Подемот на албанското граѓанство

Колумна на Назим Рашиди

Сето внимание е насочено кон резултатите по вториот круг на локалните избори, седми од независноста на Северна Македонија. И секако дека тие се фасцинантни. СДСМ е големиот губитник, Зоран Заев даде оставка од премиерската и од лидерската функција вртејќи сосема нова страница во политичките случувања, па како таквиот резултат да не биде фасцинантен?
Сепак, резултатите на овие избори покажаа и многу повеќе од тоа, особено во албанскиот блок.

Ако ги прашате, сите се среќни, кој поголем, кој помал победник, сите сметаат дека имаат право да слават. Но, најголемиот победа ја однесоа гласачите, можеби не секаде, но секако во Тетово.

Освен на Скопје, целиот фокус на овие локални избори беше токму таму. Малкумина се осмелуваа да го предвидат победникот, иако можеше да се насети расположението за промена. Но, тоа не беше доволно за прогноза, затоа што во минатото власта тоа навестување на желбата за промена знаеше да го претвори во нивна победа.  

Овојпат, најавите беа дека електоратот е поинаков, не знам дали позрел, но дефинитивно се покажа како покритичен кога за советот на Општина Тетово, граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ доби 2.842 гласа и двајца советници. Тие добија  речиси 1.000 гласа помалку од најсилната опозициска коалиција  меѓу Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои добија само 3.912 гласа.

Да бидеме јасни, ова иницијатива немаше ниту буџет, ниту раскошна кампања, ниту медиумско присуство како за големите партии. Имаше нешто друго: млади, силни индивидуалци, професионалци и високо образовани луѓе со интегритет, нешто што јавноста веќе подолго време го бара. Токму затоа нивниот успех е индикативен бидејќи тие 3.000 гласа навестуваат дека електоратот веќе не е типичен или, како што некои лидери  мислат – него не го сочинуваат роботи што ќе гласаат онака како што ќе им се нареди. 

Многубројни се причините како дојдовме до овој момент. Важни се еманципацијата, образованието, женскиот глас, самиот процес на демократизација на општеството, но особено критичкиот наратив што доминираше во Тетово против Теута Арифи. Таа и нејзината партија можеби и не беа свесни за тоа, но голем е бројот на оние граѓани што долго време критикуваа за сето она што не беше направено или требаше да се направи.

Секако дека сето ова не беше доволно доминантно да го смени целото општество, се работи за никулци на демократијата, но доволни да се постават како лидери на промената. Не знам како ќе се однесуваат овие двајца советници на граѓанската иницијатива, но нивниот импакт уште на самиот старт е очигледен. Ги „натераа“ партиите, особено ДУИ, да имаат поквалитетни кадри за советници, но не и кандидати за градоначалници.

 Дебатите и јавните настапи имаа улога во изборот

А кога сме веќе кај кандидатите, граѓанската иницијатива немаше свој независен кандидат, а партиите не успеаја да го насетат новото расположение  кај гласачите, па иако се погрижија да има поквалитетно присуство на советници, не можеа да се решат тоа да го направат и за кандидатите за  градоначалници.

Теута Арифи, која беше под постојана критика и поради фактот што беше на власт, но и инаку не успеа да се истакне. Кандидатот на АА и Алтернатива, Вулнет Мурсели, пред кандидатурата беше тотално анонимен. Тој, како и некои други кандидати на опозицијата, како Идри Истрефи во Струга, во ниту еден момент не беа препознаени како опозиција или критичари на локалната власт.

Тука се работи за типични примери како се одбираат кандидати без претходна анализа, кои за време на кампања не можат да се истакнат.

Овие избори се специфични и по тоа што дебатите и јавните настапи имаа влијание. Според извори од ДУИ, на почетокот нивните анкети покажуваа дека главниот ривал ќе им биде кандидатот на Алијанса на Албанците, но се покажа дека на дебатите, вниманието го презема Биљал Касами. Па така, од своевиден „аутсајдер“,  тој се наметна како опција што може да ја урне „железната леди“, како што Арифи ја нарекуваа сопартијците.

Се разбира, и тука најважен е самиот гласач, кој веќе покажа дека е непослушен, а особено непослушен кон партијата. Слично се случи и во Гостивар, каде што Невзат Бејта, иако имаше помош од сите страни, не успеа ни да го предизвика Арбен Таравари, иако ДУИ во советот има добар контингент на гласови. Ако се одеше по логиката дека партијата е сѐ, па кога ќе нареди, гласачите без размислување гласаат, овие резултати покажуваат дека тоа е веќе минато.

Ова е време кога е разбудена, или се буди албанска средна класа. Таа што со години веќе е во администрацијата, која, иако првично била врзана со партиите, сега има свои интереси, а секако тука е и младата сѐ поедуцирана популација, на кои модели на живот не им се старите идеи и лидери.

Во овој контекст многу битен беше и гласот на жените.

Женскиот глас веќе не е лесен за добивање

Кога пред првиот круг избори беше нејасно, кога сѐ уште имаше неизвесност што ќе се случи со Скопје, претставници на ВМРО-ДПМНЕ, блиски до кампањата на Данела Арсовска, изјавуваа дека нејзината победа кај албанскиот електорат ќе зависи од гласањето на жените.

Колку и да е чудна или несфатлива ова изјава, само ако ја гледавте кампањата на албанските партии, ќе забележавте дека речиси секој кандидат за градоначалник од албанските партии беше опкружен од жени, кандидатки за советници, а некои од нив беа и  носителки на листи.

