Политичката криза имуна на корона

Колумна на Ана Петрушева

За момент, на самиот почеток од пандемијата, се чинеше дека опасноста од вирусот ќе доведе до промена на обрасците на однесување. Длабоко поларизираната земја ја помина последнава деценија во постојани политички превирања.

Масовни протести, објавување прислушувани телефонски разговори, претседателски помилувања, нов бран протести, високонаелектризирани избори, повторно нови протести што ескалираа со влез на насилната толпа во Собранието. Сево ова му претходеше на формирањето на новата влада на социјалдемократот Зоран Заев кон средината на 2017 година.

Големи беа надежите кога Заев вети дека ќе биде лицето на промените по една деценија авторитарен режим предводен од лидерот на десничарската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Доаѓањето на Заев на власт донесе и големи очекувања, и на домашен терен, и од Запад.

Од него се очекуваше да стави крај на меѓународната изолација и да ја врати земјата на патот кон ЕУ, да ја ослободи „државата од заложништво“, и што е најважно, да го ослободи судството од партиските канџи и да донесе правда.

Како што се регистрираа првите случаи на Ковид 19, злобните политички дебати згаснаа со истата брзина со која рејтингот на инаку непопуларниот министер за здравство растеше

Заев бргу дејствуваше во однос на ветувањето за решавање на повеќедеценискиот спор со Грција, која се спротивставуваше на употребата на името Македонија и ги блокираше обидите на земјата за влез во ЕУ и во НАТО.

Во 2018 година е постигнат компромис со Атина, со тоа што земјата стана „северна“, не само географски, туку и со додаток во името. Договорот беше воспеван од западните сили со ветувања за брзо членство во НАТО и отворање на преговорите за пристапување во ЕУ.

До 2019 година, кога името Северна Македонија беше официјализирано во Уставот, поранешниот премиер Никола Груевски избега во Унгарија, на дел од оние вклучени во насилниот напад врз парламентот им беше дадена амнестија, а Специјалното јавно обвинителство формирано за справување со криминалот и корупцијата што произлегоа од прислушуваните разговори, стануваше сѐ помалку специјално, а сѐ повеќе политичко.

Судењата на високи функционери се одолжуваа додека на осудените поранешни функционери, како министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, им беше дозволено да го одложат издржувањето на затворската казна, ставајќи ги под сомнеж ветувањата за неселективна правда.

Како и да е, се чинеше дека две големи победи се извесни: НАТО го одржа ветувањето за започнување на процедурите за комплетирање на влезот на Северна Македонија како 30-та членка на Алијансата.

Другата победа, на домашен терен, сметана за далеку поважен процес, беше отворањето на разговорите за пристапување кон ЕУ. Сега кога им беше ставен крај на грчките приговори и по ветувањата дадени од високите претставници на Европската комисија, одредувањето датум за преговори од страна на Брисел се чинеше како завршена работа.

Ширењето на пандемијата постепено ги откриваше многуте слоеви на еден систем со длабоки недостатоци

И додека македонските власти не се воздржуваа од предвидувањата, па и од најавите за најраниот датум за преговори, реалноста во ЕУ диктираше поинаков тек. По желба на некои земји-членки, Северна Македонија се врза за Албанија и слабостите на едната, ги стави и двете на црниот список, без оглед на предностите на другата.

Како резултат на тоа, зеленото светло на ЕУ за преговори беше одложено најнапред од јуни 2018 за јуни 2019 година, а потоа за октомври истата година. Тогаш францускиот претседател Емануел Макрон кажа решавачко „не“ за проширувањето, барајќи ревидирана методологија на процесот на пристапување.

Веста беше пречекана со шок и неверица, а подоцна и со лутина и бес, што првично беа упатени кон ЕУ за нејзините лажни ветувања и лицемерие, а потоа кон Заев за промена на името „за ништо“ и наивноста во справувањето со Брисел.

Заев, пак, ја наведна главата и повика на предвремени избори во април 2020 година.

Годината започна со подготовка на бескрупулозна кампања од страна на главните политички партии. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги засили нападите врз социјалдемократите, со дневни обвинувања за корупција, злоупотреба на службената должност и лошо водење на земјата.

Владејачката партија, пак, ги засили наративите дека изборите ќе бидат последната битка со режимот на Груевски, на кои ќе треба да се направи избор меѓу Европа од 21 век или национализам и изолација од 19 век.

