Паралелни светови

Колумна на Сашо Кокаланов

Ако сè уште имате некакви илузии за модерната демократија, изгледајте го задолжително „Брегзит“ на Тоби Хајнс и Џејмс Грeам. Овој филм, со телевизиски веризам, речиси документаристички, без многу метафори, потпрен комплетно на вистински собитија од британскиот референдум за излегување од ЕУ, брутално ќе ве соочи со сите ваши илузии.

Приказната за Брегзит ни покажува, всушност, дека традиционалната демократија и модерните гласања се два паралелни света. Ние гласачите, оние во изборните табори, кандидатите од листите, сите ние сме Потемкиново село, маската наречена изборен процес, а вистинските резултати се добиваат зад сцената, каде што се одвива жестока битка на компјутерски алгоритми.

Додека повеќето од нас веројатно сè уште веруваме дека изборите се, како што тоа впрочем го сугерира и самиот збор, некаков избор помеѓу идеи, програми, концепти и слично, тие се веќе сосема сведени на успешно менаџирање со бази на податоци.

Баш онака како што Амазон знае која книга да ви ја понуди следна за купување врз база на податоците што ги има за вас. Или како што вашиот кинески пријател Али баба знае какво гаџетче или предметче да ви пласира кога и да ги отворите вашите компјутери или мобилни телефони. Така се обработуваат и вашите политички ставови и однесувања.  

Сите ние, единиците во гласачкото тело, влегуваме во алгоритмите со сите наши навики, со целата наша историја, здравствена, кредитно-доверителска, куповна, желбовна и слично, со сите наши трагови оставени на интернет. Тоа овозможува да бидеме мета на маркетиншки напад конструиран за секој од нас посебно. Нè гаѓаат во мозок што се вели. Не, не во мозок, ами точно во центарот за носење политички одлуки.

Филмот ги следи заднинските луѓе, „мастермајндите“ на двете кампањи, особено Доминик Камингс (брилијантно го игра Бенедикт Камбербач), мозокот на „Leave EU“ тимот. Пресвртната точка во референдумската кампања е моментот кога Камингс прави дил со не многу позната аналитичка компанија, која се занимава со обработка на бази на податоци и која му обезбедува базен од три милиони гласачи кои се надвор од процесот, заборавени и разочарани од сите партии.

Оваа база, ќе се покаже потоа, е јазичето на вагата што ќе ја прави разликата на референдумот. Очекувано, „Брегзит“ предизвика поголем земјотрес кај политичката, отколку кај филмската јавност. Тоа била, очигледно, и целта на неговите автори. Тотална демистификација на изборниот процес!

Ние гласачите, оние во изборните табори, кандидатите од листите, сите ние сме Потемкиново село, маската наречена изборен процес, а вистинските резултати се добиваат зад сцената, каде што се одвива жестока битка на компјутерски алгоритми

Во една моќна и впечатлива сцена од филмот, за време на теренските средби со граѓаните, една средовечна жена, жесток поборник за излегување од ЕУ на Велика Британија му приоѓа на градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон, гласните лидери на кампањата за излегување од Унијата, го фаќа за ракавот и со восхит му честита дека го кажува тоа што сите го мислат.

Борис се чувствува како рок-ѕвезда, презадоволен од одѕивот и од енергијата на масите, ѝ се заблагодарува, но таа не запира тука, го држи за ракавот, не му дозволува да се качи во автобусот на кампањата. Му го вели следново:

„Седумдесет милиони Турци доаѓаат наваму! Тоа е страшно!“

Настанува краток молк, Борис размислува брзо и ѝ објаснува: „Добро… Не знаеме точно колку и кога, но…“

„Ама како не знаете, така пишува во вашиот флаер! Еве видете.“

Жената од чантата вади некаков испечатен лист хартија и му го покажува. Непријатна ситуација. Незгодно им е и на други луѓе од толпата и на лидерите про-Брегзит. Борис, пак, јадејќи го туѓ срам, што се вели, со половина уста ѝ објаснува дека тоа е, всушност, целата популација на Турција.

Борис не е ниту свесен какви сè пораки, банери, флаери, мемиња, линкови, вести, лажни вести итн… испраќа компјутерот до потенцијалните гласачи. Но, алгоритамот е совршен. Тој точно го знае коефициентот на интелигенција на секој од нас и знае дека кој ќе поверува дека 70 милиони Турци се тргнати да емигрираат во Велика Британија, а кому му требаат малку пософистицирани аргументи.

Изборите ја губат традиционалната смисла на натпревар, и сега повеќе личат на хакерски напад, и тоа не на институциите и на системот, туку на поединецот и на неговиот несовршен процесор за политичко расудување

Овој случај, кејсот „Кембриџ аналитика“, руското мешање во американските избори со лажни вести итн… сето тоа оди во прилог на тезата дека изборите ја губат традиционалната смисла на натпревар, и сега повеќе личат на хакерски напад, и тоа не на институциите и на системот, туку на поединецот и на неговиот несовршен процесор за политичко расудување.

Но, тоа што не може да го заврши таканаречениот „machine learning“ (на нашки ќе го сретнете и како вештачка интелигенција) е да ги исчисти гомнениците во општеството предизвикани од победите на погрешните избори. Ако ги следевте случувањата во Долниот дом на британскиот парламент јасно ви е што ви зборувам.

Поранешниот конзервативен премиер Дејвид Камерон, кој се залагаше за останување во ЕУ, веднаш по референдумот си замина, а во неговата фотелја седна актуелната премиерка Тереза Меј, гласен поборник за Брегзит кај конзервативците. Меј, откако се соочи со фактот дека Брегзит не е игра што само треба да се добие, туку реална импликација на животот на оваа и на идните генерации Британци, седна да преговара договор за што побезболна дезинтеграција.

Договорот вчера изгуби со повеќе од двојно гласови против (202 за, 432 против). Во парламентот, сепак, не гласаа средовечни женички што мислат дека 70 милиони Турци се тргнати накај Лондон за да им ја земат работата на домородците.

Меј изгуби и од евроскептиците зашто Северна Ирска ќе остане во ЕУ, а Велика Британија ќе излезе, а изгуби и од проевропејците, кои сега притискаат за нов референдум.

И сега што? Нов референдум е едно од сценаријата, но со слаби изгледи да се случи. Другите три сценарија се: одложување на Брегзит, нови преговори со Брисел за нов договор, или напуштање на ЕУ без никаков договор. Аналитичарите не може да се согласат кое од овие три сценарија е полошо, а сите се согласни дека ниту едно од нив не е добро за Британија и за нејзините граѓани.

Во меѓувреме, Доминик Камингс си се занимава исклучиво со „machine learning“ и со аналитика. Тој си ја заврши својата работа. Има супер си-ви за нови тезги и да создава победнички кампањи насекаде низ светов. Тој, се разбира, не е виновен што така функционира модерната демократија.

Следејќи ги случувањата околу Брегзит, на човек му доаѓа да се израдува дека Македонија е во голема предност пред Британија, САД и другите несреќни напредни земји на светот. Нашата предност секако е во тоа што доцниме половина век.

Но, и ние имавме референдум и едно чудо избори, кои, рака на срце, покажаа дека немаме многу простор за радост – нашите глави се природно хакнати, а центрите за политичко расудување ни се трајно изместени и без да нè обработуваат разни аналитички алгоритми.

Затоа спокојно, што е наше – ќе си дојде, што не е – ќе си пројде.