Сите урбани, професионални, модерни, кои, исто така, ги адресираа потребите на електоратот, каде што женскиот глас веќе не е толку лесен за освојување.

Ако пред неколку години, кога се појави Беса, и која наметна еден поконзервативен наратив со елементи на кокетирање со религијата и политичкиот ислам, па во кампањата се појавуваа и жени со шамија, сега овој елемент не беше присутен, дури ни кај Беса или Алтернатива, кои ја имаат оваа религиозна нишка. Причината е едноставна, визијата на електоратот, во кој доминираат млади или административци, е различна и многу попрогресивна.

Самата Беса, која претходно беше во коалиција со СДСМ, не може веќе да се враќа на конзервативен наратив. Алтернатива, пак, е во сенка на Алијансата на Албанците, која како понационалистичка, самата по себе не може да присвои религиозен дискурс, бидејќи во целата албанска преродба, на која се потпира албанскиот национал-романтизам, нема ни „р“ од религија, па затоа сѐ се сведе на потребите граѓаните.

А потребите на граѓаните веќе не се „етноромантични“, па поради тоа, кампањите го таргетираат гласот на жените, загадувањето, сметот, екологијата, вработувањето, културата итн. Овие избори во албанскиот кампус можеби се најполитичките досега, бидејќи речиси како никогаш досега во дебатата доминираа секојдневните потреби, а не етничките права.

Крај за етничките теми

Периодот по смената на власта на Никола Груевски, како и протестите во кои граѓаните се обединија против тоа владеење, но и Охридскиот рамковен договор, со кој реално се зголеми албанското присуство во институциите и јавниот живот, придонесоа да видиме реални дебати, а не исклучиво етнички обоени дискусии, како пред многу години.

Сликата е далеку од розова, многу динамики во овој контекст не се надминати, но, сепак, самиот наратив и самите реакции на граѓаните покажуваат дека ако се надминат етничките проблеми, тогаш и дебатата, но и развојот ќе биде различен. Секако СДСМ, под водството на Зоран Заев, тука имаше голем придонес, па се случи и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ да се слави со албанско знаме и за тоа да нема веќе никаков проблем.

Сетете се само што се зборувале и какви сѐ реакции имаше за албанските симболи до пред само неколку години. Освен тоа, самиот предизборен договор на ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата на Албанците, која од „крвничка“ стана „братска“, веќе придонесува политиката да им се обраќа на граѓаните. Тоа беше видливо и за време на кампањата, Алијанса на Албанците во ниту еден момент не играше на етничката карта, ниту, пак, на настаните со Зијадин Села од 27 април, истото важеше и за претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои токму со толеранцијата таргетираа албански гласови.

Од дистанца, резултатите навестуваат дека Северна Македонија, по 30 години независност, можеби влегува во период на позрела политика. Тоа не значи дека прашањата меѓу Албанците и Македонците се до крај расчистени, но ако лидерите на големите политички партии на Македонците изјавуваат јасно и гласно дека се подготвени да го сменат Уставот и да го тргнат изразот „над 20%“, дури изјавувајќи парафразирано, како што рече и Зоран Заев, дека се знае дека над 20% се Албанци, па зошто да не се напише директно Албанци?

Ако видиме дека слично се изјасни и Мицкоски, јасно дека никој нема намера да го наметнува како главен етничкиот наратив. И самите албански партии, впрочем, говореа за мултиетничката реалност, таргетирајќи ги македонските гласачи.

Резултати на изборите

Затоа резултатите на овие избори не се резултати само за партиите, туку за целото општество. Исходот на гласањето беше познат уште пред полноќ, имавме победници и поразени, и европски начин на признавање пораз. Со многу достоинство, прва го направи тоа Теута Арифи од ДУИ, потоа Идри Истрефи од Алијанса на Албанците во Струга и на крај Зоран Заев, кога поднесе оставка и на премиерското и на лидерското место.

Без оглед кој како ги толкува, самите резултати покажаа дека лекција добија сите.

ДУИ, без разлика што тврдат дека освоиле повеќе гласови од сите, веќе нема да ги контролира двата најголеми албански града. Тетово за албанските партии, сакале или не, е како Скопје за македонските партии. А ДУИ нема да го води ниту Гостивар. Па, така целиот Полог, каде што живеат поголемиот број Албанци, нема да биде под контрола на ДУИ. Веќе е јасно дека без соодветен кандидат, кој не е прифатлив за јавноста, на партијата не ѝ се пишува добро на избори.

Поука доби и Алијанса за Албанците, дека гласот против власта, не значи априори дека ќе заврши кај нив. Нивните кандидати во големите градови, или не беа познати доволно за јавноста, или доцна ја почнаа кампањата, и наспроти целиот наратив за промените, нивните решенија не дадоа резултати.

Движењето Беса, иако е морален победник, исто така треба да извлече поука дека само пораки и изјави не носат победи. За тоа е потребна политичка понуда со артикулирани проекти, како што покажа Биљал Касами за време на кампањата.

СДСМ го извлече најдебелиот крај. Нивната лекција е дека не може да не ги зема сериозно критиките, и дека само со плашење на јавноста дека нивните ривали ќе се вратат, не може константно да се добиваат избори.

ВМРО-ДПМНЕ навидум научи дека со националистички наративи нема коалициски потенцијал и врската со Алијанса на Албанците навестува различно однесување во иднина.

Иако е неизвесна разврската на политичката сцена по потресите викендов, главната поука од изборите е дека електоратот еволуира и има јасни барања. Колку побавно и потешко политиката го разбере тоа, толку полошо за неа.