Никој не можеше да ги предвиди резултатите. На крајот на краиштата, во 2016 година, по долгогодишните масовни протести, огромните корупциски афери и откритијата дека Груевски го организирал прислушувањето на 20.000 луѓе, ВМРО-ДПМНЕ, сепак, освои над 400.000 гласови.

Но, тогаш се појави пандемијата. Како што се регистрираа првите случаи на Ковид 19, а ТВ-екраните беа преплавени со ужасните вести од Италија, злобните политички дебати згаснаа со истата брзина со која рејтингот на инаку непопуларниот министер за здравство растеше, па достигна неверојатни 80 проценти. Изборите беа одложени на неодредено време.

Обидите на претставниците на опозициската партија да фрлат сомнеж врз владиниот план за борба против пандемијата и нивните понуди за „подобри“ решенија, во голема мера, останаа незабележани и беа отфрлени како невкусни и несоодветни.

Барем за миг, се чинеше дека земјата е обединета во страв, но и верба во способноста на институциите да ја пребродат заканата.

Но, тоа не траеше долго. Ширењето на пандемијата постепено ги откриваше многуте слоеви на еден систем со длабоки недостатоци. Лошо опремениот и крајно неефикасен образовен систем, преку ноќ, ги претвори родителите во наставници со целосно работно време, полицијата и судството не реагираа соодветно за обезбедување на рестриктивните мерки, многумина изгубија работа, а на бизнисот очајно му требаше помош.

Барем за миг, се чинеше дека земјата е обединета во страв, но и верба во способноста на институциите да ја пребродат заканата

Политичарите што флертуваа со поглаварите на православната и на исламската заедница дозволија верски собири, дополнително разгорувајќи го бесот на јавноста, бидејќи најголемиот дел ги следеа ригорозните правила за полициски час. Откако луѓето видоа дека полицијата постапува селективно во различни делови од земјата, сите мерки една по една пропаѓаа.

Социјалните мрежи беа преплавени со сомнителни тврдења во врска со пандемијата како измама, луди теории на заговор, во кои беа вклучени Бил Гејтс и 5Г мрежата.

Медиумите секојдневно пребаруваа по социјалните мрежи и известуваа за големи семејни собири, свадби и матурски забави, додека одговорот на властите се сведе на очајни апели на надлежните што повикуваат на разум и одговорност. Изборите конечно беа закажани за 15 јули.

Во меѓувреме, Северна Македонија стана официјална членка на НАТО и конечно доби зелено светло за отпочнување на преговорите со ЕУ, но помина речиси незабележано.

До моментот кога кампањата и официјално започна, кон крајот на јуни, најголемите партии веќе се вратија на старите тактики. Со забраната за големи собири, кампањата се фокусираше на телевизиите, социјалните мрежи и на помали настани низ земјата.

И додека општеството се подготвува за следен бран на пандемијата, политичкиот фронт ќе се соочи со сосема ново цунами

Изборните резултати покажаа дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се со речиси исти резултати, 46 и 44 пратеници, што соодветно на парламентот со 120 пратенички места, ја згасна идејата дека изборите ќе обезбедат јасен победник и ќе одлучат помеѓу проевропската и националистичката визија за иднината.

Конечното пребројување покажа дека и двете најголеми партии изгубиле по 100.000 гласови. Малиот одѕив не се должеше на стравот на луѓето да гласаат среде пандемија. Причините лежат во фактот што значителен дел од електоратот изгуби верба во своите лидери од целиот политички спектар, уверени дека тие работат за приватни или за партиски интереси, а не за јавното добро.

Иако е далеку од потребното мнозинство од 61 пратеник, СДСМ веројатно ќе формира влада поради слабиот коалициски потенцијал на своите противници.

И додека општеството се подготвува за следен бран на пандемијата, политичкиот фронт ќе се соочи со сосема ново цунами од скапи коалициски условувања, поттикнати од етничкиот апетит на потенцијалните партнери, дополнителни удари на, и така кревката економија, сложени преговори со ЕУ и потенцијална блокада од Бугарија, по барањата на Софија, Македонците да се откажат од својот јазик и од некои историски личности.

Дури и со високата стапка на смртност, сево ова, корона вирусот не може да го стави во втор план.