиќ одговори: „Мислам дека треба да го посветам своето време на семејството, на моите студенти, на моите политички активности, а не да го трошам на суд со психопати“.

Zeljka Vucinic