Во време кога ситуацијата е доведена до апсурд, кога сите главни медиуми се под контрола на власта, наместо најгласно да ја проблематизира таквата ситуација, опозицијата е пред опасноста таквата состојба целосно да ја легализира, само затоа што има шанса да добие – погодете што? ТВ-каналче!
Првиот канал на МРТВ за власта, вториот за опозицијата, а третиот за заедниците. Ова наводно било едно од решенијата во предлог-пакетот што требало да ја убеди опозицијата да се врати во Собранието. Ова го обелоденил претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, на дебата за состојбите во јавниот радиодифузен сервис, организирана од Центарот за медиуми. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се огласи со демант во кој се пресметува со Селмани, а не кажува ништо за суштината на прашањето, имам професионална и граѓанска должност да го кажам својот став.
Немам информации дали Груевски го понудил ова, или Заев сам го побарал, но без оглед кој е „понудувач“, а кој „купувач“ за ваков скандалозен предлог има само еден одговор: No pasaran! На вакво решение не смее ни да се помисли, а камоли да се спроведе.
Опозицијата и власта нека си преговараат за сѐ што едни кон други можат или сакаат да испорачаат во политички преговори, но јавниот радиодифузен сервис не е ексклузивно во нивни посед и не смее да биде предмет на никакво пазарење.
Знам, веднаш ќе прашате: Може ли да се каже дека МРТВ не е во партиски посед? Да,тој целосно функционира како партиски сервис на владејачката партија, но ако едно општество се стреми да биде демократско, негова цел треба да биде тој дефект да се исклучи од општествената практика, а не да се мултиплицира. Ако МРТВ со години не функционира како јавен сервис, со дополнителна партиска поделба на каналите засекогаш ќе ја испуштиме можноста еден ден да го изградиме како таков.
Јас ја разбирам маката на опозицијата. Со бојкотот на парламентот останаа без собраниската говорница, а највлијателните медиуми кои се под контрола на власта не само што ги игнорираат нивните ставови, туку под команда на Главниот уредник од „Илинденска“ број 2 оркестрирано ги масакрираат. Опозициските ставови и соопштенија ја гледаат светлината на денот само на десетина портали. И одеднаш шансата да се добие вториот канал на МРТВ им се гледа како формула за спас: ДПМНЕ има еден куп медиумски прозорци, зошто опозицијата да нема барем еден?
Затоа што тоа е навидум некаква партиска добивка на краток рок, а катастрофална загуба за општеството на долг рок. Додека опозиција бара или ѝ нудат некое пенџерче кон јавноста, некое „шесто сетило“ или „трето уво“ ми кажува дека власта е во преговори за купување една телевизија со национална концесија.
Значи, во време кога ситуацијата е доведена до апсурд, кога сите главни медиуми се под контрола на власта, а и оние што не се – наскоро ќе бидат, наместо најгласно да ја проблематизира таквата ситуација, опозицијата е пред опасноста таквата состојба целосно да ја легализира, да ја прогласи за нормална, само затоа што има шанса да добие – погодете што? ТВ- каналче! И што со него? Ќе вработи лица, кои ќе имаат задача пропагандата на државните службеници од првиот канал, да ја демантираат на вториот. Игра на мачка и глушец. Дури сум склона да верувам дека Груевски би им ја „дал“ топтан целата МРТВ, само за да ги изведе на бришан простор – да покажат колку навистина имаат искрена волја да ја трансформираат, а колку да ја инструментализираат за свои потреби.
Од опозиција која претендира да се прикаже како искрено и сериозно загрижена за назадувањето на демократските процеси во земјава, за што најмногу придонесе партиската злоупотреба на медиумите, наметнувајќи искривоколчени стандарди, очекував барем еден потег: Да изработи сериозен концепт со кој онаа девастирана куќа покрај Вардар ќе ја врати на изворните и законски определени позиции.
Во тој концепт требаше да понудат решенија кои ќе гарантираат целосно дезинфекција и дератизација во функционирањето на јавниот сервис од какви било политички влијанија и притисоци, обезбедувајќи стручен и граѓански пристап за начинот на избор и за составот на управните, надзорните органи, како и на персоналното раководство на куќата.
Доволно ќе беше за сите овие години да го изработат само тоа и да инсистираат на негово спроведување, а јавноста во практика ќе можеше да се увери колкави се општествените придобивки во сите сфери од еден целосно департизиран и деполитизиран јавен сервис.
Но, отсуството на таков концепт укажува на два поразителни факта: или не постои искрена волја за такво нешто или и опозицијата кога зборува за слобода на медиуми мисли на слобода која е мерлива според нејзиниот партиски аршин. Со други зборови, ако битката не е за слободата на медиумите, туку за контрола врз медиумите, ако суштината е да се биде калиф наместо калифот, тогаш за што разговараме?
Јас таква медиумска слобода поделена по канали и партиски стратифицирана – не признавам. Кој сака нека ја користи интравенозно, нека ја продава во мали и големи партиски дози, ама нека не се обидува да ни ја прикаже како слобода или принцип, бидејќи од таквото „прозорче“ нема да се произведе ништо добро, освен нов провев.
Што да очекувам сега? Да видам второканалски работници облечени во партиски дресови за да не се измешаат се првоканалците, со оглед дека голем дел од нив веќе прошетаа во разни тимови? Не е лошо камерманите, монтажерите, продуцентите да ги обележат на ист начин. За да има „разлика“.
Можеби некој верува дека ќе успее сите мултимедијално да ги идиотизира и интердисциплинарно да ги партизира преку двоканално исфрлање на партиски плотуни низ катодните цевки, но резултатот од тоа ќе биде само мултиплицирање на поларизациите и поделбите.
Сѐ ќе се сведе на еден непрекинат директен пренос од долгата, исцрпувачка и беспоштедна битка за посакуваната преселба од вториот на првиот канал. Патот од сребрениот до златниот медал. Јавноста, пак, со години попусто чекаше да се случи нешто друго – јавниот сервис на сите три канали да ги алиментира информативните очекувања на сите граѓани, без оглед на нивната политичка, верска или етничка припадност. Но, ако оние кои треба да ги сервисираат таквите барања и да ја спроведат таа еманципаторска пратика не покажуваат дека се на иста фреквенција со тие очекувања, би било чесно тоа јавно да го соопштат.
Потоа нека повелат – едните нека го дадат каналот, вторите нека го примат. Едно е сигурно – лентата што ќе ја пресечат, ќе им биде само уште еден свилен гајтан.