Додека тикерите на светските агенции пласираа вести од Париз, градот каде што беа масакрирани дванаесет луѓе, низ катодните цевки на македонските телевизии течеа сарми, риби, гурабии и посланија, а круна на „истражувачкото новинарство“ беше решавањето на една од најголемите енигми на денешницата, од која зависи иднината на земјата: Кај кого паднала паричката во бадниковото лепче на македонските политичари!?
Македонското новинарство (со чест на ретки исклучоци) ја преспа веста за убиството на новинарите во Париз. А и кога конечно ја „откри“, ја пласираше во чудни минутажи. Разбирливо. Беше Божик. Вест број еден беше дека Христос се роди. Веста број два не беше соопштена, ама, автоматски се подразбираше – тешко дека македонското новинарството некогаш ќе воскресне од пепелта.
Додека тикерите на светските агенции не престануваа да пласираат вести од Париз, градот каде што беа масакрирани дванаесет луѓе, низ катодните цевки на македонските телевизии течеа сарми, риби, гурабии и посланија, а круна на „истражувачкото новинарство“ беше решавањето на една од најголемите енигми на денешницата, од која зависи иднината на земјата: Кај кого паднала паричката во бадниковото лепче на македонските политичари!?
Ете, тоа беше врвот на информативната острица на нашето новинарство, претставена во сета раскош на самодоволната дневна клерикализација, паланечки менталитет и вртење во локалната орбита. За таква непрофесионалност не може да биде оправдување ни автократска, ни диктаторска власт.
Единствен што тој ден го обели образот, беше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Другите се разбудија дури наредниот ден. И по една неподнослива леснотија на инертноста, не само на медиумите туку на севкупната јавност, сега и новинари и политичари порачуваат: „Јас сум Шарли“. Навистина? Според што? Според гласноста на медиумите, објективноста, според дозволеноста на сатирата во македонското општество, според почитувањето на различноста, демократските стандарди, принципи…?
Општествена реакција е искрена и спонтана кога е резултат на секојдневни напори во спречување на чинови исти или слични како оној што ја крена на нозе светската заедница. Но, кога сериозни настани се тривијализираат за фаќање локален приклучок за чекор со светот, зад кој каскаме во секаква смисла, тоа е налик на карикатура, што „достојно“ се изборила за место на насловната страница на „Шарли ебдо“.
Да не бидам погрешно разбрана. Ги поддржувам колегите во протестот „Јас сум Шарли“. Но, мора да се каже многу повеќе од тоа. Ние сме „Шарли“ во сочувството, но не и во суштината на професионалното постапување. Ние сме мртви многу поодамна и од многу поинакви причини. „Убиени“ од сопствениот куршум. Ако карикатуристката, Корина Реј, под закана на вооружени терористи морала да ја отвори вратата на просториите на магазинот, ние сами ја отворивме вратата за различни видови упади. Така станавме карикатура, нискотиражна, отворена 24/7, па сега секоја власт може на неа да црта и доцртува нешто по сопствена желба.
Од тој аспект, преамбициозно е да се идентификуваме со новинарите на „Шарли“, автономен магазин кој слободата на својата сатира не ја дал под политичка концесија, дури и пред заканата од банкрот. Ова не го велам за да ја релативизирам вината на властите за контролата врз медиумите туку за точно да ја поставиме дијагнозата. Без тоа нема да го најдеме лекот. Се дотогаш нема да бидеме целосно „Шарли“ туку повеќе „Чарли“, еден чаплиновски приказ на нашата немоќ да ги демаскираме „големите диктатори“, бидејќи отсуствува намерата да ја признаеме и сопствената вина во нивното востоличување.
Притоа, не сакам да навлегувам во прашањето колку од луѓето воопшто знаеја за „Шарли ебдо“ пред масакрот во Париз. Претпоставувам, исто колку и еден наш политичар, кој пред неколку години, сакајќи да докаже дека и во старите демократии има медиумски неслободи, како аргумент го посочил името на славниот француски сатирично-истражувачки неделник Le Canard Enchaîné (Окованата патка/патор).
„Ако новинарите чувствувале медиумска слобода, веројатно весникот ќе го нарекле ‘ослободената патка’, а не ‘окованата’“, поентирал нашиот политичар.
Соговорниците останале без збор. Им било непријатно да го демантираат неговото блажено незнаење, допрва објаснувајќи му го она што го знае целиот свет, во кој, за жал, не сме ние: „Окована патка“ значи испорака само на проверени и вистинити информации, односно дека во весникот нема да има „новинарски патки“, што е познат жаргонски израз за непроверени или лажни информации. Токму во име на вистината, „патката“ треба да биде окована, а не ослободена. Но, кој да разбере!
Она што е уште поважно во овој момент, е да се запре спиралата на колективизирање на виновникот. Во таа насока, водечките американски медиуми одбија да ги (ре)објават карикатурите на муслиманскиот пророк Мухамед по убиствата во Париз. New York Times, Wall Street Journal, Reuters i Associated Press, повикувајќи се на Кодексот и на уредничките принципи, оценија дека и опишувањето на карикатурата е доволно информативно за читателите. Уредникот на Philadelphia Inquirer за Reuters изјави: „Нема околности кои ќе нѐ натераат да ги објавиме карикатурите. Не е тешко да одлучите дали ќе ги објавите карикатурите и ќе навредите десетици милиони муслимани, или ќе ги опишете само со зборови“.
Одличен потег. Овде не станува збор за цензура, ниту за автоцензура туку за свест и за исклучителна професионалност. Ако карикатурата била повод за неколку болни умови да извршат терористички чин, зошто милиони мирољубиви мислимани на кои не им пречи слободата на изразување да бидат сведоци на нејзино постојано реобјавување, небаре пророкот е мотиватор на дело извршено од цел религиски колектив. Во таа смисла, ако во сочувството сме сите и Французи и „Шарли“, во професионалните постапки добро е да го следиме овој пример. Македонија е мултиетничко и мултиконфесионално општество и мора да ги постави темелите на овие важни лекции. Ничиј живот и медиумска слобода не смеат да биде загрозени во име на Бога, ниту нечиј Бог да биде исмеван на патот до таа слобода.