Патриоти што ја мразат својата земја

Колумна на Ирена Цветковиќ

Политичките парадокси се темелот врз кој почиваат многу мали и фрагментирани демократии, но Македонија одамна функционира како целосна енциклопедија на политички апсурди. Тука се колнеме во државата, додека ја изигруваме нејзината суштина. Градиме култ кон патриотизмот, а живееме во секојдневие исполнето со отуѓување и цинизам.

Парадоксот што најсилно ѝ тежи на Македонија е оној на „патриотите“ што ја презираат сопствената земја, оние што ја крадат, ја пустошат, го експлоатираат нејзиниот народ или ја третираат исклучиво како алатка за лична корист, а не како заеднички дом што бара грижа. Парадоксално, токму тие што најгласно се колнат во Македонија, најмалку ѝ служат. Во срцевината на нивниот патос не лежи љубовта кон заедничкото, туку гладот за личен профит и добробит.

И токму тоа е нашиот најдлабок политички парадокс и проблем, токму оваа држава преплавена со самопрогласени патриоти, а во хроничен дефицит на инвестиции во колективното добро. Македонија, земја полна со патриоти што ја мразат сопствената држава. Земја во која, во ист викенд, на една страна имате скршени луѓе што протестираат поради една од најголемите трагедии што сме ја доживеале, а на друга премиер што беседи на конференциска сцена под слоганот „Ерата на патриотите.“ Ако ова е таа ера, тогаш не е тешко да разбереме зошто ни е ваква државата.

Македонија одамна функционира како целосна енциклопедија на политички апсурди. Тука се колнеме во државата, додека ја изигруваме нејзината суштина

Додека дома, низ улиците, чаршиите и медиумите одекнува очајниот крик на семејствата на загинатите во Кочани, додека јавните простори се претворија во агори на длабок колективен очај и разочараност, додека најголемиот дел од нас споделуваме едно претешко чувство на напуштеност од системот и изневерени очекувања, Христијан Мицкоски гордо и патриотски се појавува како главен говорник на сесијата „Бог, татковина, семејство“ на конференцијата на десничарските партии во Будимпешта, рамо до рамо со својот омилен европски автократ Виктор Орбан.

Каков парадокс! За кој Бог, која татковина и кои семејства говори Христијан, додека сопствената земја тоне во тага, гнев и во безнадежност? Како изгледа љубовта кон татковината од Будимпешта, кога во Кочани уште мириса на чад и неправда?

Дури и низ призмата на политичката теорија, со сигурност може да се каже дека јавното тагување низ улиците на Кочани претставува автентичен политички чин, за разлика од манифестациите на тимот околу CPAC (Конференцијата на конзервативната политичка акција), кои, и покрај својот декларативен патос, се суштински неполитички. Во тој контекст, јавното оплакување станува чин на отпор, еден вид јавно колективно одбивање да се нормализира смртта предизвикана од системска небрежност.

Соочени со државното молчење, негирање или технократско „раководење“ со трагедијата, луѓето што тагуваат во јавност, всушност, го бараат изгубениот јазик на одговорноста. Оплакувањето денес останува единствената политичка интервенција што инсистира дека овие смртни случаи не се обични несреќи, туку резултат на поширок политички и општествен распад. Тагата се трансформира во видливост, а видливоста во бавен, афективен повик за одговорност. Сепак, повик што останува игнориран.

За разлика од овие гестови на грижа и правда, настапите на премиерот и неговите истомисленици изгледаат како скапа, сценски дотерана верзија на розовата телевизија на Жељко Митровиќ. Додека реалноста е претежно црна, нашите политичари се однесуваат како естрадни ѕвезди на сцена полна со спектакли, далеку од тагата, уште подалеку од вистинскиот патриотизам.

Патриотизмот не е интонирање химна, веење знамиња (особено недржавни) и еуфорично кревање три прста пред камери. Тоа е фолклор, естрадна глума, во која често се губи суштината. Патриотизмот не е ни сентиментална вљубеност во „таа библиска земја“, туку зрел однос кон заедничкото, еден зрел емоционален и рационален однос кон заедничкиот простор, институциите, ресурсите и луѓето.

Патриотизмот е зрел однос кон заедничкото, еден зрел емоционален и рационален однос кон заедничкиот простор, институциите, ресурсите и луѓето

Да се биде патриот, не значи да се вика „Македонија“ на фудбалски натпревар, туку да се вложува труд, грижа и одговорност во тоа Македонија да биде подобро место за живеење. Да се сака својата земја, значи да се штитат нејзините луѓе, сите луѓе, и кога не се наши, да се почитуваат правилата дури и тогаш кога не ни одат во прилог, да се градат и одржуваат институциите што не нѐ фаворизираат.

Со други зборови, не е патриотизам тоа што се интонира химната во училиште ако во истото училиште поставуваш за директорка наставничка што тепала ученик, како што е случајот во Битола. Тоа не е љубов кон татковината. Тоа е омраза обвиена во знаме.

Парадоксално, токму оние што постојано ги нарекувате предавници, новинарите што поставуваат незгодни прашања, активистите што не се помируваат со систем што затајува, интелектуалците што одбиваат да молчат се луѓето, кои, без голема драма, помпа и без знамиња и крстови околу вратот, секојдневно се обидуваат да ја држат оваа земја во некаква функционалност.

Тоа е она малцинство што не се колне ни во крст, ни во кандило, не ламентира патетично за некакви многудетни семејства, корења и традиции, туку се обидува да создаде простор што ќе биде поправеден, побезбеден и подостапен за сите. По сѐ изгледа, „предавниците“ се единствените патриоти на Македонија.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија