Од сезонските теми за ова време од годината, ги издвојуваме: новогодишното китење на главниот град, загадувањето на воздухот и – петардите.
Освен завидното ниво на сеирџиство околу чудната елка на централниот градски плоштад, годинава се чини дека и загадениот воздух, а особено петардите, како да го заобиколи традиционалното внимание на јавноста за овој период. За Скопје, релативно кусите периоди на магла и променливото сончево и дождливо време ја потиснаа важната тема на загадувањето на маргините на медиумскиот простор.
Тоа, се разбира, не значи дека и овој проблем нема да „пламне“ по нашите медиуми. Доволни се само два-три дена магла, па буквално да го почувствуваме воздухот што го вдишуваме.
А сезоната на петардите како уште да не е почната. Што не значи дека нема да почне. Токму заедно со скопските магли.
Чудното задоволство од петарди
Социо-психолошкиот феномен на петардите, задоволството од непријатниот звук и стравот што тие го предизвикуваат, секогаш се движеле во зоната на мојот интерес.
Токму онака како што кривата елка е симбол на „искривената“ метропола, на истиот начин, петардите се симбол на македонското херојство.
Уште од времето кога бев дете, пред нешто повеќе од половина век, главна финта на скопските „фраери“ беше на корзото да фрлат што посилна петарда. По можност под здолништето на некоја девојка, а како можни цели беа таргетирани и повозрасните минувачи.
Ритуалот оди вака: петардата ќе пукне, девојката ќе се исплаши, ќе подрипне, а често и ќе врисне. Сеирџиите на глас и нападно ќе се смеат и исмеваат, а „херојот“ што ја фрлил петардата, ќе ја поткрене главата, ќе свирка и ќе се врти лево-десно со јасен говор на телото преку кого се чита: „Кој беше? Не бев јас“. Во некои случаи, „сторителот“ едноставно ќе избега, односно ќе се изгуби во толпата. Некогаш ќе ја фрли петардата од пристојна и безбедна оддалеченост, често од прозорец или балкон на некоја зграда што ќе му обезбеди додатна сигурност од евентуалните прекори и непријатности. И така, стотина пати дневно.
Не сакам да изигрувам некаква морална вертикала, ама никогаш, ни тогаш кога бев дете, а сега уште помалку, не можев да разберам кое е тоа задоволство да исплашиш некое дете, девојка или изнемоштен минувач. Наједноставното образложение ми беше дека станува збор за – инфантилизам и длабоко нарушување на социјалната личност.
Главниот проблем не е во тоа што ваквата социјална неприлагоденост ја покажуваат беспризорните адолесценти, туку што тоа е „сериозна“ забава и за многу реализирани луѓе во зрели години.
Пред многу години, некаде пред крајот на минатиот милениум, отидовме со моите колеги во една кафеана, каде што бевме чести гости, да го обележиме крајот на годината. Во истата кафеана, чести гости беа полицајци и службеници на МВР. И тие, како и ние, дојдоа да ја испратат годината како што доликува.
Во еден момент, во веселата атмосфера, од „полициската“ маса почнаа да пукаат петарди. Се побунивме и кај келнерот и кај пријателите од полицијата, затоа што нам не ни беше до таков тип „веселба“, туку сакавме на мир да разговараме и да ги испиеме своите пијалаци. Како одговор на нашите приговори, петардите почнаа да летаат кон нас.
Во тој момент, малку погласно, веројатно и нервозно, почнав да протестирам. На тоа, до нашата маса дојде еден од полицајците и ни остави двоцифрен број петарди. „Да бидеме рамноправни“, рече. Ние останавме збунети, а тие весело продолжија да нѐ „петардираат“, очекувајќи дека ќе го прифатиме нивниот предизвик и ќе се играме „каубојци и индијанци“.
Пред неколку години, еден мој пријател, токму околу новогодишните и божикните празници ме вика на гости, и во прилог на поканата, ми кажува дека набавил 200 петарди и дека ќе ги испукаме таа вечер. Моето едноставно прашање „Зошто?“ не беше реторичко и се однесуваше, не само на тоа зошто треба да пукаме петарди, туку и на тоа зошто воопшто набавил петарди. Одговорот на пријателот беше уште поедноставен: „Затоа што така се прави новогодишна атмосфера“. Треба ли да кажам дека мојот пријател, на времето перспективен економист, е високо позициониран и почитуван чиновник во една од поголемите македонски фирми.
Да бидам искрен, овој одговор објаснува многу работи. На пример, оној чуден обичај да се пука од сите видови оружје на свадби, родендени и останати веселби. Ете, тоа создавало атмосфера.
Растев во „воен резерват“, односно во населбата Аеродром во Скопје, населена претежно со воени лица. Не знам дали беше пишано или непишано правило, ама се знаеше дека кога игра југословенската репрезентација (без оглед во кој спорт), треба да се седи подалеку од прозорците и по можност на под. Едноставно, многумина од моите соседи својата радост ја искажуваа со рафали од огнено оружје и најчесто со боева муниција. Ете, така се радуваа и правеа атмосфера!
Испуштање воздух
Петардата, овој симбол на македонската храброст и македонската веселба, е измислена во Кина (а каде на друго место?), а во Европа, поточно во Италија, ја донел Марко Поло (а кој друг?). Италијанците, се разбира, први во Европа почнуваат масовно да ја произведуваат. На почетокот, во форма на мали бомби што служеле за насилно пробивање капии на утврдувања, а подоцна и за забава за широките народни маси.
Но, она што мене ми е интересно, е самото значење на зборот „петарда“. Според етимолошките речници, петарда доаѓа од старофранцускиот збор petard, односно од латинскиот peditum, што би се превело како испуштање ветер или испуштен ветер, односно гас. И тоа е токму тоа – испуштен воздух. Симболот на македонската храброст. Само што вообичаено човекот користи други делови од телото за тие потреби, а не петардата в рака.
Нема тука да предупредувам за штетните последици што ги оставаат петардите врз психичкото и физичкото здравје на луѓето, но и на животните и домашните миленичиња. Има стручни лица што предупредуваат и ќе предупредуваат какви последици предизвикува самиот звук на петардите кај бебињата и кај дечињата и луѓето со пречки во развојот. Нема да зборувам за бројните повреди, главно на рацете, но и на другите делови од телото. Ниту ќе зборувам како го загадуваат веќе загадениот воздух.
Она што со сигурност го знам, дека на оној што фрла петарди, ако таа веќе не му пукнала уште во раката, веќе одамна му пукнала во главата.
И следниот пат кога ќе дофатите петарда в рака, треба да знаете дека не правите ништо друго туку – испуштате воздух. А тоа не е ниту херојство, ниту среќа. Тоа е само непријатност за околината и за вас лично. Или така би требало да биде.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија